Ре-Медика е првата приватна општа болница во Република Македонија, основана на 7 ми април 2005 година.
+389 72 443 200

Поврзани новости

+389 72 443 200
Секој ден - 24/7 16-та Македонска Бригада бр.18, 1000 Скопје

Дваесет години доверба е чест и поттик

Проф. д-р Александар Митевски, медицински директор на Ре-Медика

Дваесет години доверба е чест и поттик

Две децении сме здравствен партнер на нашите пациенти. Со професионализам и со постојано стручно и технолошко надградување Ре-Медика е и ќе биде она што треба да биде – една современа болница, во вистинска смисла на зборот, вели проф. д-р Александар Митевски, медицински директор на Ре-Медика и шеф на Одделот за хирургија

Како медицински директор, Ре-Медика ја водите околу две години. Како се чувствувате по повод прославувањето на 20-годишнината на болницата?
– Иако две години се наоѓам на местото медицински директор, веќе осум години сум дел од Ре-Медика и ми претставува големо задоволство и чест што сум на таква позиција во една реномирана куќа, која оваа година го слави својот 20-ти роденден. Не ме изненадува воопшто тоа што Ре-Медика веќе 20 години успешно и со сигурност гради една слика за тоа каква треба да биде една болница во денешно време, во вистинска смисла на зборот.

Какво е вашето досегашно искуство како медицински директор на првата приватна општа болница?
– Можам да кажам дека работата како медицински директор во Ре-Медика е многу едноставна. Болницата има поставени стандарди и има веќе стекнати навики во самата куќа, што многу ја поедноставува работата. Иако на почетокот беше предизвик да се прифати позицијата која носи голема одговорност, самата системска поставеност на обврските, должностите и одговорноста на вработените значително го олеснува менаџирањето со сите состојби во самата болница.

Како се справувате со предизвиците во управувањето со болницата и како ги мотивирате вашите колеги?
– Поголем дел од работата на медицинскиот директор се состои од решавање на професионалните предизвици, најчесто третман на одредени состојби и прогноза во однос на состојбите на пациентите, за кои е потребен мултидисциплинарен пристап. Конзилијарните средби и презентирање на состојбите на пациентите се дел од работата, во исто време и ни овозможуваат напредок во однос на третманите и можностите кои ги нудиме на пациентите. Помал дел од предизвиците и обврските како медицински директор се состои од систематизацијата и прераспределбата на кадарот со кој располагаме. Самата можност за напредување во болницата, како професионално со доедукација, но и промена во позициите, овозможува висока мотивираност на целиот медицински персонал.

Како ги одржувате професионалните знаења и вештини на ниво со најновите достигнувања и трендови во медицината?
– Цел на секоја медицинска установа претставува високата професионална едукација на медицинскиот кадар и вештини кои ќе овозможат добра клиничка практика во институцијата. Континуираната едукација, присуство на научни собири и секако објавување на трудови се дел од постојаниот стремеж на сите медицински работници во Ре-Медика за повисоки стандарди и достигнувања. Дел од кадарот, исто така, учествува и во научно-наставните процеси на еден од државните универзитети.
Се посветува и внимание на внатрешно институционално споделување на стекнатите знаења и нивна презентација, што уште повеќе го подигнува нивото на професионалност во нашата институција.

Какви се вашите цели и визија за иднината?
– Често се слушаат термините „добра клиничка практика“ и „високи стандарди на третман и нега“ за кои може нескромно да кажам дека се правила по кои се владееме во Ре-Медика. Но, за да се постигнат, треба системски да се работи за да го донесеме надоброто во стандардната нега за одредена состојба. Тоа се постигнува со почитување на поставените протоколи за болестите кои се третираат и се, секако, меѓународни протоколи кои се изведени од добра клиничка практика и од медицината базирана на докази. Со неколку реченици, за да имате високи стандарди е потребно да се воведат и да се почитуваат поставените протоколи, да се следат промените на истите и да се обезбедат услови, техничка поддршка и едуциран кадар за нивно спроведување.

Работата и како медицински директор и како хирург сигурно е полна со предизвици. Како ги балансирате професионалните и личните обврски, што ви помага да го одржувате менталното и физичкото здравје?
– Современиот начин на живот и работните обврски бараат брзо темпо на функционирање, постојан проток и анализирање на голем број информации. Секако, самата област хирургија бара и физичка кондиција за да може да одговорите на предизвиците со кои секојдневно се среќаваме. Големата поддршка од семејството е секако дел од потребната енергија за да може да се издржи современото темпо на живеење.
Како голем вљубеник во природата и, секако, во убавините на Македонија, голем дел од слободното време го поминувам во природа. Често со фамилијата или со дел од моите пријатели со кои ја делиме истата љубов.
Не сум вљубеник во големи градови, па повремено посетуваме некои од европските помали места, каде што може да се осети вистинскиот дух на нацијата или специфичните карактеристики на културата на државите кои ги посетуваме.

Што им порачувате на вашите пациенти, медицинскиот персонал и заедницата по повод оваа значајна годишнина?
– Честит роденден на нашата и ваша болница Ре-Медика. Честит јубилеј. Беше и останува предизвик да и служиме на нашата заедница како сериозна болница, да се грижиме за континуираниот напредок, здравје и благосостојба на сите кои сме дел од неа. Чест ни е што бевме ваш здравствен партнер изминативе 20 години, обезбедувајќи врвна услуга и иновативни медицински решенија. Ви благодариме за дадената доверба и поддршка, се радуваме и се надеваме на натамошна соработка во годините што претстојат.
Благодариме што сте дел од нашето семејство.

en_USEnglish