Ние сме уникантни во понудата, она што го работиме е привилегијаво медицината
Проф. д-р Зоран Петановски, гинеколог-акушер, шеф на Одделот за ИВФ
Ние сме уникантни во понудата, она што го работиме е привилегија во медицината

Пациентите ни веруваат, се чувствуваат безбедно, сигурно и пријатно во нашата болница. Тука направивме и модерен центар за инвитро фертилизација кој испорачува висок процент на успех, а тоа се бременоста и раѓањето на детето како врв на сите наши заеднички напори, вели проф. д-р Зоран Петановски, гинеколог-акушер, шеф на Одделот за ИВФ и додава: „Горд сум што денес имаме одлични тимови на млади луѓе кои се иднината на центарот“
Вие сте сведок и директен учесник во растот и развојот на „Ре-Медика“. Како се чувствувате во дваесеттата година од постоењето на болницата?
– Јас сум од почетокот на формирањето на „Ре-Медика“ и учествував во конципирањето на Одделот за гинекологија и акушерство и во формирање на тимот. Започнавме со компактен тим од гинеколози и акушерки кои имаа големо искуство, имено, претходно заедно работевме 20 години во болница која имаше околу 4.000 раѓања годишно и тоа беше клучен момент за да започнеме силно и успешно. Бевме тим со девиза „еден за сите – сите за еден“ и дека ние сме тука за нашите пациенти, а не тие за нас. Пациентите го препознаваат тоа и ни веруваат, се чувствуваат безбедно, сигурно и комотно во нашата болница. Што се однесува до Центарот за инвитро фертилиација, ситуацијата беше посложена. За да направите врвен инвитро центар потребни ви се одлично сетирана лабораторија, обучен тим од гинеколог и ембриолог. Јас го имав потребното искуство, а сенсот на сопственикот на болницата да ја прифати и етаблира идејата за искусен ембриолог кој ја познава работата на ИВФ-центар беше есенцијално за одличниот почеток на центарот. Ние ангажиравме искусен ембриолог од странство, со постојан престој, кој живееше неколку години во Македонија и кој не само што донесе резултати во поглед на висок процент на бремености, туку и, што е најважно, направи тим од наши перфектни ембриолози. Тоа беше одлучувачко за нашиот силовит старт и одлични резултати во полето на асистираната репродукција. Таа континуирана едукација, како на ембриолозите така и на гинеколозите инволвирани во инвитрото, продолжува и до ден-денес и јас сум навистина горд што денес имаме одлични тимови на млади луѓе кои се иднината на центарот.
Дали сте задоволни од досегашниот успех?
– Секако дека сум задоволен. Направивме модерен центар за инвитро фертилизација кој испорачува висок процент на успех, а тоа се бременоста и раѓањето на детето како врв на сите наши заеднички напори. Ние воведовме многу нови техники во изминатиот период и тоа нè прави уникатни во поглед на понудата на полето на асистираната репродукција .
Како го мерите успехот?
– Во асистираната репродукција тоа е едноставно – процентот на постигнати бремености и живородени деца. Ние немаме некоја помпезна реклама, но уште како млад, мојот шеф во Прага ми велеше дека една бремена жена ти носи нови три. Ете така ние работиме. Квалитетот кој го испорачуваме ни носи нови пациенти. Јас сум член на ЕИМ-комитетот на Европската асоцијација за хумана репродукција и секоја година праќам сумирани резултати на работата собрани од центрите во нашава земја. Гледајќи ги резултатите од цела Европа, можам слободно да кажам дека македонските инвитро центри испорачуваат врвен квалитет на ова поле.
Што е вашето најголемо задоволство во работењето?
– Мое мислење е дека она што ние го работиме во асистираната репродукација, за нас самите е привилегија во медицината. Имено, создаваме нова индивидуа и ја донесуваме на свет. Да, големо е задоволството кога ќе ги погледнете семејствата колку се среќни во моментот по породувањето, при испис од болницата кога си одат со своето новороденче.
Која е вашата порака до пациентите?
– Ако подолго чекаат на потомство, ако се детектирани некакви проблеми за забременување – да не чекаат и побрзо да се одлучат за преглед во Центарот за асистирана репродукција. Нашите методи може многу едноставно да го решат проблемот, затоа што секое одложување значи губење на време, а знаеме дека возраста на жената е клучен фактор за квалитетот на нејзините јајце-клетки.
Ние како лекари сме сведоци на две појави со негативен импакт на репродуктивниот потенцијал кај двојките. Првата е дека расте бројот на млади жени со намалена оваријална резерва. Тоа во комбинација со одлуката за постпонирање на планирањето семејство по 30. година донесува поголем ризик за бременост. Тоа е така бидејќи кај жената квантитетот, а особено квалитетот на јајце-клетките опаѓа со возраста. Затоа е потребно да се направи еден програм на редовна контрола на испитување на оваријална резерва со ултразвук и АМ-хормон како маркери за прогноза на оваријалната резерва кај жената и тоа во раната возраст, некаде околу 25 години. Кај оние кои имаат намалена оваријална резерва, да се замрзнат јајце-клетки кои можат да стојат замрзнати и повеќе од 10 години и кои ќе се искористат кога жената ќе одлучи да формира семејство. За разлика од јајчниците, матката може соодветно да се подготви и во подоцнежни години, и тоа јасно го покажува и програмот на донација на јајце-клетки каде што кај повозрасни жени имаме бремености и раѓања со инвитро програм. Овој програм на замрзнување на јајце-клетки и нивно чување веќе е етаблиран кај нас и има сè поголем интерес. Во контекст на замрзнувањето, сакам да напоменам дека сите жени кои се во репродуктивна доба, а имаат наод на карцином на некој орган, треба да замрзнат јајце-клетки пред почеток на терапијата кај онколог, бидејќи по таа терапија јајчникот ја губи способноста да создава јајце-клетки.
Од друга страна, спермограмите кај младите исто така покажуваат отстапки како резултат на факторите на живот, и за нив е потребно да се провери фертилниот потенцијал во младоста. Едноставно речено, секоја млада индивидуа треба да си направи спермограм и ако неговата оплодна моќ е намалена, да си замрзне сперма сè додека таа е квалитетна, па ако новиот спермограм е силно намален во моментот кога ќе се одлучи за потомство, тогаш оваа замрзната сперма е одличен бекап.