Нашиот стремеж е систем кој одговара на иднината
Проф. д-р Ѓорѓи Оровчанец, ОРЛ-хирург
Нашиот стремеж е систем кој одговара на иднината

Она што нас нè прави препознатливи и успешни е тоа што секогаш се стремиме кон подобро, а услов за тоа се постојаната едукација, најновите технологии и современиот и срдечен пристап кон секој пациент. Тоа се методите кои се нашата водилка, вели проф. д-р Ѓорѓи Оровчанец, оториноларинголог-хирург
Две децении, вие и тимот за ОРЛ-хирургиjа, сте дел од Ре-Медика, дел од нејзината модернизациіа, нејзиниот успех. Коjа е формулата да се биде дел од најдобрите?
– Да се биде дел од најдобрите значи да се истакнеш меѓу најуспешните во некоја област, а за да се постигне тоа треба постојана работа на себе, надградба и едукација за најновите пристапи за дијагностика и третман на различни состојби, потоа посветеност, тимска работа, успешно справување со различни ситуации и уште многу фактори кои ве ставаат во редот на најдобрите.
Можете ли да направите паралела на почетоците на вашата работа во болницата со она што е денес ОРЛ-хирургиjата во Ре-Медика?
– Оториноларингологијата, како специјалност која се занимава со болестите на уво, нос и грло, како и други делови од главата и вратот кои се поврзани со овие органи, во Ре-Медика многу се развиваше во текот на годините со интегрирање на најновите научни достигнувања.
Паралелата некогаш и сега може да се гледа од аспект на напредокот во превенцијата, дијагностиката и третманот на пациентите. Во тој контекст може да се каже дека се користат напредни технологии за дијагностика, како што се компјутерската томографија (КТ), магнетна резонанца (МР), ендоскопија и аудиометриски тестови, со што значително се подобрува процентот на рано дијагностицирање, а со тоа и благовремено лекување на пациентот. Во однос на третманот, денес се применуваат минимално инвазивни хируршки техники, како што се ендоскопските процедури кои овозможуваат побрзо закрепнување и ги минимизираат компликациите.
Сумирано, нашиот тим може да се пофали со голем напредок кој направи голема разлика во квалитетот на живот и продолжување на животниот век на многу наши задоволни пациенти.
Што е она што намногу се работи кај вас?
– Кај нас се работи на дијагностицирање и лекување на многу состојби кои се опфатени во делот на оториноларингологијата: проблеми со увото и слухот, третман на синусити, алергии, носни полипи, носна конгестија и проблеми со дишењето преку нос, болести на грлото и гласните жици. На таа листа се и неоплазмите на увото (бенигни и малигни), на носот и грлото, како и на делови од главата и вратот. Меѓу нашите специјалности се и хируршки третмани за полипи на нос и деформации на носната преграда. Исто така, препознатливи сме и во областа на педијатриската оториноларингологија – во лекување на болестите и состојбите кај децата.
Што е она што ги прави препознатливи и успешни вашите методи во создавањето на иднината во здравството?
– Она што нас нè прави препознатливи и успешни е тоа што секогаш се стремиме кон подобро. Тоа подразбира постојана едукација за најновите технологии и имплементација на тие технологии во секојдневната работа насочена кон високо-квалитетна здравствена грижа. Сето тоа резултира со силна позитива во превенцијата, дијагностиката и во третманот на различни состојби. Тука сакам да ја истакнам и нашата постојана соработка со професионалци кои несебично ни ги пренесуваат најновите медицински откритија и достигнувања, во насока на успешно справување со различни ситуации.
Сите овие методи се нашата водилка, а нашиот стремеж е успешно водење на систем кој ќе одговара на потребите на иднината.