При настапот на првичните симптоми од особена важност е да се разграничи грипот како состојба со можни тешки компликации од настинката како вообичаена патологија, објаснува д-р Оливера Ѓеорѓиева-Јанев од „Прима-мед“.

Кога зборуваме за грип најчесто мислиме на сезонската вирусна инфекција која го напаѓа првенствено респираторниот систем – проксимално од носните отвори па се до базалните партии на белите дробови. Причинителите (разните подтипови сезонски грип) се шират во околниот простор кога заболениот кашла/зборува и притоа ослободува инфективни капки во воздухот кои го носат вирусот во себе, потенцијално пренесувајќи го и на блиските индивидуи. Инкубацијата трае од 1 до 4 дена од моментот кога ќе „закачите“ грип, а периодот на „заразност“ трае и до 7 дена откако ќе се подобри клиничката слика. При настапот на првичните симптоми (продромален синдром) од особена важност е да се разграничи грипот како состојба со можни тешки компликации од настинката како вообичаена патологија. Во следната табела се прикажани најчестите симптоми кај обете патолошки кондиции кои овозможуваат полесна диференцијација:

За мнозинството од здравата популација грипот поминува со симптоматска терапија која успешно ја куплира целосната клиничка слика. Во ретки случаи доаѓа до развој на компликации на кои особено се подложни деца помали од 2 години, возрасни над 65 години,бремени жени и доилки во ран постпартален период, лица со имунокомпромитиран систем, лица со хронични болести (астма, срцеви декомпензации, бубрежни и заболувања на црниот дроб) и лица со висок БМИ ≥ 40.

Предупредувачки знаци за настапување на компликација како последица од грип се:

-Тешкотии при дишење и забрзано дишење (глад за воздух)
-Постојани генерализирани мускулни болки
-Вртоглавици и конфузност
– Дехидратација (сувост на уста, намалено количество на излачена урина)
– Треска и/или кашлица која се влошува по краток период на „подобрување“

Токму поради овие причини е препорачлива консултација со лекар при каков било сомнеж за грипозна состојба, а за вулнерабилните возрасни групи и навремена предсезонска вакцинација со цел намален ризик за пројавување на болеста и превенција од сериозни компликаци.

Leave a reply