Ре-Медика е првата приватна општа болница во Република Македонија, основана на 7 ми април 2005 година.
+389 72 443 200

Поврзани новости

+389 72 443 200
Секој ден - 24/7 16-та Македонска Бригада бр.18, 1000 Скопје

Ре-Медика – 20 години во служба на новиот живот

Прим. д-р Марина Поп-Лазарова, педијатар-неонатолог, шеф на Одделот за педијатрија и неонатологија

„Ре-Медика“ - 20 години во служба на новиот живот

Позитивните реакции кои ги добиваме, големиот број доени и здрави деца, среќни и задоволни семејства, ќе се согласите дека се голем мотив и сатисфакција за целиот персонал, вели прим. д-р Марина Поп-Лазарова, педијатар-неонатолог, шеф на Одделот за педијатрија и неонатологија

Како шеф на Одделот за неонатологија и педијатрија, вие сте дел од Ре-Медика уште од самиот почеток на работењето на болницата. Како ги доживувате изминатите две децении?
– Изминатите 20 години, откако е основана и почна со работа болницата „Ре-Медика“, се период на големи стручни предизвици, интензивно и секојдневно вложување во работата со нашите најмали и највулнерабилни пациенти, децата. Породилиштето во Ре-Медика годишно згрижува просечно околу 600-650 новородени деца, што значи дека за овие 20 години, околу 13.000 деца го започнале нивниот живот во нашата болница, што нè прави сите, како тим, исклучително горди.

Што е тоа што беше клучно за развој на одделот кој го водите?
– Современите имплементирани протоколи и упатства за работа, стандардизираниот и тимскиот пристап се несомнено најголемите и најзначајните достигнувања во овој период. Фамилијарно насочената грижа, стручната, но и човечка поддршка која ја овозможуваме континуирано, пред сè, на децата и на мајките, сметам дека на сите ни беа дополнителен мотив за понатамошен развој на одделот. Позитивните реакции кои ги добиваме, големиот број доени и здрави деца, среќни и задоволни семејства, ќе се согласите дека се голем мотив и сатисфакција за целиот персонал.

Што е битно во организацијата на работата за да се задоволни и пациентите и вработените?
– Тоа е навистина „чудесна“ формула, бидејќи многу е битно истовремено да имате задоволни пациенти и задоволен персонал. Тоа е процес на кој ги посветивме изминатите 20 години секојдневна работа, во што мислам дека успеавме, иако на почетокот кога ги етаблиравме сите стандарди за организација на работата не беше лесно, бидејќи персоналот доаѓаше од различни институции и со различно искуство. Успеавме да имплементираме тимска работа, унифицираност со воведување на (ISO) ИСО-стандардите и во соработка со пациентите да направиме одредени корективни активности во интерес на најдобрата медицинска практика. Секојдневно работиме на мониторирање и истовремено подобрување на нашите здравствени услуги.

Што е најбитно за секојдневните одлуки поврзани со здравјето на малите пациенти?
– Морам да нагласам дека нема иста бременост, породување или новородено дете. Токму поради тоа, за секоја стручна процена мора да се направи стандардизиран, но и индивидуализиран пристап. Ние како педијатри, неонатолози, мора да имаме холистички пристап и притоа постојано да ги мониторираме нашите мали пациенти, со кои, за жал, немаме вербална комуникација. Бидејќи станува збор за многу вулнерабилни, незрели деца, тие го бараат континуирано целото наше внимание и стручно знаење, бидејќи кај нив сите промени во состојбата се случуваат многу брзо и ненадејно.

Како се справувате со стресните ситуации?
– Да, тоа може да биде многу стресно, но истовремено е и голем стручен предизвик. Имаме услови за континуирано мониторирање на сите витални параметри на децата, што е особено важно за брзо и навремено да се интервенира тогаш кога тоа е потребно. Големите технички можности за експедитивна и релеванта дијагноза многу придонесуваат за благовремена дијагностика и за соодветен и навремен третман, особено кај деца кои имаат потреба од интензивна или специјална нега. Важно е да напоменам дека секогаш внимаваме да ги информираме и активно да ги вклучиме родителите во грижата за нивните деца. Имаме можности мајките да се измолзуваат и тие деца да ги храниме со измолзено мајчино млеко, кое истовремено за нив е храна, но и лек, што обезбедува нивно побрзо закрепнување.

Кои се вашите препораки за родителите кога станува збор за здравјето и благосостојбата на нивните деца?
– Планирана и сакана бременост, редовни контроли и пренатални скрининзи, соодветни и навремени интервенции кога се потребни, сè со цел да се добие новороденче со што помалку ризици, терминско и во добра кондиција. Доењето и соодветната грижа за детето, за што во Ре-Медика имаме континуирана едукација во текот на престојот преку „едукативен канал“ и, дополнително, со практична обука на мајките еден ден пред испис, секако дека многу помагаат во подготовката на родителите за нивната нова функција. Со сето ова, вклучително и со редовните три амбулантски педијатриски контроли кои ги реализираме во првиот месец од животот кај секое новороденче породено во Ре-Медика, обезбедуваме соодветна стручна и континуирана грижа во овој најпроблематичен адаптациски период.

Како врвен педијатар со големо искуство, што би им советувале на младите лекари кои сакаат да работат како педијатри-неонатолози?
– Убава, благородна, но тешка и одговорна специјалност. Многу е важно да ги сакаат децата и истовремено да се и добри психолози, бидејќи треба многу добра соработка и поддршка со новите родители со кои мора да се воспостави партнерски однос во заедничката грижа за благосостојбата и здравјето на детето.

en_USEnglish