Секојдневно слушаме за булинг, за сајбер-булинг, за различни форми на насилство меѓу врсници, па се наметнува дилемата што е нормално однесување и каде е тука црвената линија? Зошто едно дете почнува насилно да се однесува, кои деца се жртви и дали има начин тие да се заштитат, какви видови насилство постојат? На сите овие, но и на други прашања поврзани со насилното однесување, во ова интервју одговори ни дава прим. д-р Мери Бошковска, психијатар за деца.

Како да го научиме детето да препознае кое однесување кон него е (не) прифатливо, како да се одбрани и кога да побара помош?

Врсничкото насилство е присутно меѓу децата и постои во секоја земја, се разбира и нашата држава не е исклучок, но прашањето кое се поставува е колку нашето општество го толерира насилството меѓу децата. Во светот се правени истражувања за раширеноста на насилството меѓу врсниците и резултатите покажуваат дека процентот на децата кои трпат насилство во училиште е околу 15-17 отсто во земји како Англија, Шпанија, САД.

Што претставува насилство меѓу децата?

За насилство меѓу децата зборуваме кога едно или повеќе деца постојано и намерно вознемируваат, напаѓаат или повредуваат друго дете кое не може да се одбрани. Тоа може да биде во облик на закани, телесни повреди, отфрлање, потсмевање, задевање, озборување, одземање предмети. Може да вклучува и непријатни коментари за неговото семејство, родителите или роднините, на пример „Мила нема мајка”.

 Какви облици на насилство постојат меѓу децата?

Насилството меѓу децата може да се подели на два важни облика: физичко и вербално. Физичкото насилство е највоочлив облик и тоа подразбира удирање, буткање, штипење, додека вербалното подразбира навредување, ширење гласини, постојано задевање, исмевање (на пример „дебела, дебела“). Постои и емоционално насилство кое е тесно поврзано со претходните две и тоа вклучува намерно исклучување на детето/жртва од заедничките активности во одделението или групата на дружење, како и игнорирање. Постои и сексуално насилство кое подразбира несакани физички контакти и навредливи коментари додека културното насилство подразбира навреди на етничка, религиска и расна основа и на крај е економско насилство кое вклучува кражби и изнудување пари.

БИДЕТЕ ПРИСУТНИ ВО ЖИВОТОТ НА ДЕТЕТО

Како да се одгледа/воспита ненасилно дете? Родителите имаат важна улога во намалување на насилството, потребно е детето да расте во дом со многу љубов. Родителите се тие кои треба да го научат и да му вградат одредени стандарди на однесување. Неколку предлози кои може да помогнат: Дајте им на децата љубов и внимание, односно близок однос со родителите за да детето се чувствува сигурно и заштитено и за да се изгради однос на доверба. Бидете присутни во животот на детето, без правилен надзор децата не ја добиваат потребната сигурност, бидете сигурни каде се децата и со кого се дружат, охрабрете ги да учествуваат во школски активности, спорт, рекреациски групи. Научете го детето како да реагира на туѓи навреди, закани или удари. Бидете модел на прифатливо однесување на своите деца, тие учат на примери од однесувањето, вредностите и погледите на родителите и другите возрасни личности имаат големо влијание на нив. Не ги тепајте децата, со удирање шамари и ќотек му покажувате на детето дека е в ред да се удираат другите како би се решил проблемот и тоа може да ги поттикне да го прават истото на другите. Заштитете ги децата од насилство дома и во соседството. Заштитете ги децата од гледање насилство во медиумите. Гледање насилство на ТВ, во филмовите и на видеоигрите може да придонесе за агресивно однесување на децата. Потребно е родителите да го контролираат количеството на насилство што децата го гледаат во медиумите. Во спречување и решавање на проблемите поврзани со насилството меѓу децата, одговорни се возрасните. Родителите и училиштето ја имаат примарната одговорност и затоа е неопходно да се работи на оваа превенција.

Зошто детето почнува да се однесува насилно?

Не постои единствен одговор на ова прашање. Меѓутоа постојат некои особености на семејствата или на детето кои влијаат на појавата на насилното однесување. За здрав развој на детето важни се искуствата во семејството. Недостаток на внимание и топлина, доколку детето расте во дисфункционално семејство или е сведок на вербално и/или физичко насилство меѓу родителите, како и користење на физичката казна за дисциплинирање, веројатно се показатели дека и детето ќе се служи со слични методи во контактот со своите врсници. Одредени индивидуални особини на детето може да бидат ризик за насилно однесување. Некои деца од мали се импулсивни, многу хиперактивни, со вишок на енергија, нетрпеливи или може да преживеале трауматични искуства, овие деца може да бидат поподложни кон насилно однесување. Агресивното однесување се учи рано и тешко се менува ако веќе постоело кај детето на 8-годишна возраст. Родителите се тие кои треба да го научат и да му вградат одредени стандарди на однесување на детето.

За здрав развој на детето важни се искуствата во семејството. Недостаток на внимание и топлина, доколку детето расте во дисфункционално семејство или е сведок на вербално и/или физичко насилство меѓу родителите, како и користење на физичката казна за дисциплинирање, се показатели дека веројатно и детето ќе се служи со слични методи во контактот со своите врсници.

Која е разликата меѓу конфликт и насилство меѓу децата?

На децата во одредени развојни периоди или ситуации понекогаш им е тешко да ја сфатат границата помеѓу конфликтот и кога тоа прераснува во неприфатливо однесување. Конфликтот е последица на различни мислења, желби, перцепции, верувања, го карактеризира слободата на изразување и тука постои подготвеност да се комуницира со аргументи. На децата во конфликтите им значи односот со другиот и тие се подготвени да се извинат, наоѓаат компромиси со можност да ја променат темата или да се разделат доколку не се согласуваат. За разлика од ова, врсничкото насилство вклучува агресивно однесување, има тенденција да се повторува и постои надмоќ на сторителите (по возраст, сила, висина, бројност), а главна цел и намера е да се повреди другиот, да се понижи и да се намали самопочитувањето. Низ развојот можеме да очекуваме ривалитет и кавги меѓу децата и адолесцентите, тоа е составен дел на растењето и животот, но насилството не е. Денес секојдневно слушаме за булинг/насилство, сајбер-булинг/електронско насилство/ и врсничко насилство, и се прашуваме што е нормално и каде е тука црвената линија? Како ќе го научиме детето да се однесува додека е мало, тоа ќе биде негов модел за во иднина.

Кои деца се жртви на насилство во училиштата?

Насилниците наоѓаат жртви кои се ранливи или се разликуваат по нешто од другите деца: име, начинот како одат, очила, семејство, начин на облекување и сл. Често тоа се тивки, мирни, пасивни, напнати, несигурни и внимателни деца со ниска самодоверба. Тие се многу приврзани со нивните родители кои често/не секогаш може да се однесуваат и премногу заштитнички. Кои се последиците од насилното однесување? Последиците за детето кое трпи насилство се страшни, тоа дете е тажно, депресивно, ја губи самодовербата, не се чувствува дека вреди, се чувствува осамено, уплашено и несигурно, што може да има влијание во натамошниот живот. Важно е да се истакне дека доколку насилничкото однесување не запре или не се промени, и насилниците може да имаат долгорочни последици. Истражувањата ја покажуваат поврзаноста на насилното однесување за време на училишниот период со криминално однесување подоцна во животот.

Како родителите можат да препознаат дека детето трпи одреден вид насилство?

Децата може да молчат за проблемот што ги мачи и да не го прифаќаат насилството. Затоа е тешко родителите да имаат увид што се случува со нивното дете. Ако родителот има добар однос со детето, тоа може да му се довери за проблемите и да побара заштита. Но секогаш не е така, особено кога се работи за посуптилни форми на насилство како понижување, озборување, изолација, насилство преку социјалните мрежи, ширење лажни гласини. Исто така, ако детето доаѓа од училиште со искината облека, без предмети, прибор, ако има физички повреди, се плаши да оди на училиште и губи интерес за учење, избегнува да се дружи со врсниците, има физички и психички проблеми (изгледа несреќно, има проблеми со спиење, стравови, главоболки, болки во стомакот, а понекогаш и обиди за самоубиство, има лоши мисли за себе, детето е пречувствително и повлечено или и самото станува агресивно, треба да се размислува и да се види дали детето е жртва на врсничко насилство. Главни карактеристики на децата-сторители на врсничко насилство се потребата од постигнување моќ и слаба емпатија кон другите, физички се појаки и поспособни од другите, знаат да бидат агресивни и кон возрасните, раздразливи се и лесно се провоцираат. На овие деца исто така им е потребна помош. За прекин на насилството е потребна помош од возрасните и нивна вклученост. Никогаш не му кажувајте на детето да „не обрнува“ внимание на застрашувањето или на насилството кое му се случува. Детето треба да се сослуша, да се убеди дека не е виновно за тоа што му се случува. Никогаш не му кажувајте „врати му“. Поттикнувајте го да се дружи со другите деца кои го прифаќаат и имаат добар однос со него. Доколку е потребно побарајте стручна помош која би се состоела во јакнење на самодовербата, развивање на социјални вештини и наоѓање начини за справување со актуелните проблеми кај детето. Корисно е детето да се вклучи во активности каде што е успешно и за кои покажува интерес. Ако пак, детето е насилник на училиште, важно е веднаш да се побара стручна помош, пред детето да се соочи со сериозни образовни, социјални и законски тешкотии. Важно е да дознаете што предизвикува такво однесување и да се направи план за промена на однесувањето, да се разговара со детето. Децата насилници може да имаат многубројни причини за своето однесување: може да ги имитираат постарите браќа, родители, роднини, не знаат други подобри начини на комуникација со другите деца, самите доживеале злоупотребување, напнати се поради разни извори на стрес.

Leave a reply