Во современите услови на живот и работа, професионалниот стрес честопати може да доведе до состојба на т.н. согорување или бурнаут. Ова претставува општествен и професионален проблем, кој долгорочно влијае на психофизичкото здравје на работникот, на резултатите од неговата работа, мотивација, но и на животот воопшто. Овој синдром е толку чест што Светската здравствена организација уште пред неколку децении прогласила епидемија на бурнаут синдром.

Овој синдром на согорување е реакција на организмот на хроничен долготраен стрес на работното место, а може да се појави и во професионалниот однос со колегите и со клиентите. Од него страдаат сите, но најмногу оние што имаат хуманистичка професија, претежно лекари и медицински персонал, но и професии што со себе носат голема одговорност и кај кои нема место за грешки.

СИМПТОМИ

Согорувањето се манифестира со низа телесни и ментални симптоми на исцрпеност, кои се резултат на хронична емоционална исцрпеност и негативни меѓучовечки односи на работното место, но и во сите сфери на социјалниот живот. Во таква состојба пациентот има чувство на постојана напнатост, без соодветен начин да се одбрани од долготрајниот притисок. Немоќта за одбрана, вели докторката, потоа прави чувство на беспомошност, замор и исцрпеност, а неретко се јавуваат и посериозни проблеми како когнитивни (спознавателни) нарушувања, зголемена анксиозност и тешка депресија.

Некои автори сметаат дека овој синдром е облик на депресија, а други, пак, дека бурнаут е посебен синдром, бидејќи се поврзува исклучиво со случувањата на работното место, а депресијата не можеме да ја поврземе само со професијата. Централен симптом на синдромот на согорување најчесто е емоционалната исцрпеност. Кога емоционалните резерви ќе се исцрпат, човекот се чувствува исцедено, не дава онолку колку што добива и не е способен психолошки да се посвети толку колку што бара работата што ја извршува. Константноста на давање без реципроцитет со текот на времето ја празни емотивната акумулација на професионалецот, развивајќи чувство на истрошеност и неможност за понатамошно давање.

При синдромот на согорување се јавува и деперсонализација, односно развивање различни ставови и односи со колегите, клиентите и со непосредното опкружување. Тоа често се манифестира со рамнодушен, бесчувствителен и негативен став, кој може да прерасне во грубо однесување кон околината.

ГУБЕЊЕ САМОДОВЕРБА, ДЕПРЕСИЈА…

Чувството дека не сме доволно ефикасни во работата, кое го следи бурнаут синдромот, може да премине во екстремно чувство на несоодветност и неуспех, по што почнуваме да ги губиме самодовербата и себепочитувањето и, неретко, да паднеме во тешка депресија. При синдромот на согорување подлегнуваат оние што постојано се изложени на хроничен стрес, но човекот почнува да согорува тогаш кога ќе увиди дека не е еднаков со другите и не напредува како нив, дека неговиот труд не се цени и почитува, дека она што го дава и инвестира како професионалец и како личност не е соодветно пофалено, наградено или платено. Терминот бурнаут го вовел психологот Херберт Фројденбергер уште во 1974 година, дефинирајќи го како состојба на изумирање на мотивацијата за работа, особено таму каде што нечија посветеност или однос кон работата не ги даваат посакуваните резултати.

Бурнаут фази

Фа­за­ на­ иде­а­ли­стич­ки ­ен­ту­зи­ја­зам

Полни сме со силна енергија, голема надеж и нереални очекувања кога почнуваме со работа. Во почетокот очекуваме пријатна клима, праведност за сите и дека колегите ќе нè прифатат. Во оваа фаза не се штедиме, подготвени сме да се жртвуваме и прифаќаме поголеми и потешки задачи, не оставаме време за приватниот живот, работата ни е на прво место, имаме големи амбиции за напредок во кариерата, главен мотив и двигател во животот ни е да се реализираме себеси на професионален план. Но кога одговорот на сето тоа е несоодветен, попусто трошиме енергија и работиме прекувремено, а тоа е најголемиот ризик за бурнаут.

Фа­за ­на­ стаг­на­ци­ја

Почнуваат да се јавуваат тешкотии во комуникација со соработниците и со пријателите, почнуваме да забележуваме разлики, неправилности, фаворизирање на едни во однос на други, манипулација, па дури и задевање од претпоставените. Во оваа фаза на приземјување се уште си ја сакаме работата, работиме професионално, но без одушевување. Сфаќаме дека постојат и други интереси во животот, како семејство, лично усовршување, пријатели, други финансиски извори…

Фа­за ­на ­фру­стра­ци­ја

Емоционално се повлекуваме во себе и се изолираме. Почнуваме да се преиспитуваме колку сме ефикасни во професијата, која е смислата на работењето, особено ако има неправилности во неа (немање одмор, прекувремена, а неплатена работа, без награди за сработеното, манипулации или некоректен однос меѓу колегите итн.). Во оваа фаза се јавуваат и првите знаци на телесна исцрпеност, што е дополнителен стрес, кој води во последната фаза.

Фаза­ на­ апа­ти­ја

Имаме наполно загубена верба во себе и во својата компетентност и стануваме незаинтересирани за својата работа. Апатијата е едно од најтешките психички чувства кога веќе нема емоции. Таа не се однесува веќе само на професионалната сфера туку и на другите сфери од животот. Во оваа фаза е јасно дека имаме проблем. Тогаш или ќе ја промениме работата или ќе останеме кај што сме со целосна демотивираност. Честопати апатијата и заморот се толку силни што немаме сила ништо да промениме. Во ваква фаза тешко ќе оди и лекувањето.

 

При синдром на согорување, покрај психолошки се јавуваат и физички тегоби:

  1. Замор
  2. Премаленост
  3. Неодредени болки
  4. Главоболка
  5. Стомачни тегоби
  6. Несоница или чести будења во текот на ноќта
  7. Варирање на телесната тежина
  8. Покачен шеќер во крвта
  9. Намален имунитет
  10. Цереброваскуларни болести

ЗАШТИТА И ТЕРАПИЈА

Најважната работа во лекувањето на овој синдром е проблемот да се препознае навреме и да се сфати како сериозна состојба. Лекување то може да биде многу тешко, бидејќи мора да се најдат нови мотиви пациентот да продолжи понатаму, а тоа бара голема промена во неговото однесување.

Има повеќе стратегии за превенција на синдромот. Едните се однесуваат на тоа како поединецот како личност може сам да си помогне, а другите се организациски стратегии што треба да ги направат фирмите. По единецот прво мора да се едуцира за овој проблем, да биде свесен за сво ите чувства, да на учи да го гради својот приватен живот, да ги развива комуникациските вештини, да се подготви за тоа што го очекува на професи онален план. Покрај тоа, тој треба да се занимава и со други активности, да си најде хоби, физички да се рекреира, да се релаксира, но и да си постави граници, да размислува рационално, па дури да на учии да кажува „не“.

Стратегијата што треба да ја направат фирмите за заштита на своите вработени од синдромот на согорување значи стратегија на раководење, тренинг и обуки поврзани со работното место на вработените, грижа за новите работници, градење тимови и организациски развој, ограничување на бројот на клиенти, рамноправно распоредување на тешките задачи, ограничен број работни часови, еднакви можности за напредување, планирање…

При лекувањето мора да се имаат предвид причините за настанување на синдромот. На човекот што е во бурнаут треба внимателно и тактички да му се пристапи, а се препорачуваат советување и терапија. Прогнозата најмногу зависи од индивидуалните карактеристики на поединецот, бидејќи поединците што се свесни за појавата на бурнаут, а не можат да ја спречат, единствениот излез го гледаат во напуштање на работното место.

Д-р Бјанка Чачев-Спанческа, невропсихијатар

Leave a reply