Инфекциите со кандида се особено чести. Може да се уринарни, вагинални, инфекции во устата, инфекции на респираторниот систем, на кожата, на рани. Најчесто настануваат при изменети локални услови, како на пример нарушување на нормалната флора на цревната лигавица по примена на антибиотици со широк спектар на дејствување, при хормонски промени и нарушувања кај дијабетичарите, односно нерегулирана хипергликемија.

Родот кандида (candida) припаѓа на габичките кои се означуваат како квасници. Тие не може да се видат со голо око, туку само нивните колонии кои настануваат со размножување на цврсти хранливи подлоги што ги користиме во микробиолошките лаборатории при поставување дијагноза на заболувањата што можат да ги предизвикаат. Повеќето видови (ги има над 150) се широко распространети во природата и се сапрофити (се хранат со изумрени материи) во надворешната средина т.е. не предизвикуваат заболувања кај човекот. Само некои од нив (10 до 15 вида) се условно патогени видови, што значи дека имаат медицинско значење. Тие претставуваат дел од физиолошката микрофлора на одредени регии кај човекот и при намалени одбранбени способности на домаќинот можат да предизвикаат заболување коешто се означува како кандидијаза.

КОГА НАСТАНУВА ИНФЕКЦИЈА?

Освен видот кандида албиканс, која најчесто е дел од нормалната флора на човекот, т.н. нон-албиканс видови можат да се населат на кожата и на слузокожата на човекот, но и да предизвикаат инфекција. Најчесто инфекцијата настанува при изменети локални услови, како на пример нарушување на нормалната флора на цревната лигавица по примена на антибиотици со широк спектар на дејствување, при хормонски промени и нарушувања кај дијабетичарите, односно нерегулирана хипергликемија. Инфекциите со кандида се особено чести. Може да се уринарни, вагинални, инфекции во устата, инфекции на респираторниот систем, на кожата, на рани. Особено се значајни при сериозно ослабени одбранбени механизми кај имунодефицитни лица, кај кои постојат вродени или стекнати нарушувања на имуниот одговор во состав на основната болест или при употреба на имуносупресивна терапија (кај болни со хематолошки малигни болести, со трансплантации на органи, кај лица со ХИВ).

КАКО СЕ ОТКРИВА?

Лабораториската дијагноза на кандидијазата се поставува во микробиолошката лабораторија на првата приватна општа болница „Ре-Медика“ со изолација на габичките од клиничките примероци и одредување на нивната осетливост на одредени антимикотици кога тоа е можно. Многу е значајно утврдувањето на антимикограмот, односно одредување на осетливоста на габичките кон антимикотици за да се знае кој лек ќе помогне да се реши проблемот со кандидијазата.

Во дијагностиката и терапијата на кандидијазата особено е важна соработката на лекарот и специјалистот микробиолог.

ВИДОВИ КАНДИДИЈАЗА

Кандидијазата се јавува во секоја возраст во форма на акутна, субакутна и хронична инфекција и може да биде суперфицијална (површна) или системска.

Под суперфицијална кандидијаза се подразбираат:

– Инфекции на кожа и на нокти – најчесто се зафатени делови на кожата кои меѓусебно се тријат (интертригинозни зони: шака, меѓу прстите), а карактеристични се црвени површини проследени со чешање или болка.

– Орофарингијална кандидијаза – инфекција на лигавицата на усната шуплина и на грлото. Се јавува по примена на антибиотици од широк спектар кога доаѓа до нарушување на нормалната флора, но и при лоша хигиена на усната шуплина, кај лица со забни протези и др.

– Мукокутана кандидијаза – кандидијазата истовремено ја зафаќа лигавицата (обично на усната шуплина) и околната кожа.

– Генитална кандидијаза – вагинитис, каде што при гинеколошки преглед со спекулум се забележува еритематозна лигавица со белузлав често засирен секрет проследена со пруритус (чешање). Многу е честа и се смета дека најмалку три четвртини од женската популација во репродуктивниот период ја имала барем еднаш оваа инфекција, а особено е честа и значајна во текот на бременоста. Често е придружена со инфекција на надворешните гениталии – вулвовагинална кандидијаза. Оваа инфекција бара долготрајно лекување со соодветни антимикотици и тоа под контрола на гинеколог и задолжително следење на миколошкиот наод во микробиолошка лабораторија. За спречување на инфекцијата се препорачува користење на памучна долна облека која треба да е сува, избегнување на долготрајно користење на влажни костими за капење и сл.

– Баланитис и баланопоститис е воспаление на глансот на пенисот, односно на глансот на пенисот и на препуциумот, а се одликува со чешање, печење, присуство на ерозија на оштетените наведени структури, со гнојници, а може да има и белузлав исцедок низ отворот на уретрата. Почесто се јавува кај дијабетичари (поради присуството на шеќер во урината) и исто така може да се пренесе сексуално од слузокожата на вагината населена или инфицирана со кандида.

– Инфекција на гастроинтестиналната слузница – оваа инфекција на хранопроводот е многу ретка во општата популација, особено е индикативна за ХИВ-инфекција која поминала во манифестна СИДА. Воспалението на цревната лигавица (кандидијазен ентероколит) исто така е поврзано со употребата на антибиотици со широк спектар на дејствување и нарушување на нормалната флора. Инфекцијата на перианалниот предел предизвикана од кандида се манифестира со црвенило и печење во аналниот предел и често е придружена со изменета лигавица кај хемороиди.

– Кандидијаза на уринарниот тракт – главно е локализирана на уретрата, а ретко се шири на лигавицата на мочниот меур. Почесто се јавува кај жени, кај дијабетичари со гликозурија, по радијациска терапија на карцином и сл.

– Кандидијаза на око – најчесто се јавува на корнеата – микотичен кератит или кератомикоза.

Д-р спец. мед. Снежана Ивиќ-Колевска, микробиолог

Д-р спец. мед. Снежана Ивиќ-Колевска, микробиолог

– Отомикоза – инфекција на надворешниот ушен канал, каде што освен на лигавицата на надворешниот ушен канал има засирени наслаги, црвенило и ексудат и на слушната мембрана како последица на нејзина перфорација. Трауматичната или поствоспалителната кандида може да продре во средното уво, што е многу сериозна инфекција.

КАНДИДА КАЈ БЕБИЊА И ДЕЦА

Новороденчињата и доенчињата, а особено недоносените, претставуваат група со посебен ризик за појава на кандидијаза, бидејќи за нив е карактеристична недоволната зрелост на одбранбените механизми. Уште при раѓањето доаѓа до колонизација (населување) на кожата и на слузницата на устата и на цревата со кандида при поминување низ породилните патишта на мајката од вагиналната слузница, бидејќи таа е присутна во нормалната флора кај голем процент од бремените жени.

Leave a reply