Се гордеам кога името на Ре-Медика стои до имињата на дерматолошките светски центри
Доц. д-р Наташа Теовска-Митревска, дерматовенеролог
Се гордеам кога името на Ре-Медика стои до имињата на дерматолошките светски центри

Во секојдневната практика, кога ги применуваме најдобрите и најновите медицински методи и алатки, гледам како пациентите добиваат видливи и успешни резултати, што ме исполнува со гордост и задоволство. Секој напредок што го постигнуваме како тим е доказ за важноста на примена на светските стандарди кои треба да бидат достапни за секој пациент, без разлика на неговата локација, вели доц. д-р Наташа Теовска-Митревска, дерматовенеролог во Ре-Медика
Какво е вашето професионално искуство во првата приватна општа болница Ре-Медика?
– Во изминатите 20 години работам како дел од тимот на првата приватна општа болница Ре-Медика. Моето искуство започна како магистер по jавно здравство и продолжи кон дерматовенерологијата. Моето професионално патување започна со предизвици и неизвесности, како што тоа е случај за многу млади лекари. Влегувајќи во светот на дерматовенерологијата, се соочив со многу прашања и стравови, бидејќи не постоеше јасен водич што ќе ме воведе во научниот аспект на оваа специјалност.
Во тие први чекори, една од најголемите поддршки што ја имав беше од страна на мојата колешка, прим. д-р Лидија Бисеркоска-Атансовска, која безрезервно ме водеше и ме учеше во сите фази на моето професионално изградување. Благодарение на нејзината посветеност и стручност започнав да ги развивам и моето знаење и мојата самодоверба во оваа област. Со текот на времето развив моја лична стратегија за професионален раст, што вклучуваше не само клиничка работа, туку и активно учество во научни истражувања и едукација. Низ годините имав можност да учествувам во различни едукации и да го надградувам моето знаење, нудејќи им на пациентите најсовремени третмани и грижа.
Завршив докторски студии по клиничка медицина – дерматологија и воедно истражувањето е правено во мојата болница. Низ годините мојата кариера растеше надвор од Р.С. Македонија како едукатор за ласери и радиофреквенција. Посетив и едуцирав многу центри за дерматологија и естетикa, а бев поканета и како предавач на многубројни семинари, симпозиуми и конгреси во земјата и надвор од неа. Кога ќе погледнам назад можам да кажам дека имам повеќе од 30 стипендии, добитник сум на неколку награди, работам како напреден тренер за ласерот „Фотона“, тренер за „Морфеус 8“, претставник сум за Македонија на Интернационалната унија за сексуално преносливи болести, дел сум и од Европскиот борд кој учестува во протоколите за сексуално преносливи болести, дел сум од протоколот за уртикарија, како аудитор и дел од одборот на „Гален“ за Денот на уртикарија. Исто така, потпретседател сум на Македонското здружение за сексулно преносливи болести, интернационален секретар во Македонското здружение за дерматовенерологија, а истовремено сум и доцент на Интернационалниот балкански универзитет и доцент на Канадскиот борд за естетска медицина, преставник на „Кост-Европска соработка во науката и технологијата за 3Д-кожа“, проект поддржан од Европската Унија.
Што сè се работи на Одделот за дерматовенерологија во Ре-Медика?
– Во Одделот за дерматовенерологија се нудат дијагностика и третман на многубројни дерматолошки состојби, од акни и егземи до хронични заболувања, сексуално преносливи инфекции, дерматотонкологија и естетика.
Одделот за дерматологија е на картата на мрежата „Гален“ како центар за одличност и рефрентност во работењето за уртикарија, атописки дерматити, ангиоедем, анафилакса. Дел сме и од мрежата „Дебра“ за епидермолиза булозна. Соработуваме со колеги од различни дисциплини за обезбедување на целосна грижа за пациентите, користејќи најнови методи за лекување и минимално инвазивни процедури како и фокус на превентивни мерки и едукација на пациентите за одржување на здравјето на кожата и спречување на кожни заболувања.
Како се грижите за воведување на новините во лекувањето и во третманите кои се изведуваат?
– Кога започнав со своето патување во дерматовенерологијата знаев дека за да го направам моето работење вистински значајно треба да го применам најдоброто од сите светски достигнувања во нашите локални услови. Од самиот почеток сметав дека не треба да се задоволам само со стандардните терапии и методи кои беа достапни, туку и да ги следам најновите светски трендови и практики кои ги применуваат најдобрите медицински центри во светот. Моето размислување беше едноставно: ако овие методи и технологии се успешни во најнапредните здравствени установи, тогаш тие мора да бидат достапни и за нашите пациенти овде, во Македонија.
Мојата цел беше да ги донесам овие иновации и методи во нашата болница, да ги адаптирам и имплементирам со цел да обезбедиме најдобра можна грижа за пациентите со користење на најсовремени терапии и техники. Во секојдневната практика, кога ги применуваме најдобрите и најновите медицински методи и алатки, гледам како пациентите добиваат видливи и успешни резултати, што ме исполнува со гордост и задоволство. Секој напредок што го постигнуваме како тим е доказ за важноста на примена на светските стандарди, кои треба да бидат достапни за секој пациент, без разлика на неговата локација.
Но, технологијата никогаш не го заменува човечкиот допир. Без разлика колку се напредни новите методи, секогаш е потребна таа лична врска со пациентот. Моето учење и воведување на новите техники не беше само процес на усвојување на нови вештини, туку и начин на кој се поврзувам со колегите и ги водам на патот на заедничкиот раст. Секогаш се стремам да ги следам најновите напредоци и трендови во медицината. Сметам дека континуираната едукација е клучна за обезбедување висок квалитет на здравствената грижа.
Во медицината, без разлика на сите достигнувања и напредок, постојано сме пред нови предизвици.
– Најубавата страна на оваа професија е што имаме можност да работиме заедно. Нашите колеги не се само соработници, туку и извор на инспирација. Активно ги споделувам новите сознанија со моите колеги, што создава култура на учење и напредок во болницата. Кога го делам моето знаење со моите колеги, кога ги гледам како напредуваат и како ги достигнуваат своите цели, чувствувам големо задоволство. Но, она што е уште поважно е дека чувствувам како растам и јас со нив. Со секоја нова генерација која ја обучувам се чувствувам како да станувам дел од нешто поголемо – мрежа на знаење и поддршка која трае низ целиот професионален живот.
Што е она што ве прави најзадоволни и кои се вашите плановите за развој?
– Моето најголемо професионално задоволство доаѓа од можноста да ги подобрам животите на пациентите. Како лекар чувствувам огромна одговорност да им помогнам не само физички, туку и психолошки, бидејќи верувам дека вистинската грижа е целосна и ги опфаќа сите аспекти на здравјето. Таа емоционална врска со пациентите ми дава дополнителна мотивација да продолжам со мојата работа и да се развивам како лекар. Способноста да ги применам моите знаења и да обезбедам значајни подобрувања во нивното здравје е постигнување кое ми дава дополнителна мотивација да продолжам со професионален раст.
Вклучувањето во значајни меѓународни проекти и протоколи, како и моето учество во многу истражувачки студии ми овозможува да продолжам да се развивам како лидер во областа на дерматовенерологијата и клиничката медицина.
Горда сум кога ќе го видам името на болницата, името на мојата земја и моето име рамо до рамо до светските центри за дерматовенерологија и естетика.
Секој успешен резултат е личен триумф, но и потврда на моето постојано вложување. Мојата страст кон дерматовенерологијата и едукацијата продолжува да ми дава сила за нови предизвици и можности. Моите идни цели не се само професионални – тие вклучуваат да продолжам да влијаам на напредокот на медицината и здравствената грижа, да ги инспирирам идните поколенија и да обезбедам највисок квалитет на здравствената грижа.