Само еден час од крајот на отворена операција на градниот кош, 76-годишната Катина Маџунова од Велес застана на нозе и се движеше во собата за интензивна нега во Ре-Медика. Четвртиот ден од интервенцијата си замина на домашно лекување. Д-р Борче Антевски и д-р Наташа Толевска Димитровска, торакални хирурзи, консултанти во Ре-Медика, кои изведоа горна лева лобектомија со лимфаденектомија (отстранување на половина од левото белодробни крило и регионалните лимфни жлезди) се задоволни од исходот на интервенцијата.
Со Маџунова се сретнавме две недели по операцијата, на една од редовните контроли.
– Се чувствувам добро. Задоволна сум од негата. Мора да бидам добро – вели Маџунова, која ќе продолжи со лекувањето кај специјалистите онколози.
Д-р Антевски објаснува дека е направена отворена операција на градниот кош, која се смета за потешка за пациентите, поради карцином на белиот дроб.
– Со операцијата е отстрането половина од левото белодробно крило и околните жлезди. Жената е возрасна и има други коморбидитети, па сметаме дека е голем успех да се стане еден час по операција. Таа четвртиот ден си отиде дома. Ова се дел од најтешките операции во торакалната хирургија. Има пациенти кои долго лежат во болница – вели д-р Антевски.
Брзата мобилизација на пациентката, вели д-р Толеска Димитровска, се должи на хируршкиот ангажман, интраоперативното аплицирање на блокови во градниот кош, но и на состојбата на пациентката.
– Овде нема постоперативни инфекции, одлична е физикалната терапија има максимална посветеност на персоналот – додава д-р Антевски.
Ре-Медика на Катина Маџункова и посакува целосно успешно лекување.