Шеесетгодишниот Киро Бумбов почна да се движи и шеташе на Oдделот за интензивно лекување еден час по завршената торакоскопска операција на белодробното крило, направена преку мал порт (влез) со големина од 1 до 3 сантиметри и со помош на камера, а третиот ден од приемот си замина дома. Д-р Борче Антевски и д-р Наташа Толеска Димитровска, торакални хирурзи, консултанти во Ре-Медика, го оперираа поради булозен емфизем.
Бумбов, со кого се сретнавме на редовната контрола, вели дека се чувствува одлично.
– Презадоволен сум и од лекарите и од останатиот медицински персонал. Ова е моја втора операција, поточно поради истата причина прво ми беше оперирано едното, а потоа другото белодробно крило. Среќен сум оти довербата ја доделив на овие лекари и на Ре-Медика – вели Киро.
Неговата сопруга, Сузана, која го придружуваше на контролата, објасни дека лекарите со првата операција буквално го спасиле од критична медицинска состојба.
– Целото наше семејство се лекува во Ре-Медика и верувам дека така ќе остане – вели таа.
Д-р Антевски вели дека, поедноставено, кај Бумбов е направена интервенција поради оштетени бели дробови, формации во белите дробови во форма на меури, чие прскање може да значи животозагрозувачка состојба.
– Операцијата е извршена со помош камера и мал рез, торакоскопски, што се нарекува VATS – видео асистирачка торакоскопска хирургија, и тоа со еден еден порт. Минимално инвазивната хирургja значи помала болка и побрзо закрепнување. Нашиот пациент се движеше веднаш по операција, а третиот ден беше пуштен дома. Ме информираше дека за една недела се вратил на работа, зашто тоа му го дозволувал видот на работата – вели д-р Антевски.
Д-р Толеска објасни дека овој тип на оперативен пристап е пософистициран и со поголем бенефит за пациентот.
– Наспроти торакотомијата, отворениот пристап, кој е поболен, го ограничува пациентот и го одложува враќањето на секојдневните активности со недели, минимално инвазивниот пристап е со бројни предности како за пациентот така и за хируршкиот тим – вели таа.
Последната недела кај пациент со карцином на бел дроб, од страна на лекарскиот тим, беше изведена интервенција со VATS-пристап и беше направена лобектомија со отстранување на лимфните јазли.