
Кога се работи за анестезија кај децата со посебни образовни потреби, вклучително и тие со АСН (аутистичен спектар на нарушувања), има специфични постапки кои, поради здравствената состојба на тие деца, мора да се применат системски и прецизно.
Децата со АСН имаат познат и ригиден дневен распоред и не толерираат отстапки од рутината. Затоа се потребни сериозна премедикација и посебни методи на комуникација со овие деца- Д-р Роберт Домазетов, анестезиолог
Околу два отсто од популацијата има тешкотии со учењето, односно коефициент на интелигенција под 70. Тие имаат нарушувања во комуникацијата и говорот и не се справуваат добро со нови искуства. Овие деца може да имаат добро физичко здравје. Нарушување во развојот е манифестација и на физички коморбидитети како Даунов синдром, церебрална парализа, метаболни нарушувања. Овие деца имаат потреба од почести посети на лекар и може да имаат потреба од анестезија во разни лекарски интервенции.
На оваа тема детално објаснува д-р Роберт Домазетов, анестезиолог во „Ре-Медика“. Вовед во темата побарав од експерт за АСН, проф. д-р Владимир Трајковски, професор по хумана генетика, физиологија со функционална анатомија и медицински основи на инвалидноста на Филозофскиот факултет на УКИМ.
„Децата со посебни образовни потреби бараат здравствени услуги почесто од другите деца и може да имаат потреба од анестезија за хируршки, стоматолошки или дијагностички процедури. Анестезиолозите имаат голема веројатност во текот на својата кариера да се грижат за децата со АСН. Тие деца честопати не се во состојба да се справат со непозната периоперативна околина, што кај нив може да предизвика предизвикувачко однесување и анксиозност, што претставува голем проблем и за родителите и за лекарите во услови на хоспитализација. Планирањето однапред, со родител или старател активно вклучени во креирање индивидуализиран периоперативен план, е многу важно за непречен периоперативен тек. Потребен е мултидисциплинарен пристап насочен кон пациентите со АСН.
Давателите на анестезија треба да се свесни дека зачестеноста на АСН во САД изнесува 1 дете на 59 деца и дека оваа состојба е во епидемиски пораст. Со тоа, анестезиолозите во Македонија треба да знаат дека сè почесто ќе имаат вакви пациенти. Треба да ги имаат на ум и различните лекови кои овие деца можат да ги примаат и да предвидат евентуални интеракции со анестетикот. Тие треба да бидат свесни дека децата со аутизам може да примаат стимуланси или антипсихотични лекови. Кога некои од овие лекови се комбинираат со анестетици може да дојде до зголемување на депресијата на централниот нервен систем. Анестезиологот треба да знае да ја избегне или минимизира употребата на проблематичниот анестетик“.
Децата со АСН имаат познат и ригиден дневен распоред и не толерираат отстапки од рутината. Во екстремни случаи се некооперативни до ниво на одложување на процедурата. Затоа е потребна сериозна премедикација и посебни методи на комуникација со овие деца. Пациентите често не се во можност да ги опишат симптомите, па анамнеза добиваме од родителот или старателот. Некои деца не прифаќаат физички контакт, па некогаш прегледот се изведува во анестезија. Ако е отежнато земањето крв за анализи, тоа се прави во операциона сала по примена анестезија. Ако постоперативно не можат да ја опишат болката, таа се цени со опсервациски и бихевиорални методи.
АУТИСТИЧЕН СПЕКТАР НА НАРУШУВАЊА
Аутистичниот спектар на нарушувања е развојно нарушување кое се јавува во првите три години од животот и претставува доживотна состојба. Машките деца ги афектира четири пати повеќе во однос на женските. Може да имаат помал коефициент на интелигенција, но можат да имаат и нормален и поголем. Имаат тешкотии во социјалната комуникација, интеракција и имагинација. Често не сакаат допир или преглед, имаат репетитивни обрасци на однесување, пребирливи се за јадење, одбиваат да ве гледаат во очи. Потребно е објаснувањата да бидат повторувани за секоја процедура, бидејќи овие лица имаат проблеми во апстрактното мислење и разбирање. Кај лицата со аутизам често се откриваат биохемиски и метаболички нарушувања. Тоа се митохондријална дисфункција, зголемени лактати и пирувати, хипомагнезиемија, недостаток на витамин Б (лимитирано внесување или цревна дисфункција) и абнормалности на мембранските липиди. Се препорачува добро хидрирање, внимателно со хартман раствор, бидејќи содржи лактати, одржување на нормална гликемија, телесна температура и пеха(рН).
АНЕСТЕЗИОЛОШКА СТРАТЕГИЈА
Преоперативна нега – Да се пополни чеклиста со информации за мобилност, комуникација, што сака, што не сака, фобии… Да се обезбеди тивка зона за чекање, да биде прв на оперативен програм со пократко време на гладување. Родителите или старателите да донесат играчки од детето или некој предмет што го смирува. Во операционата сала да има намалено светло, што помалку врева и што помалку персонал. Да се премедицира со „мидазолам“ или со комбинација на „мидазолам“ и „кетамин“, во зависност од однесувањето на детето. Локална анестетичка крема се става пред боцкање во вена кај свесно дете. Ако е можно се избегнува физичка сила. Пожелно е присуство на старател или родител при давање на анестезија. Пероперативна нега – Потребна е длабока анестезија со инхалациски вовед. Да се користат локални и регионални техники, „парацетамол“ и нестероидни антиревматици. Да се даде „антиеметик“ и добро да се хидрира со изотоничен раствор.
Постоперативна нега – Кај овие пациенти е потребно брзо и лесно будење и рано пуштање дома. Се пуштаат кога ќе ја вратат вообичаената ориентација и мобилност. Потребно е интравенската канила да биде бандажирана сè додека е потребна.
КОМУНИКАЦИЈА
Со лица со нарушен говор се комуницира со знаковен јазик, а се користи и помош од родител или старател. Кај лица со АСН можеме да го објасниме процесот на анестезија со нацртани симболи –ПЕЦС (РЕСЅ) метода. На пример, симбол за сестра, игра, чекање, маска за лице, лек, спиење…
Со пациентите со посебни образовни потреби се користат едноставни зборови и јазик, се зборува јасно и директно, се воспоставува контакт со очи, се избегнува комплексен говор – жаргон, скратеници, сарказам и метафори, бидејќи лицата со АСН немаат можност да го разберат тоа. Се користи говор на телото, експресија на лицето, гестови. А исто така и читање, пишување, симболи, предмети и електронски направи – компјутери, таблети и мобилни телефони.
Leave a reply