Ре-Медика е првата приватна општа болница во Република Македонија, основана на 7 ми април 2005 година.
+389 72 443 200

Поврзани новости

+389 72 443 200
Секој ден - 24/7 16-та Македонска Бригада бр.18, 1000 Скопје

Стекнатата доверба се проширува, 20 години врвна медицинска нега

Д-р Звонко Крстевски, aнестезиолог, шеф на Одделот за анестезија и интензивна нега

Стекнатата доверба се проширува, 20 години врвна медицинска нега

Од самиот почеток Ре-Медика ја стекна довербата со вниманието кое се посветува кон сите пациенти подеднакво, со беспрекорната нега и лекување, и пред сè грижата. Еднаш стекнатата доверба се проширува. Јас од самиот почеток велев дека ако на пациентите им обезбедиме врвна медицинска грижа, тогаш тие тоа ќе го согледаат и ќе ни доаѓаат повторно, што и се докажа како точно сиве овие години, вели д-р Звонко Крстевски, aнестезиолог, шеф на Одделот за анестезија и интензивна нега

Во годината кога Ре-Медика одбележува 20 години постоење, каква е за вас големата слика за болницата, нејзиното растење и успеси, со оглед на тоа дека како анестезиолог и шеф на Одделот за анестезија и интензивно лекување сте дел од неа уште од самиот почеток?
– Предноста што Ре-Медика успешно работи веќе 20 години е можеби во тоа што од самиот почеток започна со примена на највисоки стандарди во лекувањето на пациентите, со користење на најсовремени техники за дијагноза, третман и оператива, континуираното осовременување на истите и следење на модерните медицински протоколи. Од самиот почеток Ре-Медика ја стекна довербата со вниманието кое се посветува кон сите пациенти подеднакво, со беспрекорната нега и лекување, и пред сè грижата. Еднаш стекната доверба се проширува така што имаме пациенти кои од почетокот, па и сега по многу години ни се враќаат за свои или медицински проблеми или интервенции и на своите најблиски.
На Денот на здравјето, на 7 април 2005 година, Ре-Медика започна да работи и успехот во работењето го одржи до ден-денеска, иако од почетокот имаше многу скептици кои мислеа дека како прва приватна општа болница во Македонија ќе има проблеми. Јас од самиот почеток велев дека ако на пациентите им обезбедиме врвна медицинска грижа, тогаш тие тоа ќе го согледаат и ќе ни доаѓаат повторно, што и се докажа како точно сиве овие години.
Честопати сте нагласувале дека тимската работа е во основата на професионалното работење.

Како го организирате тимот за да обезбедите висококвалитетна грижа за пациентите?
– Во 1983 година, по завршувањето на медицинскиот факултет започнав да волонтирам на Одделот за анестезија и интензивно лекување при Хируршките клиники на Медицинскиот факултет – Скопје и ја увидов важноста на тимската работа во медицината. Правилната дијагностика и откривање на медицинскиот проблем кај пациентите, третманот или хируршката интервенција и постоперативното интензивно лекување и нега, сето зависи од заедничката работа на голем број медицински специјалности кои, секој од своја страна, учествува во третманот на пациентот.
Овој принцип на работа го вклучивме од самиот почеток на работата на Ре-Медика. Брзата дијагностика по првичниот преглед на пациентот, со тимски пристап и вклучување на сите специјалности, од интернисти, хирурзи, гинеколози, анестезиолози, микробиолози, педијатри, радиолози, трансфузиолози, биохемичари и други, е од огромно значење за да се постави правилна дијагноза, а потоа брзо да се третира или кај пациентот да се изврши хируршка интервенција. А за оператива, Одделот за анестезија и интензивно лекување при Ре-Медика беше од најважните делови во третманот, со висок стандард на мониторинг, анестезија и постоперативен третман, каде што пациентот се прегледува пред самата интервенција, се подготвува и додијагностицира во зависност од неговата здравствена состојба и од други заболувања, му се обезбедува најсигурна анестезиолошка техника за операцијата, а постоперативно се следи или интензивно се лекува во зависност од тежината на медицинскиот проблем во Единицата за интензивно лекување. Таму се вклучени сите потребни специјалности за да може пациентот најбрзо да се стабилизира и мобилизира, со потенцирање и на потребата за соодветно обезболување, во текот на целиот престој, а и потоа кога ќе се отпушти од болница. Анестезиолошкиот оддел соработува со сите, како еден тим за побрзо оздравување на пациентот.

Кои се најчестите процедури што се работат во одделот, со оглед на тоа дека индивидуалниот пристап кон секој пациент е една од спецификите на Ре-Медика?
– Ре-Медика има капацитет и технички можности за изведување на сите видови хируршки операции, иако засега доминантни ни се интервенции од абдоминалната хирургија, гинекологија и акушерство, педијатрија, ортопедија и трауматологија, пластична и реконструктивна хирургија, ОРЛ-хирургија, урологија, торако-васкуларна хирургија.
Болницата обезбедува висок стандард на третман и нега на сите наши пациенти. Посебна грижа се води за најмалите пациенти, кај кои правиме сè да немаат лошо искуство при прегледите, а особено при операциите, на тој начин што ги внесуваме во сала со добра премедикација, да бидат смирени, а еден од родителите е покрај нив додека ги заспиваме и истите се покрај нив и кога се будат.
Исто така, посебен третман имаме и кон родилките за кои обезбедуваме соодветно обезболување и поткрепа. Кај сите анестезии се применува најсовремен мониторинг и анестезиолошка техника, кои ќе обезбедат сигурен сон или обезболеност, добар тек на операција и добро будење, како и постоперативна нега.

Што е потребно за да се одржи чекорот со современите текови на анестезиологијата и интензивното лекување?
– Кога пред 20 години ми беше понудено да бидам шеф на Одделот, единствен предуслов кој го барав беше да се создаде болница која е по теркот на сите стандарди на модерната медицина, која ќе се опреми со најсовремена медицинска опрема и која ќе работи по најновите стандарди во дијагностиката, третманот и оперативата за нашите пациенти. Сето тоа се обезбеди и болницата од самиот почеток работи со обучен професионален медицински персонал, со најсовремена опрема која континуирано се возобновува во зависност од технолошките промени, и по најсовремени протоколи за лекување и со најнови оперативни техники.
Нашиот Оддел за анестезија и интензивно лекување го одржува чекорот со современите текови во медицината. Анестезиолозите и анестетичарите константно одат на усовршувања, учествуваат на конгреси и секции за да се запознаат и применат најнови техники за анестезија, најсовремени протоколи во интензивното лекување и по најнови стандарди.
Опремата постојано ја осовременуваме и заменуваме со најновите генерации на анестезиолошки апарати, со нови монитори, вентилатори, најнови анестетици.
А тоа се прави за нашите пациенти да добијат најдобра анестезиолошка техника и интензивно лекување и да си појдат кај најблиските здрави и задоволни од дадената медицинска нега и грижа.
Ре-Медика започна со сериозен пристап на работа и истиот го одржува до ден-денес за добробит на нашите пациенти и клиенти.

en_USEnglish