Подготовка на парот за ИВФ постапка
Подготовка на парот за ИВФ постапка
На првиот закажан преглед потребно е да ја носите целокупната документација од сите претходни дијагностичкo-терапевтски интервенции поврзани со инфертилитетот. Оваа средба претставува Ваше воведување во ИВФ постапката во која ќе ви бидат дадени основните информации како и листата за потребните документи за програмот за асистирана репродукција.
- ПАП тест не постар од 1 година – овој тест дава информација за постоењето на атипични промени или инфекции.
- Колор доплер ехо на матка и јајници – со цел детална евалуација на крвоснабдувањето на герминативниот трак како и постоење на миоми или полипи.
- Испитувања на матката и јајцеводите HSG, HSS, HSC, 4-0 VUZ- тест кој ќе даде информација за проодноста на јајцеводите и анатомијата на матката и постоење на септум.
- AMH – хормон кој е директно поврзан со оваријални резерви и влезот на жената во менопауза
- Статус на репродуктивните хормони на трет ден од циклус : FSH, LH, Estradiol, Prolaktin и во лутеална фаза Progesteron.
- Исто така потребни се испитувања на TSH, Т3 и T4.
- Крвна група и Rh -фактор за двајцата партнери
- скрининг (тест за HIV, Хепатитис B и C) за двајцата партнери, не постар од 1 година.
- Микробиолошки брисеви (брис од вагина, брис од цервикс, брис за хламидија, брис за уреоплазма и микоплазма) не постари од 6 месеци.
- Потребен е спермограм и спермокултура со цел дијагноза и евалуација на машкиот фактор.
- Венчален лист или нотарски заверена изјава за вонбрачна заедница.
Откако ќе се обезбедат сите овие документи парот е подготвен за процесот. Инвитро- постапката може да се одвива на товар на Фондот за здравствено осигурување на РСМ или со приватно финансирање. Секој граѓанин на РСМ кој е во постојан работен однос, има здравствено осигурување и ги задоволува останатите критериуми може да аплицира за ваучер во ФЗОРСМ. Постапката за апликација се спроведува преку матичниот гиниколог кој со образец поднесува барање до државна комисија за разгледување на документите на пациентите и одобрување според медицински индикации. По добивањето на ваучерот пациентите се должни да ја започнат постапката во рок од 6 месеци. Со почнувањето на процесот за ИВФ паровите треба да достават упат од матичен гинеколог и копија од здравствена книшка.
Реализација
По целосниот увид на Вашата документација гинекологот го одредува најсоодветниот протокол за стимулација, како и времето за започнување на истиот. Медицинската сестра од ИВФ одделот ќе ви го објасни начинот на примање на терапијата и понатамошниот тек на следење на индуцираниот циклус. Постојат различни протоколи и терапија за стимулација, затоа внимателно слушајте ги инструкциите. Првиот Ваш чекор е да ја информирате медицинската сестра за Вашиот следен циклус. Доколку имате проблем со редовноста на менструалниот циклус треба да не информирате за да ви биде одредена терапија за регулирање на циклусот. Медицинската сестра ќе ви даде и контакт телефон за подобра координација, како и за да ја известите за првиот ден кога ќе добиете циклус.
Следење на ИВФ стимулиран циклус
Тоа е процес кој трае 2 недели од кога ќе почне индукцијата на овулација до денот на пункцијата на јајце клетките. Во овој процес сте под континуиран надзор од медицинскиот тим преку контрола на хормоналниот статус и УЗ преглед на секои 3-4 дена. Сите овие временски интервали се варијабилни и менливи во зависност од протоколот за стимулација кој ќе се избере за пациентката.
Закажување на интервенцијата
Кога јајце клетките (фоликулите) ќе достигнат одредени димензии и зрелост, по проценка на докторот според ултразвучниот преглед и нивото на хормони (естрадиол и LH) се закажува датумот на пункција на фоликулите. Крајните инструкции за примање на терапијата се исто толку важни, а истите ќе ви бидат објаснети од докторот или медицинската сестра. За самата интервенција потребна е посебна припрема на парот за ИВФ пункција.
Пункција на јајце клетки
На денот на колектирање на јајце клетките ќе бидете хоспитализирани рано наутро. Ве молиме да бидете гладни и жедни поради примањето на анастезијата. При пристигање, Ве молиме пријавете се на пултот на болницата, од каде медицинска сестра од ИВФ одделот ќе ве прими за да потполните и потпишете одредени потребни документи и согласности за ИВФ. Секако сестрата ќе Ви даде и психолошка подршка и ќе Ви одговори на Вашите прашања пред интервенцијата. Ќе бидете сместени во ИВФ одделот каде ќе Ве посети ембриологот, анестезиологот и Вашиот гинеколог. Интервенцијата вообичаено се прави со целосна краткотрајна интравенска анестезија, а самата процедура трае од 10-15 минути. Во текот на интервенцијата и после истата, се дава антибиотска и аналгетска терапија. По завршетокот на процедурата ве враќаме во креветот во Вашата соба, за да се опоравите од интервенцијата. Може краткотрајно да се чуствувате зашеметено и да имате чувство на гадење поради анестетикот, за што може да ви биде дадена терапија. Времето за обсервација варира од пациент до пациент. Кога сестрата од ИВФ одделот ќе оцени дека Вашата состојба е стабилна ќе бидете отпуштени и ќе Ви биде објаснета понатамошната терапија по шема што треба да ја примате по интервенцијата. Исто така ќе Ви бидат дадени инструкции за одредени состојби по пункцијата.
Ден после пункцијата
Ако сте биле во IVF / ICSI програмата, резултатите од фертилизацијата ќе Ви бидат соопштени следното утро. Ќе контактирате со ембриологот и ќе ги дискутирате резултатите и финалната одлука за ембрио трансферот и евентуално замрзнување на останатите ембриони. Ве молиме задолжително запишете го вашиот телефонски број и бидете достапни за контакт.
Ембриотрансфер
Ембриотрансфер процедурата вообичаено се одвива 3 до 5 дена по пункцијата на јајце-клетките. Анестезија вообичаено не е потребна, бидејќи се работи за релативно едноставна безболна процедура со која ембрионите внимателно се пласираат во матката со помош на тенок катетар. За самата процедура потребна е соодветна припрема за ембриотрансфер. Би било добро ако може пациентката да има полн мочен меур за време на процедурата, за да може да се работи под контрола на абдоминален ултразвук, со што се овозможува идентификување на позицијата на катетарот во матката. После ембрио трансферот следува мирување во ИВФ одделот, а потоа можете веднаш да заминете дома. Сестрата ќе Ви даде инструкции за понатамошната терапијата по шема, како и за строго мирување во наредните три дена. Тестот за бременост се изведува после 14 дена од ембриотрансферот. Се зема венска крв и резултатите се добиваат за 1-2 часа.