Ре-Медика е првата приватна општа болница во Република Македонија, основана на 7 ми април 2005 година.
+389 72 443 200

Поврзани новости

+389 72 443 200
Секој ден - 24/7 16-та Македонска Бригада бр.18, 1000 Скопје

Прекрасно е кога ја чувствувате поврзаноста со пациентите

Д-р Наде Петановска, радиодијагностичар, шеф на Одделот за радиологија

Прекрасно е кога ја чувствувате поврзаноста со пациентите

Со задоволство можам да кажам дека работам со компактен тим кој е исклучително стручен во својата работа. За сето тоа така да функционира заслужни сме сите ние, но и атмосферата на соработка и професионалниот однос во целата болница, радиолошки технолози со едукација и долгогодишно искуство во работата, вели, д-р Наде Петановска, радиодијагностичар, шеф на Одделот за радиологија

Како Одделот за радиологија придонесува за целокупниот успех на болницата и грижата за пациентите?
– Основата на дијагностичкиот оддел на секоја болница е радиолошкиот дел. Во нашата болница, радиолошкото одделение постои од нејзиното отворање и опфаќа конвенционална рендген дијагностика, мобилен РТГ-апарат кој се користи во операционите сали, во болничка и интензивна нега, компјутерска томографија и кабинет за дијагностика на болести на дојка. Одделот функционира амбулантски во две смени и дежурства и повици, што значи постојано сме на располагање на амбулантските и болничките, лежечки, пациенти.
Во склоп на нашата болница функционира и Ре-Медика Струмица, во која постои комплетен радиолошки оддел со конвенционален РТГ-апарат, мамографија, ултразвук и апарат за магнетна резонанца.
Работата на сите оддели во болницата се директно поврзани со радиолошкиот оддел. Без прецизна и точна дијагноза, поставена и со помош на нашите снимања, прегледи и биопсии, не би можеле да се извршат понатамошните процедури – терапии или оперативни интервенции. Посебноста на нашата болница е во тоа што нашиот оддел е во секојдневна и директна комуникација со преостанатите оддели и со колегите кои ги испратиле пациентите на снимање. При интервентните процедури, биопсиите, сме во директна комуникација со Одделот за патологија, а со предоперативните бележења под контрола на ултразвук или мамографија ја олеснуваме работата на хирурзите за прецизна локализација на промените кај кои хируршки интервенираат. Овој начин на работа и соработка е препознаен и од нашите пациенти и сметам дека е основа на успехот на нашата болница во целост.

Како ја интегрирате новата технологија и иновациите во работата на одделот?
– Снимањата се изведуваат на најсовремени РТГ (снимања на сите органи, панорамска графија на ‘рбет со единствен таков апарат во Македонија), компјутерски (вклучувајќи и виртуелна бронхоскопија и колоноскопија, ангиографии и коронографии) и ултразвучни апарати (ултразвик на дојка, абдомен, тироидна жлезда, врат и сите достапни регии на телото), мамографија.
Покрај стандардните снимања се изведуваат и интервентните процедури – биопсии на многу органи под контрола на ултразвук или компјутер.
За добрата работа на одделот, покрај специјализиран и обучен кадар (работат три доктори специјалисти радиолози и четворица радиолошки технолози), потребни се и квалитетни РТГ-апарати.
Од самото основање на болницата одделот почна да работи со тогаш најсовремената апаратура. Во целиот изминат период апаратурата континуирано се обновува и заменува со посовремена и поквалитетна. Оваа година се набавени нов дигитален РТГ-апарат и мобилен дигитален РТГ-апарат од најновата генерација. Со тоа се овозможува да се добие подобра слика, брза и точна дијагноза, а самите снимања да се побезбедни и безопасни за пациентите поради што се изведуваат со минимална зрачна доза.

Какво е вашето професионално искуство, дали сте задоволни од функционирањето на тимот?
– Работата во радиодијагностиката е тимска. Тоа подразбира заедничка работа на радиолошките технолози кои се обучени во извршување на снимањата и радиолошките процедури, и докторите радиолози кои ги користат тие снимки за анализа и поставување на дијагноза. Уште повеќе таа соработка и заедничка работа се гледа во изведувањето на интервентните радиолошки процедури.
Со задоволство можам да кажам дека работам со компактен тим кој е исклучително стручен во својата работа. За сето тоа така да функционира заслужни сме сите ние, но и атмосферата на соработка и професионален однос во целата болница, радиолошки технолози со едукација и долгогодишно искуство во работата.
Специфично за нашата работа е зависноста од следење на брзиот напредок на технологијата и апаратурата, особено видлива во етаблирање на нови методи во радиодијагностиката. Поради тоа, на нашите вработени им е овозможено следење и учење на новитетите преку посета и учество на школи, курсеви и конгреси насекаде во светот, а со цел тоа да го имплементираме во нашата работа и на сите наши пациенти да им овозможиме услуга на највисоко ниво.

Вашата основна дејност е во кабинетот за дијагностика на болестите на дојка. Дали може да се каже дека расте свеста за превентивните прегледи кои може да значат живот?
– Радиологијата се перцепира како дијагностика со црно-бели слики. Би сакала сега да ви ја претставам во еден друг „поколоритен“ аспект од моето долгогодишно искуство со пациентите. Во кабинетот ги изведуваме сите потребни дијагностички процедури: мамографија, ултразвук, галактографии, биопсии на дојка. За разлика од другите делови на РТГ-одделот, овде прегледите и контактите со пациентите се подиректни, полични. На преглед доаѓаат симптоматски пациентки (со некаков проблем) и асимптоматски пациентки, на рутински редовни прегледи.
Со задоволство можам да кажам дека сè повеќе се развива навиката за превентивен редовен годишен преглед на дојките. Го разбирам стравот на секое доаѓање на превентивен преглед, кога ние кај жена без никаков симптом бараме знаци за рак на дојка. Но, сиот тој стрес поминува и олеснувањето е големо кога на нашите прегледи нема да се открие ништо сомнително. Го разбирам и стравот од секоја наредна контрола, но сум најзадоволна кога повторно се гледаме на закажаниот преглед следната година.
Од друга страна, моментот кога обичниот, редовен, рутински преглед ќе се претвори во ноќна мора верувајте не го одминува ни докторот. Она што е значајно, кога прегледот е редовен, е што откриените тумори се со мали димензии, во почетна фаза и тоа се обидуваме да им го објасниме на пациентките. Искреноста и отвореноста во тие моменти е од голема корист за прифаќање на лошата дијагноза и е клучна во градењето доверба лекар-пациент.
Прекрасно е чувството кога ја чувствувате поврзаноста со своите пациенти, и тоа е мотивот што ме води целосно и со најголемо задоволство да се посветам на мојата работа.

Каква порака би им пратиле на пациентите?
– Им препорачувам да се информираат и да ги прават прегледите во етаблирани и стручни установи, каква што е нашата во Ре-Медика, во која работи тим од радиолози и радиолошки технолози со едукација и долгогодишно искуство во работата на современи и безбедни апарати.
Сакам да ја нагласам важноста од правилно направената панорамска графија на ‘рбетот, затоа што тоа најчесто се изведува кај деца кај кои важат посебни критериуми при рендгенските снимања.
На крајот сакам уште еднаш да ја нагласам важноста на превентивните прегледи на дојка кои исклучиво треба да ги изведува обучен специјалист радиолог со проверено искуство во таа област. Бидете одговорни кон своето здравје и следете ги нашите препораки за редовни прегледи.

en_USEnglish