Остеопорозата станува сè поактуелна како здравствен и социолошко-економски проблем. Глобално, популацијата старее, а со тоа и појавата на остеопороза, и како составен дел на стареењето се зголемува.
Социолошко-економскиот аспект ги опфаќа проблемите што се јавуваат како последица на скршениците, како што се потребата од хируршки интервенции, зависноста на пациентите од туѓа нега, компликациите на лекувањето итн. Сето тоа ја зголемува потребата од единствениот сигурен начин за одбегнување на овие проблеми, а тоа е раното откривање и лекување, пред да дојде до скршеници кои понатаму предизвикуваат дополнителни компликации.

ПОМАЛА ЦВРСТИНА – ПОВЕЌЕ СКРШЕНИЦИ

Остеопорозата се дефинира како состојба на намалување на минералната содржина на скелетот како и промена на неговата структурна градба, кои предизвикуваат намалување на цврстината на скелетот, што резултира со појава на скршеници без некаква особена траума.
Најчести скршеници како последица на остеопорозата се оние на прешлените на ‘рбетниот столб и на колковите. Тие предизвикуваат компликации кои значително го отежнуваат животот и функционирањето на пациентот.
Најдобар начин за превенција на овие компликации е навремено откривање на остеопорозата и рано започнување со лекувањето за да не дојде до скршеници.

ДЕНЗИТОМЕТРИЈА

Златниот стандард за откривање остеопороза е дензитометријата.
Дензитометријата го проценува количеството минерална материја на квадратен сантиметар коскено ткиво и на тој начин ја цени издржливоста на скелетот, односно неговата цврстина. Овој метод е единствен заради својата прецизност и постојаност, што покрај дијагноза, овозможува и прецизно следење на резултатите од лекувањето.
Информациите од дензитометријата се единствен прецизен параметар во менаџирањето на остеопорозата.

МИНЕРАЛНА СОДРЖИНА И КОСКЕНО ТКИВО

Минералната содржина на скелетот е важен параметар на коскената цврстина, но не и единствен. Градбата на коскеното ткиво, односно бројот и дебелината на коскените гредички кои ја сочинуваат архитектониката на коската се исто така многу важни, како за издржливоста на коската под притисок на механичките оптоварувања така и поради нејзината отпорност кон скршеници.
Ова е особено важно за скршениците на прешлените, кои често пати не успеваме да ги забележиме. Скршеница на еден прешлен води кон други скршеници на ‘рбетот, кои понатаму предизвикуваат сериозни компликации.

ПРЕЦИЗНО УТВРДУВАЊЕ НА ЦВРСТИНАТА НА КОСКИТЕ

Скенирањето на коскената градба (трабекулар боне скен) претставува дополнителна алатка на дензитометријата која овозможува дополнителни информации за градбата на прешлените. Ова скенирање е софтверска надградба на дензитометријата, која при истото снимање ни дава податоци за градбата на прешлените, односно за бројот на коскените гредички, како и за празните простори на коскеното ткиво. На овој начин попрецизно се определуваат цврстината на коската и заканата од скршеници.
Ваквото скенирање овозможува процена на порозноста на скелетот, која е суштинска за остеопорозата, определувајќи ги празните простори на коскеното ткиво. Покрај тоа, во процесот на следење на лекувањето се добива прецизна информација за дејството на терапијата и исполнувањето на поротичните простори.
На тој начин сликата за остеопорозата станува појасна, а процената на коскената градба попрецизна.

ПРЕВЕНЦИЈА, ИСХРАНА И ВЕЖБАЊЕ

Суштината на остеопорозата е појавата на порозни коски кои имаат намалена цврстина и променет квалитет, порадиштосеподложни на појава на скршеници.
Најчестите скршеници при остеопороза се на подлактницата, пршлените и колкот. Особено се сериозни скршениците на пршлените, кои најчесто се јавуваат спонтано и доведуваат до губење на висината, појава на грпка, болки во грбот, половината и долните екстремитети и нарушено држење на телото и активност. Скршениците на колкот, од друга страна, се лекуваат хируршки со ситеможности за компликации кои со себе ги носат таквите зафати.
Фактори на ризик за појава на остеопороза: возраст, женски пол, остеопороза во семејството, претходна скршеница, менопауза/хистеректомија, долготрајна терапија со гликокортикостероиди, ревматоиден артритис, примарен или секундарен хипогонадизам кај мажи.
Ризик-фактори на кои можеме да влијаеме: алкохол, пушење, грацилна конституција, лоша исхрана, недостаток на витамин Д, недоволна активност, недоволно внесување на калциум и чести паѓања.

ПРЕВЕНЦИЈА ОД ОСТЕОПОРОЗА

Иако генетските фактори играат голема улога во ризикот од остеопороза, начинот и стилот на живеење може да влијаат на коскеното формирање во текот на младоста, како и на степенот на коскеното губење во текот на подоцнежниот период на животот.
Исхраната, вежбањето и преостанатитефактори на стилот наживеење имаат клучна улога врз здравјето на скелетот и одржувањето на коскеното формирање.

Период на детство и адолесценција

   Превенцијата од остеопороза започнува со правилен раст и развиток на скелетот во текот на детството и адолесценцијата. Коските се живо ткиво, а скелетот расте постојано од раѓањето до крајот на тинејџерскиот период за да го достигне пикот на својата големина и цврстина (пик на коскена маса) во раната младост, околу дваесеттата година.
Децата имладите треба да имаат: редовно и оптимално внесување на калциум, нормална и оптимална исхрана и да не се потхранети или лошо исхранети, доволно витамин Д преку редовно  изложување на сонце и со надополнување со суплементи, редовна физичка активност, да не пушат и да не консумираат алкохол.

Возрасен период

Коскената маса што се стекнува во текот намладоста претставува важна резерва за намалување на ризикот од остеопоротична фрактура во текот на подоцнежниот живот. Откако ќе се достигне пикот на коскенамаса, тој се одржува преку процесотна ремоделација – постојано отстранување на старата и создавање на нова коска. Обновувањето на коската е важно за издржливоста на коската во текот наживотот. Токму за ова се важни начинот на исхрана и животниот стил на индивидуите.

Тоа опфаќа: соодветно внесување на калциум и на витамин Д, редовни вежби со оптоварување, одбегнување на пушење, намалено внесување на алкохол, редовно следење на коскениот дензитет (дензитометрија) и вклучување на соодветна терапија во зависност од наодот.

ИСХРАНА

Во секој период од животот урамнотежената исхрана обезбедува здрави и цврсти коски. Ваквата исхрана вклучува доволно калориско и протеинско внесување, како и потребно внесување на минерали и витамини, особено калциум и витамин Д.
Во детството и пубертетската возраст добрата исхрана обезбедува пик на коскена маса и на тој начин ја намалува можноста од појава на остеопороза. Кај возрасните, помлади и повозрасни, исхраната обезбедува зачувување на коскената маса и нејзина цврстина. Кај пациентите кои веќе имале скршеница, исхраната го забрзува закрепнувањето и го намалува ризикот од појава на друга скршеница. Разновидната и здрава исхрана, богата со калциум, претставува рецепт за здрави коски во текот на животот, како и добар квалитет на живот.

КАЛЦИУМ

Калциумот претставува главен градител на коскеното ткиво и во скелетот се содржат околу 99 проценти од севкупниот калциум на телото. Калциумот во коските претставува и резервоар за одржување на нивото на калциум во крвта, што е неопходно за нормално функционирање намускулите и на нервите.
Потребите за калциум се менуваат во текот на животот и се зголемени во пубертетскиот период, кога скелетот расте. Подоцна, со возраста, ресорпцијата на калциумот се намалува, што претставува една од причините зошто повозрасните треба да консумираат поголемиколичества калциум. Млекото и млечните производи се главниот извор на калциум, но и извор на протеини, што се важни за скелетот и за општото здравје. Друг добар извор на калциум се и зелените зеленчуци – брокула, кељ, како и сардини, лосос, бадеми, портокали, суви смокви, тофу и сл.

ВИТАМИН Д

Најприроден извор на витамин Д претставува изложувањето на сончева светлина. Се препорачува изложување од најмалку 15 минути, односно до благо зацрвенување на кожата.

ВЕЖБАЊЕ

Вежбањето е многу важно за општото здравје и тоа обезбедува зголемување на коскената маса кајмладите индивидуи, но и намалување на губењето на коскената маса кај возрасните.         Вежбањето ги јакне мускулите, ја зголемува флексибилноста на телото и ја подобрува координацијата, што придонесува за намален ризик од паѓање. Редовното вежбање го одржува здравјето на скелетот. Особено се корисни вежби на совладување на отпор со тегови или ластици.

Вежбање – најважно:

– Коскената маса и вежбањето се несомнено поврзани;
– Децата треба да вежбаат за да го создадат пикот на коскената маса;
– Вежбањето заедно со правилната исхрана помагаат во одржувањето на коскената цврстина и го забавуваат процесот на остеопороза;
– Со подобрувањето на рамнотежата, јачината и еластичноста, вежбањето помага во спречување од паѓање;
– Совладувањето на отпор при вежбање е најкорисно како при скокање, трчање или вежби со тегови, наместо пливање.

Прим. д-р Иванка Стефановска, ортопед

Leave a reply