Детето е круна на врската меѓу две индивидуи, тоа ги облагородува односите во семејството, ја заокружува врската помеѓу партнерите и, дефинитивно, го осмислува нашето живеење. Процесот на зачнување, вели доц. д-р. Зоран Петановски, шеф на Одделот за асистирана репродукција и инвитро-фертилизација, е фасцинантно софистициран и зависи од цел мозаик фактори со поголемо или помало влијание.

– За жал, дел од нас имаат проблеми и им е потребна асистенција за да ја остварат својата желба за потомство. Во нашиот Центар за асистирана репродукција и инвитрофертилизација, дел од „Ре-Медика“, помагаме сонот за потомство да стане реалност. Искусниот тим, брендираната опрема, современите процедури и стандардите кои ги користиме се гаранција за квалитетот на нашата услуга. Во рамките на државата сме пионери во етаблирањето на одредени процедури во гинекологијата и асистираната репродукција со цел подобра дијагностика и третман на неплодноста – вели д-р Петановски.

Во 2012 година, за прв пат во нашата држава, во „Ре-Медика“ беше воведена преимплантационата генетска анализа со изведување на првата биопсија на ембриони. Следејќи ги трендовите за криопрезрвација на фертилноста беше воведена техниката за брзо замрзнување или витрификација, со која за прв пат во нашата земја се роди првото дете од замрзната јајце-клетка.

– Ја воведовме техниката на ласерско асистирано изведување (hatching) во ембриологијата, ИМСИ, го започнавме процесот на донација на сперматозоиди, јајце-клетки и ембриони. Во 2016 година, за прв пат во нашата земја ја имплементиравме и најновата техника на оваријална рејувинација или т.н. подмладување на јајниците во смисла на подобрување на оваријалната резерва кај пациентките како и кај оние со предвремено настаната менопауза, а во 2017 година, во нашата болница за прв пат се роди и првото бебе од сурогат мајка – објаснува д-р Петановски.

Тимот ги следи светските трендови за пристапот, третманот и безбедноста на пациентите за време на постапката на вонтелесно оплодување. Во контролираната оваријална стимулација беше воведен протоколот со антагонисти и агонист како тригер на матурацијата на јајце-клетки во комбинација со постапка на замрзнување на сите јајце-клетки кај одредена група на пациентки како полицистичните јајници, млади пациентки кои лесно можат да ја направат несаканата компликација на хиперстимулација на јајниците.

– Овој пристап и тоа како ја намалува можноста за хиперстимулација кај нашите пациентки. Со тоа тие се безбедни, сигурни дека колатералната штета од вонтелесното оплодување е сведена на минимум. Во пристапот кон стерилитетот и вонтелесното оплодување воведовме конзилијарен тимски пристап од повеќе дејности на медицината. Целта ни е да ја подготвиме двојката од секој аспект на вистински начин пред финалниот пристап на вонтелесното оплодување. На тој начин го градиме мозаикот на успехот, дел по дел, сè додека нашите пациентки не бидат подготвени за последниот чин, односно вонтелесното оплодување. Со ваквиот пристап на и онака високиот процент на успешност добивме уште неколку проценти повеќе. Некој ќе рече – зар само неколку… Но тоа се неколку судбини, неколку двојки кои претходно направиле повеќе неуспешни вонтелесни обиди. Среќни сме што нашата посветеност им помага да излезат од бездната на неуспехот и да бидат среќни. Тоа и го бараат од нас, а наша привилегија е да работиме дел од медицината којшто ги прави луѓето среќни – вели д-р Петановски.

Вистинскиот прогрес во решавањето на неплодноста донел подобри резултати таму каде што другите методи не постигнуваат успех.

– Сето тоа нè прави моќни и безбедни во решавањето на неплодноста. Постигнатите резултати во минатиот период нè вбројуваат во самиот врв на центрите во регионот. Нашиот професионален тим ќе биде секогаш со пациентите за полесно и поедноставно да ги поминеме и надминеме сите проблеми и да стасаме до посакуваната цел. Ние сме тука за нив, затоа што нивната победа е и наша – додава д-р Петановски.

Преваленцијата на неплодноста е во пораст, но варира демографски, па дури и во различни региони во иста држава. Неплодноста има мултифакторијална природа, почнувајќи од анатомски, хормонски, генетски и енвироментални причинители, вели доц. д-р Валентина Сотироска, шеф на ИВФ-лабораторијата, но е поизразен фактот дека голем дел од двојките свесно го одложуваат своето потомство поради животниот стил и кариерата.

– Од друга страна, докажана е силна корелација меѓу возраста на жената и успехот од забременување. Имено, возраста на жената е обратно пропорционална од квалитетот и квантитетот на нејзините јајце-клетки, што се должи на акумулирање на голем број хромозомски абнормалности во јајце-клетката со што се намалува и нивната можност за правилно оплодување и развивање на ем-брионот, како во природното оплодување така и во процесите на асистираната репродукција – вели Сотироска.

Иако менопаузата го означува крајот на репродуктивниот период на жената, за жал, тој почнува неколку години порано пред да настане менопаузата. Така, жените со возраст над 35 години доколку не можат да постигнат бременост од шест месеци треба веднаш да побараат помош во асистираната репродукција.

– Подоброто разбирање на механизмите инволвирани во развојот на човечкиот ембрион овозможи продукција на поквалитетни медиуми и инкубатори за чување и развој на ембрионите кои ги симулираат истите услови како и во мајчината матка. Со тоа се овозможи добивање на висококвалитетни ембриони со голем процент на нивна имплантација, бремености и раѓање на голем број дечиња – објаснува нашата соговорничка.

Во Центарот за асистирана репродукција во „Ре-Медика“, покрај секојдневнната работа се изведува и научноистражувачка работа и во таа насока се објавуваат научни студии со кои се следи трендот на другите светски центри за инвитро-оплодување.

– Во една од поголемите ретроспективни студии, која ја објавивме во реномирано списание со фактор на влијание, ги проучувавме влијанието на возраста на пациентката, денот на развој и бројот на трансферирани ембриони во матката на жената врз стапката на имплантација на ембрионите, бројот на зачнати и родени деца, до нивниот пол, телесна тежина, гестациска недела на породување и стапка на еднојајчани близнаци.

Во оваа студија, највисока стапка (57 проценти) на клиничка бременост (фетус со срцева акција) е добиена кај жени помлади од 35 години и кај кои сме направиле трансфер на ембриони во стадиум на бластоцисти на петтиот ден од нивниот развој. Кај пациентките над 36 години е добиена пониска стапка на клиничка бременост од 48 проценти, исто така со трансферирани бластоцисти – вели Сотироска.

Со овие резултати уште еднаш се потврдува фактот дека намалувањето на фертилизацијата кај постарите жени се должи повеќе на квалитетот на јајце-клетките, отколку на приемчивоста на ендометриумот на матката на жената.

– Во однос на близначката бременост, повисока стапка е најдена кај помладите жени со 40 отсто, додека кај постарите од 35 години се детектирани 25 проценти на близначка бременост. И во двете возрасни групи трансферот на ембриони во стадиум на бластоциста резултираше со поголем процент на машки ембриони (57 отсто и 56 отсто), што најверојатно се должи на селекција на поголемите екпандирани бластоцисти. Некои студии објавуваат влијание на возраста на двојката и уделот во полот на детето, но во оваа студија не беше најден ваков факт – вели нашата соговорничка.

Од друга страна, појавата на еднојајчани близнаци е поизразена при трансфер на бластоцисти отколку при трансфер на ембриони од трет ден на развој. Точната патогенеза сè уште е нејасна, но се смета дека возраста на жената или условите на раст можат да ја индуцираат истата.

– Од сите овие резултати може да се заклучи дека кај постарите жени (над 36 години), доколку се развијат ембриони до стадиум на бластоциста се зголемуваат шансите за нивна имплантација и раѓање на дете. Кај помладите жени сугерираме дека елективниот трансфер на еден бластоцист значително ќе ги намали шансите за близначка бременост, која може да носи одредени проблеми.

Со оваа студија се добија вредни информации за подобра одлука во однос на селекцијата на ембрионите во однос на нивниот степен на развој кај различни возрасни групи на пациентки – додава Сотироска.

Доц. д-р. Зоран Петановски и доц. д-р Валентина Сотироска

 

Leave a reply