Д-р Наде Петановска и психологот м-р Марија Стојкоска-Василевска од првата приватна општа болница „Ре-Медика“, заедно со нутриционистката Тања Турунџиева, одржаа предавање за женското здравје во просториите на „Олимпиа моторс“. Пред присутните гости, д-р Петановска истакна дека превенција од рак на дојка постои, во смисла на редовни прегледи, кои е многу важно да се прават. “Сите знаеме дека карциномот е множење на малигните клетки, кои прават тумор во дојката. Се развива кај женската популација, но и 1 отсто кај мажите. Тој е прв по зачестеност. Секоја година имаме сè поголем број заболени, но во исто време и сè поголем број излечени жени. Раното откривање е најдобрата заштита. Превенција постои во смисла на редовни прегледи. Многу е важно да размислуваме за своето здравје” рече д-р Петановска.

Основен метод за преглед, додаде таа, е мамографијата, како и ехо-прегледот, магнетната резонанца и биопсиите.

“Сите жени по дваесеттата година треба да прават ехо-прегледи. Постои ризик кај одредени жени, а има неколку ризични групи – жени што имаат генетски предиспозиции, односно жени што имаат во прво колено болни од карцином на дојка, жени што се подолго изложени на естрогените, односно што добиле менструација на возраст под 12 години или, пак, биле на хормонска терапија. Многу е важно да одберете каде ќе ги правите прегледите. Нив ги прави специјалист радиолог” истакна докторката.

Во врска со стравот од болест, психологот Марија Стојковска-Василевска појасни дека, всушност, стравот е основна човечка и здрава емоција.

“Функционалниот страв е „немој да фаќаш жешко, ќе се изгориш“, односно тој страв нè штити да не ризикуваме. Нефункционалниот страв е во делот кога за нешто имаме катастрофични очекувања. Не сме присутни во моментот што се случува, да препознаеме кој страв нè штити, а кој работи против нас. Се јавуваат и хипохондрични моменти пречесто правиме прегледи, а таа претерана грижа ни прави стравови” вели психологот.

Природно е секој човек да искусува трауми во животот, а траумата е многу истражувана, додава таа.
“Првата фаза е првичниот момент на шок, кога човекот не може да ја прифати информацијата. Потоа следува фаза на негирање – негира дека нештото се случило, и тоа е природна фаза. Лутина е следната фаза – се чувствуваме обесправено, велиме дека животот не е фер. Следуваат фазите на безнадежност, човекот болен од карцином заборава сè што е и единствено се идентификува со пациент болен од рак. Следната фаза е фаза на прифаќање, човекот е подготвен да влезе во битка” појасни Стојкоска-Василевска.

Нутриционистката Тања Турунџиева, пак, пред присутните истакна дека едукацијата во однос на исхраната е многу важна и кога човекот е здрав и кога е болен.

“Се соочувам со пациенти што имаат најразлични карциноми, имаме експанзија на оваа болест, и тоа, за жал, доцна дијагностицирани. Девизата е дека секој ден треба да се живее како последен, а составен дел во тоа секојдневие е секако храната, која може да е и лек и уништувач. За жал, има експанзија на индустриската храна, храна со емулгатори, адитиви, која го намалува нашиот имунолошки систем. Сè читаме на „д-р Гугл“ и мислиме дека не треба да се консултираме со стручни лица кога станува збор за храната. Мојата порака е да не импровизираме со храната. Здравјето се чува секој ден, а не кога ќе се појави болест. На нашиот организам му е потребно сè што има на нашето поднебје” рече Турунџиева.

Олга Јованова, маркетинг-менаџерка во „Олимпиа моторс“, им се заблагодари на присутните гости што дојдоа да се информираат и да научат повеќе за женското здравје. “Целата наша мисија се темели на градење пријателства со нашите клиенти. Таков е нашиот однос – отворен кон сите наши соработници. Годинава славиме 15 години, а нашата компанија долго време работи на општествена и социјална одговорност. „Олимпиа моторс“ е овластен сервис, а аутлетот на возила успешно работи веќе две години” рече Јованова.

Leave a reply