„Симптомите често се преклопуваат едни со други, варираат и се менуваат со текот на времето во форма на рецидиви. Вирусот може да го погоди секој систем во телото, вклучувајќи ги – респираторниот, кардиоваскуларниот, гастроинтестиналниот, невролошкиот, мускулно-скелетниот, бубрежниот, дерматолошкиот, ОРЛ и хематолошкиот систем, да предизвика психијатриски проблеми, генерирана болка, замор и постојана треска“ – вели проф. д-р Горица Брешковска – пулмолог.

Повеќе од една година, целиот свет се соочувa со овој најголем медицински предизвик. Проф. д-р Горица Брешковска потсетува дека ковид-19 е заразна мистериозна болест која е мешавина на симптоми без јасна шема и сè уште не е познато зошто многу болни од ковид-19 закрепнуваат неколку недели по појавата на болеста, а други развиваат симптоми кои или траат или се појавуваат многу недели или месеци по заразувањето. Меѓу многуте здравствени последици од ковид-19 остануваат неразјаснети причините кои предизвикуваат долгорочни, постакутни состојби познати како долг ковид или постковид. Постковид-19 се широк спектар на нови или тековни здравствени проблеми што луѓето можат да ги доживеат четири или повеќе недели откако првпат се заразиле со вирусот. Дури и луѓето кои немале симптоми на ковид-19 во деновите или седмиците откако биле заразени (акутна фаза), можат да развијат постковид состојба. Често се среќаваат различни типови и комбинации на здравствени проблеми со различна должина на траење – вели проф. Брешковска.

 

Кај кого и зошто се јавуваат?

Круцијалното прашање на експертите е кај кого и зошто се јавуваат овие симтоми. Постакутните манифестации на ковид-19 се поделени во три категории: симптоми кои траат по закрепнувањето од инфекцијата со САРС- КоВ-2, симптоми поради нарушена функција на еден или повеќе органи што траат по првичното закрепнување и нови симптоми или синдроми што се јавуваат по блага или асимптоматска инфекција. Новите упатства и препораки прават разлика помеѓу акутен ковид-19 (знаците и симптомите на ковид што траат до 4 недели). Симптомите често се преклопуваат едни со други, варираат и се менуваат со текот на времето во форма на рецидиви. Вирусот може да го погоди секој систем во телото, вклучувајќи ги – респираторниот, кардиоваскуларниот, гастроинтестиналниот, невролошкиот, мускулноскелетниот, бубрежниот, дерматолошкиот, ОРЛ и хематолошкиот систем, да предизвика психијатриски проблеми, генерирана болка, замор и постојана треска – вели проф. д-р Брешковска. Најчести се респираторните симптоми односно кашлица, отежнато дишење, болки во градите, постојана потреба за кислород (хипоксија). Потоа, кардиоваскуларни – стегање во градите, палпитации, тромбоемболизам – покачени вредности на д-димер и фибриноген. Има и гастроинтестинални симптоми – абдоминална болка, гадење, повраќање и дијареја. Освен тоа, има и системски симптоми – замор, треска, артралгии, како и психијатриски – депресија, анксиозност, стрес.

 

Кога може да се очекува појава на постковид-19 синдром?

Кога пациентот имал тешка форма на болеста (се лекувал во болница или на интензивна нега) и имал потреба од вентилаторна поддршка во акутната фаза. Ако возраста е над 50 години, ако се присутни коморбидитети или ако имал претходни респираторни заболувања (астма, ХОББ, интерстициелни заболувања, бронхиектазии и др.). Улога имаат и дебелината и зголемениот индекс на телесна маса. Исто така, и дијабетесот, хипертензијата, карциномот и имуносупресијата се фактори на ризик за сериозност и смртност во акутната фаза на ковид-19, но нема докази за нивната поврзаност со постковид-19 синдромот. Приближно еден месец по отпуштањето од болница или порано, ако тоа го налага состојбата, пациентите треба да се упатат на преглед за процена на здравствената состојба. Притоа се прави физикален преглед, анализа на артериска крв (АБС), тестови на белодробна функција (ПФТ), 6-минутен тест за пешачење (6МПТ) и одредување на ПаО2. Исто така, кај пациентите се мерат сериозноста на отежнатото дишење и кашлицата пред, за време и по хоспитализација, користејќи визуелна аналогна скала (ВАС). Во овој период, а кај одредени пациенти и порано, може да се јави резидуално респираторно оштетување, што ќе ја намали способноста за физички напор и вежбање. Колкав ќе биде степенот на оштетувањето ќе зависи од сериозноста на респираторната слабост (инсуфициенција) за време на хоспитализацијата – појаснува проф. Брешковска. Потребно е да се направат испитувања. Пациентите со пневмонија ковид-19, кои биле отпуштени од болница или биле третирани како амбулантски пациенти, треба да се консултираат со својот матичен доктор во следните две недели. Потребно е да се направи клиничка процена, да се повторат рендгенските снимки на белите дробови во два правци, да се изработи диференцијална крвна слика, Ц-реактивен протеин, мерења на сатурација и ЕКГ. Ако сè уште постојат промени на рендгенските снимки на градниот кош и/или перзистираат респираторните симптоми кај пациентот т.е. постои сомнение за оштетување на белите дробови, пациентот треба веднаш да се упати кaj пулмолог. Пулмологот со КТ-скен со висока резолуција и КТ-белодробна ангиографија го проценува присуството на можна интерстицијална белодробна болест (ИББ) и/или белодробна емболија (ПЕ). Ако се потврди дијагнозата ПЕ, пациентот се лекува според стандардните упатства. Доколку постојат докази за ИББ, пациентите повторно ќе подлежат на тестирање на белодробна функција, и по потреба биопсија на белите дробови според клиничкиот наод. Конечно, резултатите ќе се анализираат и дискутираат со мултидисциплинарен тим составен од пулмолог, радиолог и патолог. За повеќето пациенти, целта на медицинскиот менаџмент е да се оптимизира функцијата и квалитетот на животот – објаснува професорката.

Кај пациентите кај кои претходно е дијагностицирана хронична обструктивна белодробна болест (ХОББ) или неконтролирана астма, потребно е да се направи процена на моменталната тежина на заболувањата и корекција на хронична терапија. Појавата на симптоми од страна на преостанатите системи кои може да бидат зафатени од ковид-19, ќе вклучи во лекувањето тим формиран од доктори од соодветни специјалности. Како заклучок, ковид-19 е нова инфекција и е најголемиот медицински предизвик повеќе од една година. Најчесто оштетувањата се на ниво на белите дробови, а кај тешките форми можат да бидат зафатени и сите преостанати органи. Навремено препознавање и лекување на постковид состојбата е услов за успешно излекување на пациентите. Особено пациентите со организирана пневмонија, рендгенолошки промени и постојано влошување на респираторните симптоми можат ефикасно да се третираат. „Ре-Медика“ ја препозна потребата на пациентите, „Ре-Медика“ рано ги препозна значењето и потребата на пациентите кои страдаат од постковид синдром. Опремена со високостручен кадар и современа медицинска апаратура ги исполнува стандардите за дијагностика и третман на најсериозните заболувања. Особено акредитираната лабораторија со широка палета на тестови гарантира висок степен на сигурност и точност на лабораториските резултати. Лекувањето го олеснува и можноста за краток рок да се формира мултидисциплинарен стручен тим кој ќе овозможи да се трети- раат комплицираните случаи и да се одбегнат проблемите кои можат да настанат, особено кај пациентите со коморбидни состојби. Мултидисциплинарната соработка е од суштинско значење за да се обезбеди интегрирана амбулантска нега на преживеаните. Посветеноста на персоналот и индивидуалниот пристап кај секој болен само го зголемуваат успехот на лекувањето – истакнува проф. д-р Горица Брешковска.

Leave a reply