
ИНСУЛИНСКА РЕЗИСТЕНЦИЈА – ВИШОК НА ИНСУЛИН
По внесување храна во организмот се зголемува нивото на шеќер и инсулин во крвта. Кај здрав организам, за неколку часа, нивото и на гликозата и на инсулинот се регулира, односно се намалува до нормални вредности. Физиолошки, инсулинот одговора на зголемената концентрација на гликоза во крвта по оброк, има хипогликемиско дејство и неговата основна задача е да го нормализира нивото на зголемениот шеќер во крвта. Секретиран од бета-клетките на панкреасот, својата улога во организмот ја извршува дејствувајќи на клетките осетливи за него. Кога оваа осетливост кон неговото дејствување врз клетките е намалена и тие даваат отпор кон него зборуваме за настаната патолошка состојба на инсулинска резистенција (ИР). При оваа состојба инсулинот е неефикасно и отежнато препознаен и искористен од клетките кои покажуваат „инсулинска непослушност“, што е сигнал за панкреасот сè повеќе да секретира абнормално високо количество на инсулин, доведувајќи до нова состојба во организмот – хиперинсулинемија (зголемени нивоа на инсулинот во крвта). Ова докажува дека инсулинската резистенција е многу често во основата или во коренот на појавата на вишокот на инсулин, кој понатаму заради предизвиканата хормонална нерамнотежа од неговиот вишок води до низа заболувања, синдроми и патолошки состојби. Едни од најчестите се оваријалниот полицистичен синдром, дебелина и прекумерна телесна тежина, шеќерната болест или дијабетес, како и метаболичен синдром кој води до сериозни кардиоваскуларни проблеми.
ХИПЕРИНСУЛИНЕМИЈА – ВИШОК НА КИЛОГРАМИ
Инсулинот е наречен уште и ,,хормон на глад“ и хиперинсулинемијата или неговиот вишок води до зголемена потреба од внесување на храна која ќе доведе до зголемување на телесната тежина. Слабеењето кај ваквите пациенти е отежнато, а вишокот на килограми парадоксално води до уште поголемо исцрпување на резервите на инсулин од панкреасот со појава на хипогликемии, особено по зголемено внесување на храна богата со јаглехидрати. Кај пациентите, чувството на замор, палпитации и тремор, зголемена глад и жед, особено изразена потреба за слатка храна, проблеми со концентрацијата, хиперпигментации во пределот на пазувите, вратната регија или препоните се препознаени симптоми. Неправилната исхрана, која води до нарушување на липидниот профил и нарушување на цревната микрофлора, исхраната богата со фруктоза, дебелината, неактивноста и генетскиот фактор се дел од причините за инсулинска резистенција. Вишокот на килограми не мора да е нужно присутен при состојба на инсулинска резистенција, но високиот процент на жени кои страдаат од инсулинска резистенција и хиперинсулинемија (околу 90%), а воедно се со ИТМ кој укажува на прекумерна телесна тежина или дебелина, го врти вниманието во третманот на оваа состојба кон слабеењето или, поточно, кон намалувањето на стомачната дебелина, бидејќи овие жени имаат значително поголема можност за проблем со неплодноста од оние чиј индекс на телесна маса е во физиолошки граници.
ХИПЕРИНСУЛИНЕМИЈА – СИНДРОМ НА ПОЛИЦИСТИЧНИ ЈАЈЧНИЦИ
Инсулинот исто така има влијание на јајчниците, особено кај синдромот на полицистични јајчници (ПЦОС). Но, рецепторите за инсулин на јајчниците се разликуваат од оние на преостанатите ткива и зголемените количества на инсулин не ја намалуваат нивната активност. На овој начин, вишокот на инсулин (хиперинсулинемија) не го намалува дејството врз ткивото на јајчниците. Резултира со раст на клетките, зголемена продукција како на машките (андрогени) така и на женските (естрогени) полови хормони, предизвикувајќи хормонална нерамнотежа. Во репродуктивниот период, прекумерната телесна тежина и дебелината се поврзани со зголемени нивоа на машките полови хормони (андрогени) и отсуство на овулација, како што е случај при Синдромот на полицистични јајчници (ПЦОС), многу честа причина за женскиот стерилитет. Студиите покажуваат дека дури над 70% од жените со оваријален полицистичен синдром имаат проблем со инсулинската резистенција и хиперинсулинемијата. Начинот на кој се манифестира овој синдром зависи од возраста. Додека во адолесценцијата и кај младите девојки се појавуваат проблеми со нередовни менструации, зголемена појава на влакна и акни на лицето и телото, во периодот на постменопауза се јавува јасен метаболистички ризик од појава на кардиоваскуларни заболувања, веќе во репродуктивната возраст доминантен сериозен проблем е можноста за зачнување и спонтани абортуси, како и можна појава на хипертензија и дијабетес во бременост.
РАМНОТЕЖА НА ХОРМОНИТЕ И ТЕЛЕСНАТА ТЕЖИНА – ДЕЛ ОД ТРЕТМАНОТ ПРИ АСИСТИРАНА РЕПРОДУКЦИЈА И ИВФ
Со разбирањето на врската помеѓу зголемените вредности на инсулинот, односно хиперинсулинемијата, оваријалниот полицистичен синдром и вишокот на килограми, во клиничката практика за лекување на овој синдром и проблемот со зачнувањето е направен голем исчекор. Во лекувањето на ПЦОС, како прв избор на третман, секогаш се започнува со диетотерапија, храна за посебна медицинска намена која ќе обезбеди диететско регулирање на инсулинската резистенција, која не го провоцира лачењето на инсулинот во вишок. Хиперинсулинемијата може да се лекува и со лекови, но е важно, особено кај жените кои почнуваат со процес на инвитро-оплодување и асистирана репродукција, прво да спроведат диететски режим, да вклучат правилно дозирана телесна активност и да ги минимизираат нездравите навики од стилот на живеење со правилна хигиена на сонот и користење на методи кои би им помогнале да го редуцираат нивото на секојдневен стрес. Диетата треба да е составена од хранливи супстанции со соодветен гликемиски индекс, гликемиско полнење и инсулински индекс. Оброкот треба да задоволи ситост во наредните 4-6 часа, а со тоа, од една страна, да се превенираат хипогликемиите кои се чести доколку ритамот на внесување храна е над 6 часа (што директно би предизвикало лачење на нови количества на инсулин за да се обезбеди енергија за ткивата), а од друга страна постепено да се дозволи физиолошко намалување на инсулинот во наредните 4 часа по внесувањето на оброкот. Стимулација за дополнителни количества излачен инсулин е и внесувањето на алкохол, кафе, а истиот ефект го имаат и цигарите. Затоа нивната намалена употреба или целосно исфрлање од употреба е мерка која се советува при третманот на хиперинсулинемијата и инсулинската резистенција. Користењето на правилни суплементарни додатоци во терапијата за регулирањена хормоналната нерамнотежа е советувано од страна на лекар. Коригираната и контролирана исхрана и супортивната терапија значајно го зголемуваат ефектот на лекувањето на инсулинската резистенција и на оваријалниот полицистичен синдром, особено кај жените со вишок на килограми, а ефектот се огледува во многукратно подобри резултати во процесот на остварување како родители. Генетскиот тест со кој се утврдува постоење на ризик за инсулинска резистенција и хормонална нерамнотежа и телесна тежина е достапен во молекуларната лабораторијана „Ре-Медика“.