Редоследот на воведување нова храна зависи од традицијата и навиките во исхраната. Кај нас вообичаено се започнува со овошни сокови и кашички, се продолжува со зеленчукови и житни кашички, па дури потоа се воведуваат месо и риба. Во САД, на пример, дохранувањето почнува со житарки, а во западноевропските земји со зеленчукови кашички. За секој вид храна има посебни факти и правила кога и како да се внесуваат ако детето прв пат ги јаде.

Овошјето треба да биде зрело и свежо и најдобро е кога е сезонско. Во првата година да се избегнува конзервирано и смрзнато овошје. Пред да се започне со приготвување на оброкот, овошјето треба убаво да се измие и да се излупи за да се отстранат евентуалните штетни материи. Некое овошје се дава свежо, како што е бананата, а некое може да се вари или испече, на пример јаболкото. Приготвениот оброк треба да се искористи веднаш, бидејќи витамините на воздух оксидираат и го губат своето дејство. При приготвување на овошни оброци не се додава шеќер. Прво овошје што му се нуди на детето со полни 6 месеци, како појадок, се јаболко, банана, круша. Следниот месец се продолжува со праска, кајсија, слива, цреша, диња, лубеница. Цитрусните овошја како лимон, портокал, мандарина и грејпфрут и овошјето со плодови – бобинки како што се јагоди, малини, капини, рибизли, најдобро е да се дадат од десеттиот до дванаесеттиот месец поради можност од алергии.

Овошните сокови се даваат како меѓуоброк, на почетокот по неколку. Вкупното дневно количество на овошен сок не треба да надмине од 100 до 130 милилитри, затоа што го намалува апетитот и внесувањето на други прехранбени производи, предизвикува стомачни тегоби, предизвикува создавање гасови, надуеност и болка во стомакот со појава на течни столици, а води и до појава на дебелина и развој на кариес. Најдобар, секако, е природен цеден сок. Првите кашички се подготвуваат од еден вид овошје, а потоа може да се комбинира овошјето кое детето веќе го јадело.

Зеленчукот се дава кај децата со полни 6 месеци, две седмици по воведувањето на овошјето. Сосема е нормално, вели д-р Живковиќ, што по вкусниот, сладок овошен оброк најголем дел од децата го одбиваат првото солено јадење. Затоа и се започнува со зеленчук кој има сладок вкус, како што се морковот и тиквичката. Следниот месец се воведува компир, свеж спанаќ, блитва, брокула. Мешункаст зеленчук (грашок,боранија и грав) се дава со полни 10 месеци. Прво се обарува краткотрајно, се менува водата и се доварува поради гасовите што ги создава. Од свежиот зеленчук може да се приготви сок, на пример од морков, а од обарениот зеленчук може да се прават разни кашички како ручек, во кој, на крајот од подготовката, се капнуваат неколку капки маслиново масло. Сол не се додава, бидејќи зеленчукот содржи доволно минерали, а вишокот на сол е штетен за бубрезите. Нашата соговорничка советува да се избегнува смрзнат зеленчук.

Житарките се извор на јаглехидрати кои за време на варењето се разложуваат на гликоза – шеќер, кој е главен извор на енергија. Се препорачува употреба на интегрални житарки, непреработени како леб од интегрално брашно, бидејќи содржат јаглехидрати кои бавно се разложуваат и се потраен извор на енергија, а воедно се и важен извор на витамини од групата Б.

Житните каши се воведуваат со полни 6 месеци како вечера (по воведување на овошје и зеленчук) и тоа на почетокот се даваат само оризови и пченкарни кашички, бидејќи не предизвикуваат алергија и лесно се сварливи. Се мешаат со измолзено мајчино млеко или со млечната формула која ја прима детето. Пченицата се внесува последна, со полни 8 месеци, поради присуството на глутен кој е причина за алергија кај некои деца. Житарките може да се измешаат со овошна или со зеленчукова каша и да се добие комплетен оброк.

Месото и рибата се извор на биолошки вредни протеини поради присуството на есенцијални аминокиселини. Протеините се незаменлив градбен материјал кој се наоѓа во секоја клетка од телото, а учествува и во одвивање на функциите на виталните органи. Тие содржат и железо кое многу подобро се искористува од она од растителните извори, а се извор и на витамините А, Д, Е и К.

Месото се воведува во исхраната со полни 7 месеци. Се започнува со телешки бифтек, 50 грама по оброк. Се дава и бело мисиркино и пилешко месо, како и јагнешко. Месото од мисирка е попрепорачливо од пилешкото, бидејќи има 20 отсто помалку калории и 75 отсто помалку масти, а има двојно повеќе витамин Б, железо и цинк. Јунешко и говедско месо се даваат со полни 10 месеци. Прво се приготвуваат месни супи кои се мешаат со зеленчук, а подоцна се миксира месото и се добива месна каша. До крајот на првата година месото се дава варено, а подоцна динстано или печено. Сувомесни производи и паштети не се употребуваат во текот на првата година од животот.

Рибата има помалку масти од најголем дел од другите видови месо. Таа лесно се вари и содржи многу цинк и селен, потребни за раст и јакнење на имунитетот на детето. Се дава со полни 8 месеци и тоа белата риба (пастрмка), а плавата риба со полни 12 месеци. Сардината се дава по првата година. Рибата се вари и се меша со пасиран зеленчук или житарки. Кај деца со алергија или позитивна фамилијарна анамнеза, рибата се внесува подоцна во исхраната.

Жолчката, тврдо варена, се дава со полни 9 месеци и тоа неделно по една четвртина (1/4, 2/4,3/4, 4/4). Доволно е да се дава два-три пати неделно и тој ден не мора да се дава месо. Варена белка од јајце се дава во почетокот на втората година.

Млечните производи се важен дел од исхраната на детето во првата година. Извор се на калциум, минерал важен за изградба на коските, забите и за нормално функционирање на нервниот систем и за контракција на мускулите. Тие се внесуваат во исхраната со полни 8 месеци (младо кравјо несолено сирење, урда, путер) и со полни 9 месе- ци (јогурт, кисело млеко, павлака). Детето треба да внесува околу половина литар млеко или производи од млеко во текот на денот. Кравјото млеко се дава по првата година и тоа не треба да биде со помала масленост.

Leave a reply