На одделот за интензивно лекување, опремен со најсовремена софистицирана апаратура, престојуваат пациенти пред операција, кога се подготвуваат за опсежни хируршки и гинеколошки интервенции, постоперативно, како и критично болни пациенти, со комплексни медицински проблеми. Таму имаат постојана грижа од доктори специјалисти и од медицински сестри, едуцирани и тренирани да се справат со најтешки ситуации.

Единица или одделот за интензивно лекување е специјализиран дел од здравствената установа кој е опремен со високософистицирана медицинска опрема и во кој работи професионално едуциран медицински тим кој обезбедува 24-часовен комплетен мониторинг, терапија и стручна медицинска нега на пациентите. Во него, објаснува д-р Анета Арсовска, анестезиолог во „Ре-Медика“, се лекуваат пациенти предоперативно (се прави припрема за опсежни хируршки и гинеколошки интервенции), постоперативно (по преземената интервенција), како и критично болни пациенти (со комплексни медицински проблеми).

Пациентите кои имаат опсежни хируршки или гинеколошки интервенции понатамошното лекување го продолжуваат на одделот за интензивно лекување. Тој има капацитет од седум високоопмени кревети со комплетен мониторинг (инвазивен и неинвазивен), апарати за респираторна поддршка, инфузиони и перфузиони пумпи според светските стандарди објаснува д-р Арсовска.

ЦЕЛОСНО СЛЕДЕЊЕ НА ПАЦИЕНТОТ
Мониторингот на сите пациенти е интегриран во целосна мрежа преку централниот монитор кој ги поврзува сите монитори од единицата и ги меморира сите промени кај пациентите во текот на 24 часа.
Постојат три нивоа на мониторинг во зависност од општата состојба на пациентот и од типот на хируршката или гинеколошката состојба.

Стандардниот мониторинг вклучува: ЕКГ, неинвазивно мерење на крвниот притисок, пулсоксиметрија, мерење на дишна фреквенција, часовно мерење на диуреза и температура. Инвазивен мониторинг значи дека се прави инвазивно мерење на артерискиот притисок (преку канила која се пласира директно во артерија), мерење на централно-венски притисок (преку централен венски катетер кој се пласира во десната преткомора на срцето), пулмонален артериски притисок, интраабдоминален притисок и други параметри. Со вонстандарден мониторинг се следи капнографија (мерење на СО2 издишаниот воздух кога пациентот е на респиратор), ентропија, невромускуларна релаксација, спирометрија и сл. вели д-р Арсовска.

ПОДДРШКА
Пациентите кај кои се прават опсежни, долготрајни хируршки и гинеколошки интервенции имаат потреба во раниот постоперативен тек да престојуваат во единицата за интензивно лекување, сè до стабилизирање на нивната здравствена состојба.

Тука престојуваат и пациенти кои имаат потреба од инвазивен мониторинг и поддршка на срцевата функција и циркулацијата (инотропна стимулација), комплексна инфузиона терапија со целосен баланс на течности, како и пациенти кои имаат потреба од поддршка на дишењето (механичка вентилација), но и чистење на дишните патишта од секрет (трахеобронхијална аспирација). Пациенти кои поради типот на хируршката интервенција подолг период нема да можат да се хранат преку уста (по хируршки интервенции на желудникот или на цревата) и имаат потреба од патентерална исхрана, како и пациенти кои имаат потреба од ентерална исхрана преку ентерални пумпи (ентеропорт) исто така престојуваат на оваа единица. Таа поддржува и пациенти кои по хируршка интервенција на градниот кош имаат потреба од торакална дренажа објаснува д-р Арсовска.

ПОСТОЈАНА ГРИЖА
Единицата за интензивно лекување е место каде што пациентот е под континуирана грижа на доктори специјалисти и на медицински сестри. Една медицинска сестра се грижи за еден или двајца пациенти. Докторите и медицинските сестри се едуцирани и тренирани да се справат со најтешки ситуации.

Анета Арсова анестезиолог

Д-р Анета Арсова – анестезиолог

Покрај медицинската сестра, во единицата за интензивно лекување важна улога има и физиотерапевтот, кој се грижи за одржување на добра физичка кондиција на пациентот вели докторката.
Посетата на пациентите во одделот за интензивно лекување е во зависност од здравствената состојба на пациентот и е строго ограничена само за еден или два члена од најблиското семејство во краток период што докторот ќе го одреди. Посетителите пред влезот протоколарно прават дезинфекција на рацете, облекуваат специјални обувки, капа, маска и заштитен мантил за да се заштитат пациентите од микроби однадвор и да се превенира ширењето на инфекциите.

Единицата е целосно автоматски климатизирана и обезбедува чиста атмосфера преку специјални ХЕПА-филтри за прочистување на воздухот. Сите процедури кои се преземаат се со запазување на протоколот за работа со стерилна техника. Употребата на ракавици и дезинфекција е стандард кој редовно се запазува, со што се врши и превенција од инфекции додава д-р Арсовска.

Leave a reply