Исхраната на детето, особено во најмалата возраст, е значаен фактор кој влијае на неговиот правилен раст и развој. Кога говориме за „природна“ исхрана, тогаш мислиме на доење и хранење само со мајчино млеко. Ние педијатрите препорачуваме ексклузивно доење, секогаш кога тоа е можно, во првите 4-6 месеци по раѓањето. Оваа препорака произлегува од многубројните научни сознанија според кои мајчиното млеко претставува идеална храна за секое новородено дете.

ПРЕДНОСТИ

Исхраната со мајчино млеко има многу предности:

Лесна сварливост (дигестија).

Мајчиното млеко е богато со ензими (протеолитички и сахаролитички), кои се активираат во желудникот и учествуваат во метаболизмот на искористување на хранливите состојки од млекото. Варењето во желудникот трае 1-2 часа, што ја олеснува пасажата низ цревата.

Практична предност.

Во принцип, можеме да кажеме дека мајчиното млеко е стерилно, топло, на располагање на детето во секое време кога тоа ќе има потреба од храна. Нема потреба од негова претходна особена подготовка (за разлика од исхраната со формула). Мајчиното млеко секогаш е чисто, топло и безбедно!Психолошка предност

Детето, во принцип, се раѓа со два нагона. Едниот е „нагон на одржување“, кој се манифестира со цицањето, а другиот е „нагон на топла прегратка“. И двата нагона детето истовремено ги задоволува при процесот на доење и при непосредниот контакт со мајката.

Антиалергично дејство на мајчиното млеко

Докажано е дека не може да има алиментарна алергија дете кое е на исхрана само со мајчино млеко. Со ексклузивното доење се намалува и ризикот за појава на алергиски реакции од секаков тип во подоцнежниот живот на децата.

Антиинфективна улога

Мајчиното млеко содржи многубројни имунолошки фактори (околу 32 докажани) кои го штитат детето од разни типови на инфекции. Колострумот (првото млеко што го лачат градите на мајката по раѓањето на детето) е особено богато со антиинфективни фактори со кои мајката пасивно го „имунизира“ своето новородено дете.

Економска предност.

Мајчиното млеко има и економски бенефиции. Имено, тоа е бесплатно, секогаш достапно и не го оптоварува фамилијарниот буџет. Доењето е исто така важно и за општеството, бидејќи е еколошко (нема загадување). Притоа, намалени се и трошоците за здравствена заштита, бидејќи доените деца поретко се разболуваат.

Доењето го штити и мајчиното здравје.

Овозможува враќање на тежината од пред настанување на бременоста, во период од 12 месеци (со Доењето мајката губи калории). Исто така, мајките кои дојат имаат намален ризик од остеопороза, појава на болести на градите и на гениталиите.

Доењето има извесен контрацепциски ефект (само во случаи на често и интензивно доење).

Од сето ова станува јасно дека доењето е многу важно за секое дете, секое семејство и секое општество во целина. Современите жени во светот, но и во Македонија, се образовани и ги сфаќаат сите придобивки од доењето, за себе и за своето дете.

СТРУЧНА ПОМОШ И ПОДДРШКА

Ние, на овие простори, сме среќни што кај нас постои традиција за доење. Но исто така ќе се согласиме дека е потребно да се обезбедат одредени предуслови за негово започнување и одржување. Доењето е нова вештина и искуство, како за мајката така и за секое новородено дете. Стандардизираниот, но индивидуализиран пристап на секои мајка-дете е најсоодветниот начин за успех.

Запознавањето двојки кои очекуваат принова за нас е вистински момент да почне едукацијата на секоја трудница и со тоа таа да се подготвува за доење по породувањето. Условите кои ги нудиме во „Ре-Медика“, можноста за непосреден контакт со гинекологот, педијатарот, анестезиологот, како и посетата на родилната сала и Одделот за неонатологија уште пред породувањето, имаат големо влијание на подготвеноста на идните родители.

Присуството на семејството пред чинот на породување (пред сѐ на партнерот), а доколку сакаат двојките, и во текот на породувањето, раниот контакт со новороденото, контактот „кожа на кожа“, раниот прв подој, се фактори кои даваат голема психолошка поддршка за новата мајка.

Во текот на престојот, сместувањето во еднокреветна или во двокреветна соба, стручниот надзор и континуираното асистирање од медицинскиот персонал, можност за користење на „едукативен канал“ 16 часа во денот, давање на корисни информации и практична помош за нега и доење (во текот на престојот, но и по одењето дома) се само дел од предусловите за успешна адаптација по раѓањето. Токму поради овој пристап и тимски ангажман во „Ре-Медика“ не изненадуваат добиените податоци за процентот на мајките кои дојат. Имено, по еден месец од раѓањето дојат 87 отсто од мајките, на 3 месеци – 75 отсто од нив, додека на 6 месеци дојат 67 проценти.

Да заклучиме дека почнување и одржување на доењето бара стручна помош и поддршка, почнувајќи од породилиштето, а потоа преку патронажната служба и матичниот лекар-педијатар. Мора да се спомене и поддршката од целото семејство кое учествува во грижата за породената мајка-доилка и новороденото дете.

Испитувањата докажале дека најчесто проблемите со доењето се јавуваат во текот на првите неколку недели и доколку тие успешно се надминат, вообичаено доењето успешно продолжува.

ИЗМОЛЗУВАЊЕ И ЧУВАЊЕ НА МЛЕКОТО

Во кои ситуации е потребно измолзување на мајката?

Постојат одредени ситуации во кои измолзувањето на млекото е корисно, за да се:

– Намали застојот и преполнувањето на градите

– Нахрани детето со мајчино млеко кога постојат тешкотии во координација на цицањето (недоносено дете со мала тежина или болно дете)

– Задржат резервите на млеко ако мајката или детето се болни (или одделени)

– Остави млеко за детето кога мајката оди на работа.

– При болни и разранети брадавици (во период кога треба да им се помогне на мајките).

На што треба да се внимава?

Корисно е за сите мајки да научат како да го измолзат млекото, за да знаат што да прават ако имаат потреба. Тоа може да е со рачно молзење или со апарат за измолзување (рачен или електричен). И во двата случаи, најбитно е да се запазат принципите на стерилност.

Измолзеното мајчино млеко треба да се дава на детето на соодветен начин за да не дојде до одвикнување од цицањето (со шприц, лажиче, капалка, медицинска цуцла), а да се избегнуваат шишиња и цуцли кои прават компетитивен антагонизам.

Како се складира и чува измолзеното млеко?

– На собна температура – 4 часа
– Во ладилник: свежо – 48 часа
– Одмрзнато – 24 часа
– Во замрзнувач (комора од обичен ладилник) – 3 месеци
– Длабоко замрзнување – 6 месеци

Прим. д-р Марина Поп-Лазарова, педијатар

Leave a reply