И по 20 години го имаме истиот жар како сега да почнуваме
И по 20 години го имаме истиот жар како сега да почнуваме

Две децении подоцна продолжуваме да ја надградуваме нашата визија за врвно здравство, како да сме на почетокот – со истиот жар, енергија и емпатија, а дведецениската доверба од пациентите е нашиот предизвик за висок професионализам и стремеж кон нови знаења и вештини
Ре-Медика почна да ја реализира својата визија за врвно здравство на 7 април 2005 година, на Светскиот ден на здравјето. Тогаш го почнавме она по што и денес сме препознатливи – градење успешен лик на врвна медицинска установа и лик на медицински работник препознатлив по стручниот, хуманиот и етичкиот пристап. Ние сме првата целосно приватна општа болница во Македонија и како таква многу брзо бевме препознаени и наградени и со меѓународно признание за најдобра инвестиција во Југоисточна Европа за 2005 година.
Две децении подоцна продолжуваме да ја надградуваме таа наша визија, како да сме на почетокот – со истиот жар, енергија и емпатија, а дведецениската доверба од пациентите е нашиот предизвик за висок професионализам и стремеж кон нови знаења и вештини.
Народот вели дека болниот има само една желба во животот, а тоа е да оздрави. Тоа се нашите секојдневни предизвици. Тоа е Ре-Медика, нераскинлива врска меѓу здравјето, успехот и среќата во животот. Тоа е нашата установа која со хумана мисија верно и служи на заедницата.
Дали сме задоволни од постигнатото? Да. За две децении бројот на персоналот е зголемен тројно. Почнавме со 75 вработени, а денес броиме над 250 редовно вработени и повеќе од 30 консултанти од разни области.
Во 2006 година формиравме Центар за женско здравје со симболот на пеперутка за интегриран дијагностички пристап кај женската популација. Во 2011 година отворивме дисперзирана единица во Струмица. Во 2013 година почна просторното проширување на Ре-Медика, кое беше завршено во 2017 година. Сите овие години бевме активни учесници во развојот на медицинската наука, ги следевме новите достигнувања, користевме нови напредни технологии и техники на работа.
Учествувавме во разни научни проекти од областа на медицината, како Проектот за лекување со матични клетки на исхемични рани и Проектот за иновативни имунолошки терапии во борба против карциномот.
Вредно работевме повеќе од 20 години на полето на стандардизација и акредитација на процесите на работење во нашата болница. Спонзориравме млади студенти од медицински науки, организиравме и учествувавме во многу хуманитарни акции и дававме поддршка на здруженија на лица со попреченост.
Во 2023 година остваривме соработка со Шангајскиот универзитет за медицина и здравствени науки, кој во Ре-Медика отвори демонстративно – апликативна база за презентација на врвни медицински истражувања.
Не дека правиме нешто невозможно, туку посветено и со ентузијазам работиме како што бараат етиката и врвната медицина. За нас пациентите не се само бројка. Тие нè препознаваат и покажуваат дека веруваат во нашата професионалност. Ни ја даваат својата доверба и избираат да бидат таму каде што се чувствуваат како дома, почитувани и задоволни, а нивната среќа е и наша.
Со вакви вредности ја градевме Ре-Медика – куќата на здравјето. Не прифаќавме порази ниту просечност и горди сме на своите успеси.
Посветени на својата визија преку инвестиции во млад кадар, чекориме по зацртаниот пат на успехот. Ова е нашиот 20-годишен времеплов. Денес, за миг, се сеќаваме како стигнавме до овде, а чинам како сега да почнуваме.
Приватниот здравствен сектор во Македонија има силен потенцијал. Наша заедничка обврска со Министерството за здравство и со Фондот за здравствено осигурување е да се најдат начини за да услугите во приватниот сектор бидат достапни до секој граѓанин.
Најголемата награда и почит за својата работа лекарите ја добиваат од пациентите. Лекарската професија е хумана и благородна и мора да остане чиста и со гордост да се чува. Академски титули – да, но заслужена почит од пациентот пред сè.
Елица Јорданова, генерална
директорка на Ре-Медика