Нашата успешна мисија е задоволни пациенти
М-р Зоран Николовски, шеф на Оперативен блок и раководител на средномедицинскиот кадар
Нашата успешна мисија е задоволни пациенти

Убаво е навраќањето наназад, ни покажува колку сме пораснале. Растот се гледа и преку бројот на персонал и преку бројот и типот на успешни интервенции. Сето ова се должи на напорот кој го вложуваме и препознавањето на нашите добри намери од страна на пациентите. Во нашата работа не се дозволени пропусти, затоа и се грижиме сè да тече беспрекорно, вели м-р Зоран Николовски, шеф на Оперативен блок и раководител на средномедицинскиот кадар во Ре-Медика
Во Ре-Медика сте од првиот ден на нејзиното работење. Како дел од растот и развојот на болницата, како го доживувате овој јубилеј?
– Така е, во Ре-Медика сум од нејзиното отворање, кога една група медицински персонал се префрливме од клиничкиот центар да работиме во првата општа болница во нашата држава. Едноставно ги препознавме желбата и ентузијазмот на менаџментот да се направи врвна медицинска установа која ќе биде една од водечките во регионот, која ќе биде препознаена по нејзиниот квалитет. Кога ќе се свртам наназад можам да заклучам дека сите заедно успеавме во првичните намери. Овој јубилеј го доживувам како потврда на тоа дека од самиот почеток сме биле на вистинскиот пат.
Уште од првиот ден од работењето, во далечната 2005 година, се грижите за организација на Оперативниот блок и на средномедицинскиот кадар во болницата. Што е најважно за да функционирањето биде беспрекорно?
– Оперативниот блок е срцето на болницата, имавме многу предизвици, но најважно од сè е дека се стремевме да направиме стандарди по кои ќе работиме. Добивме врвна опрема која требаше да се инкорпорира во системот, дојдоа најдобрите лекари и медицински сестри итн. Навистина, од самиот почеток ги имавме најдобрите ресурси, на нас остана сето тоа да се организира во една целина и да функционира беспрекорно. Во Оперативениот блок не се дозволени пропусти, секоја грешка може да заврши фатално, затоа беше неопходно сите заедно да ги почитуваме стандардите кои ги наметнавме и сите заедно максимално да се грижиме за опремата и инструментариумот.
Какви се техничката опременост на болницата и стандардите на објектот?
– Ре-Медика може слободно да се пофали дека поседува врвна опрема, еднаква на најпознатите медицински центри. Можам слободно да кажам дека во ниту еден сегмент не заостануваме зад нив. Работиме со најновата генерација ендоскопски столбови „Олимпус“ (Olympus), комплетен инструментариум „Мартин“ (Martin), последна генерација лигашури „Форсе трејд ковидиен“ (Force tried Covidien), електрокаутери „Мартин„ (Martin), оперативни столови „Макует“ (Maquet), ласери „Лимер“ (Limer) и „Дорние“ (Dornie). Единствени во државата го имаме ласерот за простата и кршење камења во бубрег „Луменис“ (Lumenis). Делот за стерилизација е опремен со апарати „Гетинг“ (Getinge), a поседуваме и плазма стерилизатор „Стерад“ (Sterrad).
Оперативниот блок е изграден од специфични метални ѕидови кои овозможуваат беспрекорна чистота и одржување, воздухот се филтрира низ специјални хепа-филтри и сето ова придонесува практично да немаме никакви инфекции и позитивни брисеви од просторот и од воздухот.
Динамичното темпо на работа може да биде и стресно. Како се одржува позитивната атмосфера на работењето?
– Во Оперативниот блок персоналот се сретнува со многу стресни ситуации, со многу тешки човечки судбини, но и со многу позитивни приказни. Од друга страна, преку акушерските случаи и раѓањата се сретнуваме и со најубавото, почетокот на многу нови животи. За нас, кои сме одговорни за организација на работата, најзначајно е максимално можно да го ослободиме персоналот од непотребни грижи, т.е. неговиот фокус треба да биде на работа, а сите други сегменти да бидат покриени од наша страна. Сите ние се грижиме за позитивната атмосфера во работењето и тоа на посредни и на непосредни начини, а можам да кажам и дека нашиот тим се состои од луѓе кои освен што се врвни професионалци, се и тимски играчи. Ние се дружиме и надвор од работните простории и надвор од работното време, организираме редовни прослави на празници и родендени. Или, поинаку кажано, персоналот може да согледа дека менаџментот се грижи за него.
Како гледате на Ре-Медика во иднина?
– Разговорот го отворивме со тоа како некогаш, пред две децении, почнавме. Убаво е навраќањето, ни покажува колку сме пораснале. Растот се гледа и преку зголемувањето на персоналот. Ние започнавме со дваесетина медицински сестри, а денес тој број е пет пати зголемен. Бројот и типот на интервенции исто така бележи рапиден раст. Сето ова се должи на напорот кој го вложуваме и препознавањето на нашите добри намери од страна на нашите пациенти.
Токму ова навраќање наназад ме охрабрува да кажам дека Ре-Медика во иднина продолжува да расте и да се развива и покрај сите предизвици. Ние и понатаму ќе инвестираме во континуирана едукација на персоналот, еден од клучните елементи кога станува збор за современа болница, во осовременување на опремата и апаратурата. Знаете, медицината се развива многу брзо. Додека ние разговараме, некаде во некоја болница се развива некоја нова метода, со некоја нова технологија. Наш предизвик е сето она што се работи во светот, а е медицински признаено, што побргу да го имплементираме во нашата болница. Затоа и се трудиме да имаме максимално задоволен персонал кој потоа ќе продуцира и максимално задоволство кај пациентите. На крајот на денот, како професионалци кои работат во медицината, нашата мисија се среќни и задоволни пациенти.