Метаболичен синдром (МС) и неговите компоненти значително се асоцирани со зголемена осетливост на инфекцијата САРС-КоВ-2 (SARS-CoV-2) како и тежината на ковид-19. Метаболичен синдром (синдром Х, инсулинска резистенција) се дефинира како збир на меѓусебно поврзани физиолошки, биохемиски, клинички и метаболичен фактори кои директно го зголемуваат ризикот од појава на кардиоваскуларни болести и тип 2 дијабетес, вели д-р Емилија Христовска од „Прима-Мед“. Како што објаснува таа, инсулинска резистенција, висцерална адипозност, атерогена дислипидемија, ендотелиелна дисфункција, генетска предиспозиција, хипертензија, хиперкоагулабилна состојба и хроничен стрес се неколкуте ризик-фактори од кои може да се состои МС.

Светската здравствена организација (СЗО) го дефинира МС како присуство на инсулинска резистенција (хипергликемија, гликозна интолеранција или тип 2 дијабетес) во комбинација со два од следните ризик-фактори: дебелина, хиперлипидемија, хипертензија или микроалбуминурија. Кај инсулинската резистенција, биолошкиот одговор за инсулин на адипозното и мускулното ткиво и на црниот дроб се намалени, што доведува до ризик за нивно појавување кај еден пациент. Заемно дејство на инсулинската резистенција со компензаторна хиперинсулинемија и дислипидемија го прават метаболистичкото јадро на синдромот – вели докторката.

Се смета дека од 20 до 25 отсто од светската возрасна популација има метаболичен синдром и се со три пати поголем ризик од настанување на срцев и мозочен удар. Во преваленцата на МС и неговите компоненти влијаат генетската предиспозиција, исхраната, физичката активност, пушењето, фамилијарната анамнеза и степенот на едукација. Лицата со МС се со пет пати поголем ризик за развој на тип 2 дијабетес.

Како се дијагностицира Метаболичен синдром?

Можеме да кажеме дека Метаболичен синдром не претставува болест сам по себе, туку комбинација на повеќе ризик-фактори кои доколку се присутни истовремено контрибуираат во зголемен ризик за појава на кардиоваскуларни болести (КВБ) и тип 2 дијабетес, појаснува д-р Христовска.

Според Американската асоцијација за срце (American Heart Association ) и Панелот за третман на возрасни (Adult Treatmant Panel III – ATPIII), присуство на 3 од следните 5 критериуми ја дефинираат дијагнозата на МС: зголемен обем на струк ≥ 102 см кај мажи, ≥ 88 см кај жени, покачени триглицериди во крвта ≥ 1,7 ммол/Л или терапија за хипертригицеридемија, намалена вредност на ХДЛ (HDL) холестерол < 1,03 ммол/Л кај мажи и <1,3 ммол/Л кај жени, покачен крвен притисок ≥130/85 mmHg, покачена вредност на гликемија ≥5,6 ммол/Л или терапија за хипергликемија – додава таа.

Дали лицата со метаболичен синдром се со зголемен ризик од развој на ковид-19?

Најновите студии покажуваат дека преваленцата на зголемена телесна тежина/дебелина и зголемен индекс на телесна маса ( БМИ ) е во значителна корелација со бројот на САРСКов-2 (SARS-CoV-2) инфицирани пациенти, со што се укажува на постоење на зголемена осетливост кон инфекцијата САРС-КоВ-2 (SARS-CoV-2) кај лицата со зголемена телесна тежина/дебелина.

Ангиотензин конвертирачкиот ензим (ACE 2) претставува клеточен рецептор за САРС-КоВ-2 (SARS-CoV-2). Изменетата АЦЕ 2 (ACE 2) експресија кај лица со метаболичен синдром предизвикана како резултат на дебелината, може делумно да ја објасни значителната поврзаност помеѓу МС и зголемената осетливост кон инфекцијата САРС-КоВ-2 (SARS-CoV-2). Исто така, многубројни студии покажуваат дека лицата со прекумерна телесна тежина/дебелина развиле потешка форма на ковид-19 и имале полош исход во однос на пациенти со ковид-19 без зголемена телесна тежина/дебелина.

Поврзаност помеѓу дијабетесот и хипертензијата со САРС-КоВ-2 (SARS-CoV-2)

Дијабетесот е идентификуван како втор најчест коморбидитет кај пациенти со ковид-19. Во една студија направена во Вухан, Кина, во која биле вклучени 40.000 пациенти, 8 отсто од нив биле со дијабетес. Според Американската асоцијација за дијабетес, не постојат доволно податоци кои покажуваат дали лицата со дијабетес имаат поголема веројатност да добијат ковид-19 во однос на општата популација. Лицата со дијабетес имаат поголеми шанси да развијат сериозни компликации (АРДС – Акутен респираторен дистрес синдром, акутна бубрежна инсуфициенција и септичен шок) и да развијат потешка клиничка слика со лош исход на болеста. Постоењето на срцеви заболувања и други компликации во комбинација со дијабетесот може дополнително да ја влошат клиничката слика. Доколку дијабетесот е добро регулиран, се намалува ризикот од развој на тежок облик на ковид-19.

Хипертензијата се покажала како најчест коморбидитет кај инфекцијата САРС-КоВ-2 (SARS-CoV-2). Според една епидемиолошка студија направена во Кина, преваленцата на хипертензија кај пациенти со ковид-19 била 4,5 отсто кај некритични пациенти, а кај критични пациенти дури и до 30 отсто. Преваленцата на други кардиоваскуларни болести (аритмии и срцева слабост) била околу 1-18 отсто. Кардиоваскуларните болести претставуваат ризик-фактор за сериозни компликации од ковид-19 и имаат голем удел во прогресијата и прогнозата на болеста. Од друга страна, пак, кардиоваскуларните компликации може да бидат резултат од самата инфекција. Во една студија направена на вкупно 187 пациенти со ковид -19, кај 8 отсто бил утврден акутен миокарден инфаркт, а кај 12 отсто имало пораст на вредноста на високосензитивен ензим ц-тропонин. Според оваа студија, високата концентрација на АЦЕ 2 во срцевото ткиво може да биде можен механизам за срцево оштетување. Сè уште не постојат доволно клинички студии кои јасно го дефинираат механизамот со кој кардиоваскуларните болести имаат импакт врз исходот на ковид-19 – вели докторката.

Метаболичен синдром и неговите компоненти значително се асоцирани со зголемена осетливост на инфекцијата САРС-КоВ-2 (SARS-CoV-2) како и тежината на ковид-19. Изменетата АЦЕ 2 експресија, пре-постојната ендотелна дисфункција и прокоагулантната состојба индуцирана од адипоцитокина дисрегулација кај метаболичен синдром може да имаат круцијална улога во развој на тежок облик на ковид-19.
Менаџмент на метаболичен синдром

Клучна цел во менаџментот на метаболичен синдром е да се редуцираат ризик-факторите кои водат до настанување на атеросклерозна болест, да се намали ризикот од развој на тип 2 дијабетес кај лица без манифестиран клинички дијабетес како и превенција во настанување на кардиоваскуларни болести.

Прва линија на терапија е редукција на главните ризик-фактори: прекин на пушењето, намалување на вредноста на ЛДЛ-холестеролот, регулирање на крвниот притисок, редукција на телесната тежина, зголемена физичка активност, модификација на исхраната.

Модификација на животниот стил за долгорочна превенција од КВБ и тип 2 дијабетес: редукција на телесната тежина за 7-10 oтсто во првата година и постигнување на БМИ 25 kg/m 2, умерена физичка активност од 30 минути дневно (кај лица со КВБ се прави индивидуална процена за видот и степенот на физичката активност), атерогена диета – редуцирано внесување на заситени масти, транс-масти и холестерол (вкупно внесување на масти 25- 35 отсто од вкупното калориско внесување), ограничено внесување на прости шеќери.

Терапија на метаболичен ризик-фактори во превенција на КВБ и третман на тип 2 дијабетес: намалување на вредноста на ЛДЛ-холестеролот, регулирање на вредноста на крвниот притисок 140/90 и 130/80 (при дијабетес), регулирање на гликемијата и регулирање на ХгА1Ц 7 oтсто, редуцирање на тромботични и фибринолитични ризик-фактори.

Со превенција до поквалитетен живот и благосостојба

Со рана дијагноза и навремено откривање на ризик-факторите, ставање под контрола и регулирање на хроничните незаразни болести се редуцираат импликациите на овие здравствени состојби во настанувањето и исходот на ковид-19, вели д-р Христовска.

Со индивидуален пристап кон секој пациент подобро може да се разберат функционирањето на телото и метаболизмот на една личност. За возврат, лекарот може да дава совети во врска со промената на начинот и стилот на живеење и да влијае на благосостојбата на пациентот.Со подобрување и зајакнување на здравјето на една личност, се подобрува и квалитетот на животот. Ковид-19 пандемијата нè потсети дека не претставува значаен предизвик само битката со инфекцијата САРС-КоВ-2 (SARS-CoV-2), туку и незаразните хронични болести (дебелината, дијабетесот и кардиоваскуларните болести) и понатаму остануваат клинички предизвици кои континуирано треба да се унапредуваат со цел да се намали импактот на овие состојби кон настанувањето и крајниот исход на ковид-19 – завршува таа.

Д-р Емилија Христовска, специјалист по трудова медицина, ПЗУ „Прима-мед“

Leave a reply