Од октомври до март доминираат вирусните инфекции, а во пролетните месеци алергиите. Посетата на педијатар и во обата случаи е препорачлива за што побрза дијагноза и за што поефикасно лекување на децата. Лекувањето е работа на педијатрите, вели д-р Лазаревска, и ги советува родителите да не преземаат ништо на своја рака, особено не со давање антибиотици

По завршување на Медицинскиот факултет, д-р Искра Лазаревска се вработила како општ лекар во Институтот за белодробни заболувања кај децата, односно во Детска болница – Козле, каде што почнало нејзиното професионално изградување. На почетокот како општ лекар, а потоа и како специјалист педијатар, во својата професионална кариера работела во повеќе оддели, каде што се посветила на пациентите со акутни и хронични респираторни болести, како и на алергиските заболувања на горните и долните дишни патишта. Кариерата ја надградувала во работата на бронхолошкиот кабинет на болницата, каде што од секојдневната работа и анализата на наодите од бронхолошките испитувања произлегла и нејзината магистерска работа од областа на педијатриската бронхологија. Денес прим. м-р д-р Искра Лазаревска е дел од педијатрискиот тим на „Ре-Медика“. Со неа разговаравме за најважните прашања поврзани со посетата на педијатар, дијагностиката на вирусите, алергиите и компликациите и лекувањето на децата.

Која е најчестата причина за посета на педијатар во периодот откога сте во „Ре-Медика“?

Моето доаѓање во „Ре-Медика“ се совпадна со периодот кога ординациите беа преполни со пациенти со респираторни тегоби. Иако имаше пациенти кај кои беше потврдена бактериска основа на инфектите, во најголем процент стануваше збор за пациенти со вирусни заболувања. Токму периодот од октомври до март е период кога тие доминираат. Тоа се заболувања кои ги засегаат дишните органи – горните (носните празнини, грлото, ушите, синусните празнини) и долните дишни патишта (гласниците, дишни- те патишта, белите дробови). Не ретко вирусните инфекции прават подлога за развој на бактериски инфекти кои ги сметаме како компликација на вирусните инфекти. Како вирусната инфекција ќе се одрази на организмот зависи од повеќе фактори – типот на инфектот, имунолошката зрелост на организмот, отпорноста, исхраната… Дали ќе настанат компликации исто така зависи од повеќе фактори.

Која е најчестата клиничка слика со која доаѓаат пациентите?

Мошне е разнобојна, од полесна, со поблага клиничка слика со засегање само на горните дишни патишта, со бистра носна секреција, покачена температура, кашлица која е сува и надразлива, но може да биде и доста драматична, особено кога со инфектот се засегнати и гласниците, па се манифестира и со кашлица која наликува на „кучешки лаеж“ и која е причина за загриженост на родителите. Кај посериозните инфекти може да се јави и забрзано и отежнато дишење, малаксаност и висока температура, која понекогаш и покрај спроведување на соодветен третман не е во можност да се нормализира. Кај некои од овие дечиња, со посебни брисеви од носето и од грлото потврдуваме дали се работи за Инфлуенца А, односно Инфлуенца Б, попознати како грип, па ги следиме почесто поради можни компликации.

При вирусна инфекција давањето антибиотици е без никаков ефект. Третманот се фокусира на спроведување на општи мерки како што се мирување, одржување на проодност на горните дишни патишта со апликација на хипертон раствор на солена вода, внесување течности за одржување на хидратација поради губењето на течности, намалување на телесната температура со „парацетамол“ или „ибупруфен“, како и со витаминска терапија.

Кога и кои пациенти треба да одат на лекар?

Според препораките во литературата, доенчињата до 3 месеци треба веднаш задолжително да се однесат кај педијатар, а јас би препорачала тоа да важи и за сите доенчиња до една година. За поголемите се препорачува спроведување на општите мерки давање доволно течности, лекови за температура доколку се покачи над 38,5 Целзиусови степени и нивно следење во првите 24-48 часа, а доколку состојбата не се подобрува, да се однесат на педијатар кој ќе направи процена за сериозноста на здравствената состојба.

Кои испитувања се препорачуваат иницијално?

Иницијално правиме базични испитувања, како што се крвна слика и ЦРП, а кај оние кај кои клиниката не упатува, правиме и специјален тест за Инфлуенца А/Б. Секако, доколку клиничката слика налага, се прават и дополнителни испитувања, како рендген на бели дробови и микробиолошки и лабораториски испитувања.

Како се третираат вирусните инфекции и што ги советувате родителите?

Во најголем број случаи кај вирусните инфекции нема потреба од некој специфичен третман. Давањето антибиотици е без никаков ефект, па затоа се даваат доколку настанат компликации. Третманот се фокусира на спроведување на општи мерки како што се мирување, одржување на проодност на горните дишни патишта со апликација на хипертон раствор на солена вода, внесување течности за одржување на хидратација поради губењето на течности, намалување на телесната температура со „парацетамол“ или „ибупруфен“, како и со витаминска терапија. Се препорачува и давање имуномодулатори и имуностимулатори. Се препорачува и давање на антивирусни лекови, а доколку се потврди дека станува збор за вирусот на грип, се препорачува давање на специфичен антивирусен лек како „тамифлу“.

Дали е оправдано земањето на антибиотици при вирусните инфекции?

Давањето на антибиотици во иницијалната фаза е без никаков ефект. Напорите се насочени кон советување на родителите за неоправданоста од земање антибиотици, особено не на своја рака. Препораките до родителите се да има почести контроли кај педијатар, за да се потврди евентуално настаната компликација и тогаш би се дал соодветен антибиотик. Морам да повторам – антибиотици се даваат само во случај на компликации и по задолжителна консултација со педијатар. До март најчесто доаѓаат пациенти со вирусни инфекции.

Какви тегоби се карактеристични за пролетниот период?

Ако изминативе месеци доминраа вирусните инфекти, периодот што следува, односно пролетните месеци се период кога најчеста причина за посета на лекар се сезонските алергиски заболувања на дишните органи. Тоа е период во кој, практично, има експолизија од полени.

Алергиски заболувања можат да го погодат целото дишно стебло, како горните така и долните дишни патишта, односно се јавуваат под клиничка слика на алергиски ринитис, т.е. под клиничка слика на астма, поединечно или заедно со засегање на целото дишно стебло. Не секогаш клиничката слика е јасна

Со каква клиничка слика се јавуваат?

Алергиски заболувања можат да го погодат целото дишно стебло, како горните така и долните дишни патишта, односно се јавуваат под клиничка слика на алергиски ринитис, т.е. под клиничка слика на астма, поединечно или заедно со засегање на целото дишно стебло. Не секогаш клиничката слика е јасна. Мошне е тешко да се опишат со неколку збора, особено што не секогаш се јавуваат со типична клиничка слика, па остануваат недијагностицирани веднаш. Најчесто станува збор за алергиски ринитис, астма, а нивното навремено дијагностицирање и лекување им овозможува на децата-пациенти растење со што помалку ограничувања, како што се, на пример, отсуствата од училиште или краткото време за дружење со другарчињата. Во секој случај, повторливите респираторни инфекти, кои се потешки и имаат продолжен тек, треба да насочуваат кон продлабочување на испитувањата од алергиски аспект. Предизвик за секој педијатар е нивно навремено дијагностицирање и ординирање, што ќе им овозможи на децата нормално растење со минимално отсуство од колективните установи и од училиштата.

Најголемото задоволство за секој педијатар е пред себе да има здраво дете, затоа сите напори се насочени кон постигнување на таа цел.

Leave a reply