Припрема на пациентите пред оставање на примерок за микробиолошка анализа
Припрема на пациентите пред оставање на примерок за микробиолошка анализа
Припремата на пациенти за земање на примерок за микробиолошко испитување е од посебно значење, бидејќи може значајно да влијае на резултатите од испитувањето. Сите примероци треба да се земаат пред започнување на антибиотска терапија или неколку дена (најмалку 48 часа) по прекинот на истата.
Брис од фаринкс (грло) треба да се зема наутро, пред миење на забите или земање на храна и вода. Доколку мора да се земе во текот на денот, потребно е да поминат барем 2h од последното земање на храна и пијалоци.
Брис од нос треба да се зема пред примена на антибиотска терапија и барем 3 – 4 часа од последното испирање (издувување) на носот. Најдобро би било за микробиолошки преглед да се собере секрет од носот, особено ако е густ и обоен, бидејќи тоа говори во прилог на бактериска инфекција, за разлика од провидниот и воденкаст секрет кој обично ја прати вирусната инфекција.
При земањето брис од грло и нос кај деца, родителите треба да го држат детето во скут, едната рака да се стави преку двете негови раце, а другата рака да му ја стават на чело и така да се придржува главата додека стручното лице му зема брисеви.
Искашлок (sputum) за микробиолошка анализа најдобро е да се зема наутро, пред земање на храна или испирање на устата со дезинфекциони средства и секако, пред започнување со антибиотска терапија. Устата претходно се плакне со обична вода, која се плука а потоа пациентот искашлува длабоко што повеќе искашлок во стерилен сад. Паралелно со анализата на спутумот треба да се направи и брис на усната шуплина.
Брис од коњуктива за бактериолошка анализа се зема најдобро наутро пред утринска тоалета со навлажнетo брис-стапче во стерилен физиолошки раствор со движење од латерално кон медијално долж внатрешна страна од долниот капак.
Брис од коњуктива за испитување на присуство на хламидија се зема исто наутро пред утринска тоалета со суво брис-стапче со поагресивни движења од латерално кон медијално долж внатрешна страна од долниот капак, да би се земал епителен слој на капакот како би се изолирале хламидиите кое се наоѓаат во истиот.
Уринокултурата е најчестата анализа во микробиологијата. Подготовката за давање на урина за уринокултура е особено значајна кај жените и малите деца. Потребно е миење на надворешните гениталии со млака вода и сапун, така да млазот оди од напред према назад. Потоа кожата да се исуши, без мачкање на било какви креми. Подготовката за давање на урина за уринокултура кај мажите исто така подразбира миење на гениталиите со млака вода и сапун. Особено внимание треба да се обрати кај децата да се врати кожата на препуциумот и потоа да се измие. Бидејќи првиот млаз на урина практично ги одмива бактериите од кожата и бактериската флора од уретрата, во стерилен сад се зема исклучиво средниот млаз, при што е доволно чашата да се наполни до една третина од нејзиниот волумен. Кај децата исто така е пожелно да се обезбедат услови да можат да мократ директно во стерилниот сад, но ако тоа не е можно, исто така треба да се направи хигиена на надворешните гениталии, да се стави кесичка и да се контролира кога детето е мокрело. Кесичката може да биде налепена најмногу 15 минути. Доколку за тоа време детето не уринира кесичката треба да се замени со нова. Кога детето ќе измокри урина во кесичката, доколку е тоа можно да се направи во домашни услови, треба веднаш да се префрли во стерилен сад определен за уринокултура и во што пократок рок (2 часа) да се достави до микробиолошката лабораторија за анализа.
Најдобро е, примерокот на урина да се зема наутро, така што пациентот во текот на ноќта не уринира пред да ја даде урината. Со оглед на тоа дека урината е добра хранлива подлога за развој на бактерии, треба што побрзо да се достави во лабораторијата или да се чува во фрижидер додека да се однесе во лабораторија. Доколку хигиената на гениталиите не е добро извршена или ако урината стоела долго време на собна температура во културата ќе се појават голем број на мешани бактерии од кожната, вагиналната или цревната флора. Доколку пациентот во текот на ноќта повеќе пати има уринирано и доколку нема поминато повеќе од 4 часа од последното уринирање, бројот на изолираните бактерии во урината може да биде помал од реалниот или доколку се работи за мал број на бактерии може и да не бидат изолирани.
За испитување на присуство на хламидија, микоплазма или уреаплазма во урината потребно е да се даде првиот млаз (прв утрински млаз) кој обично ги собира епителните клетки на уретрата во кои се наоѓаат овие микроорганизми. Ова најмногу се однесува на мажите, бидејќи кај жените за изолација на овие микроорганизми се зема цервикален брис.
При сомнеж на уретритис било да е предизвикан од бактерии, хламидија, микоплазма или уреаплазма, се зема уретрален брис и тоа наутро пред мокрењето, а ако тоа не е можно, тогаш кога било во текот на денот, но така да помеѓу последното мокрење и земањето на брисот поминат најмалку 2 часа.
Вагинални и цервикални брисеви – Пациентката не би требало да има сексуални односи 24 часа пред земањето на брисевите. Овие брисеви се земаат од страна на стручно, компетентно, лице (гинеколог).
За спермограм анализа неопходна е апстиненција во траење од 3 – 5 дена. Примерокот од сперма се дава во лабораторија или се носи во лабораторија во специјални транспортни куфери на 37°C во рок од 20 минути.
За спермокултура пациентот пред давање на примерок од сперма треба да уринира.
Поради следливоста и точноста на толкување на наодите најсодветно е истовремено да се земат, за микробиолошка анализа, урина, брис од уретра и спермокултура.
Брис од рана најдобро е да се земе пред и после преврската (хируршка обработка на раната), да би се добил податокот за длабочината на постоечката инфекција.
Материјал фецес за бактериолошко испитување се доставува во микробиолошка лабораторија во стерилен сад во што пократок временски период, не подолго од два часа. Доколку не може да се стаса во овој временски период во лабораторијата примерокот фецес треба да се транспортира во фрижидер.
Перианален-целофански бриc – Тоалета се прави навечер пред спиење. Материјалот се зема наутро, по будењето, пред тоалета и мокрење со помош на 5-7 cm проѕирна, леплива лента (селотејп), која внимателно се лепи на аналните набори, а потоа се залепува на предметно стакленце, без да се допрат рабовите и без меурчиња од воздух. Истата постапка пожелно е да се повтори три последователни утра и донесе во лабораторијата како три различни примероци.
Материјалот кој стасува во микробиолошката лабораторија на ПЗУ Ре-Медика се обработува веднаш по приемот во лабораторијата со што се добива прецизна слика за реалната здравствена состојба на нашите пациенти. Со ваква организација на работа се намалува можноста за сушење на брисевите земени од соодветни локализации, зголемување на бројот на бактериите во стерилните излачевини како што е урина, пунктат и многу други.
Стручниот тим на микробиолошката лабораторија е во тек на цело работно време достапен за совети и консултации со пациенти. Микробиолошките анализи не се закажуваат и можат да се извршат во било кој временски период во тек на работниот ден од 8.00 до 21.00 часот.