Оваа техника се препорачува како метод од избор, а овозможува селекција на сперматозоиди кои можат да креираат квалитетни ембриони и висока стапка на клиничка бременост. Во протоколите на оплодување со асистирана репродукција и инвитро-фертилизација, селекцијата на сперматозоидите се базира на критериуми поставени од Светската здравствена организација и истите се однесуваат на виабилноста, подвижноста, концентрацијата и морфологијата на сперматозоидите.

Но селекцијата на сперматозоиди пред инвитро-оплодувањето, која се базира на класичните параметри, не ја елиминира шансата оплодувањето да се изведе со сперматозоиди кои имаат оштетена ДНК или со непотполна зрелост, што може да резултира со добивање на ембриони со низок потенцијал на имплантација во матката кај жената. Со воведување на молекуларни тестови може да се добие поздрава селекција на сперматозоиди.

КОГА СЕ КОРИСТИ ТЕХНИКАТА ?

МАЦС-техниката е метод од избор што се базира на магнетно клеточно сортирање со помош на протеинот Анексин 5, кое е способно да ги препознае и да ги врзе сперматозоидите со оштетена мембрана како карактеристика на т.н. апоптотични сперматозоиди (со многу слаб потенцијал за оплодување и за развој на здрави ембриони).

Оваа техника може да се користи кај секој пациент, но најмногу е препорачливо кај:
– Пациенти кои имаа висок степен на ДНА-фрагментација во сперматозоидите
– Двојки со повторувачки спонтани абортуси
– Двојки кај кои се добиени ембриони со лош квалитет и развој кој не зависи од квалитетот на јајце-клетката.

СЕЛЕКЦИЈА НА КВАЛИТЕТНИ СПЕРМАТОЗОИДИ

Добиениот ејакулат за оплодување се меша со антителото Анексин 5 и истиот поминува низ колона која е прикачена на држач со слабо магнетно поле. Апоптотичните сперматозоиди ќе останат врзани за ѕидот на колоната, додека другите кои немаат знаци на клеточна смрт ќе ја поминат колоната и на тој начин ќе се добие селекција на квалитетни сперматозоиди подготвени за оплодување со некоја од процедурите на асистираната репродукција (инсеминација или ИЦСИ-метод – оплодување со интрацитоплазматско инјектирање на сперматозоид во јајце-клетка).

ПОГОЛЕМ УСПЕХ

Оваа техника се препорачува како метод од избор за процедурите во асистираната репродукција, бидејќи овозможува селекција на сперматозоиди кои можат да креираат квалитетни ембриони и висока стапка на клиничка бременост.

Доц. д-р Валентина Сотироска, шеф на ИВФ-лабораторија

Leave a reply