
Не секогаш животните (не) прилики ни дозволуваат оваа комуникација психа – тело да се одвива беспрекорно. Некогаш свесно, а некогаш несвесно правиме прекини. Колку порано ја освестиме оваа потреба за целокупното наше функционирање, дотолку полесно ќе ја вклопуваме во нашиот идентитет- М-р Марија Стојкоска- Василевска, психолог и психотерапевт
Поделбата на физичко и ментално здравје е повеќе потреба за задоволување на човечкиот начин на размислување, за подобро анализирање и разбирање на работите што се случуваат во нас и околу нас. Вистината е дека физичкото и менталното здравје се во нераздвојна целина и се заемно зависни. Физичкиот начин на којшто функционира организмот и тоа како човекот се чувствува, размислува, се доживува и третира себеси додека комуницира со средината е неразделна целина. Таа размена е присутна и при основниот процес за живот, дишењето. Организмот физички е одреден и на несвесно ниво да го извршува овој процес, но знаеме колку дишењето е поддршка и во доживувањето на емоциите и размислувањето за нешто што се случува околу нас. Затоа велиме „диши длабоко“ кога сме исплашени или во шок или, пак, кога минуваме низ тешка ситуација го задржуваме здивот, окупирани со нашите мисли, па потоа воздивнуваме.
ШТО ЗНАЧИ ДА СИ ГО ПОЧИТУВАШ ТЕЛОТО?
Науката многу придонела за разбирање на оваа поврзаност, како да ги насочуваме нашите мисли додека се справуваме со некоја телесна болест во функција на поддршка за оздравување или, пак, како стравот и доживувањето на стресот се одразуваат врз физичкото здравје втурнувајќи нè во болест. Оттаму, постојат многу начини и методи како освестувајќи ја поврзаноста помеѓу нашето физичко и нашето психичко здравје може да придонесуваме за поквалитетно функционирање и посреќен живот. „Почитувај си го телото“ – е совет кој често го слушаме или читаме. Но што значи тоа? Контактот со телото се случува кога со намера ја насочуваме нашата свест кон телесните процеси (кон биењето на срцето, градите, дишењето итн.) и телесните сензации кои ги доживуваме во моментот, асоцирајќи што во тој момент тие сензации нè носат на ниво на мисла, емоција, потреба, желба. На тој начин учиме како да го „слушаме“ своето тело и да дејствуваме во сооднос со „слушнатото“.
Овој процес се учи сè додека не стане стил на живот според кој може да кажеме дека живееме во склад со себе, се прифаќаме и почитуваме целосно. Не секогаш животните (не)прилики ни дозволуваат оваа комуникација психа – тело да се одвива беспрекорно. Некогаш свесно, а некогаш несвесно правиме прекини. Свесните прекини, кога во име на нешто што се случува и го доживуваме како значајно (на пример, потребни сме му на некој близок или сме со ангажман кој бара континуирана посветеност), во заднина ги ставаме комуникацијата и грижата за нашето тело и за себе во целост. Доколку одредиме време по кое се враќаме на себе, не се очекува да го нарушиме нашиот баланс. Но кога несвесно ја прекинуваме комуникацијата и тоа трае подолг период, постои голем ризик да влеземе во страдање кое ќе се одрази или на ментален или на физички план, или и на двата.
ГРАНИЦИ КОН СЕБЕ
Колку порано ја освестиме оваа потреба за целокупното наше функционирање, дотолку полесно ќе ја вклопуваме во нашиот идентитет. По 30-та година од нашиот живот, кога најчесто веќе имаме изграден идентитет и јасни улоги, аспекти преку кои се пројавуваме во средината (сопруг/а, пријател/ка, момче/девојка, син/ќерка, родител…) и професионално (работник/чка, лекар/ка, учител/ка…) додавањето нова улога, односно нов аспект во нашиот идентитет не е едноставно. Тој аспект треба да се вклопи во баланс со преостанатите. Може да се присетиме колку е потребна мотивацијата за да се одлучиме некоја физичка активност да ја извршуваме редовно. Аспектот кој би значел „јас сум некој што се грижи за себе, за своето тело и психа еднакво како и за тоа што работам, со кого сум, каков сум во релација со други, важно ми е и каков сум во релација со себе“ понекогаш е предизвик за личноста и често може да биде перципиран како „не сакам да сум себичен/на“.
Многу често низ психотераписката работа се сретнуваме со наметнати интроекти дека грижата за себе може да биде оценета од средината како себичност. Додека, пак, може да посведочиме дека кај помладата популација, речиси од 20-та година постои тенденција за поголема свесност и одговорност за телото преку разни физички активности и спортување. Она што го слушаме најчесто од луѓето кои активно се грижат за своето тело е „кога ќе извежбам се чувствувам поубаво, поенергично“. Тоа е еден од важните начини во развивање на односот психа – тело. За да контактот со телото биде уште побогат и поавтентичен на нашата индивидуална природа, значајно е физичката активност да не ја ограничуваме само на изгледот на телото и самодовербата што повратно ја добиваме, туку да се развиваме и чекор понатаму, свесност за целосно функционирање. Вклучувајќи редовна физичка активност и внимавање на начинот на исхрана се алатки преку кои можеме да го градиме и одржуваме мостот меѓу телото и псиката, но исто така е значајно тој мост да го користиме постојано, проверувајќи се кои сме и како се доживуваме себеси.
Во создавањето и одржувањето на балансот психа – тело развиваме капацитет кој подразбира граници кон себе (мисли кои нè демотивираат, особини кои нè саботираат) и граници кон средината (што дозволуваме да нè допре, да нè разниша и како да филтрираме за да се заштитиме). Што внесуваме во нашето тело и како храна и како информации од средината, физичката активност како начин да ни го обликува телото и да нè ослободува од стрес се мостови за да стигнеме до посакуваната себе, која ги вклучува и изгледот и физичката кондиција, но и личност која е самосвесна и живее во склад со себе и средината.