Царскиот рез денес станува се повеќе застапен во вкупниот број на породувања и во светот и кај нас во Македонија. Во Ремедика околу 42% од породувањата завршуваат со царски рез. Индикација за завршување на раѓањето со царски рез е најчесто акушерска – било поради причини кај мајката – зголемен крвен притисок предизвикана од бременоста, фетопелвична диспропорција, прееклампсија и еклампсија, дијабет или поради причини од страна на бебето со фетален дистрес, папочна врпца обвиткана околу вратот или преку рамо, а некогаш и поради желба на мајката. Царскиот рез претставува оперативна техника и носи сама од себе ризик и можни компликации, посебно за мајката, но кои поради подобрените техники на операција и анестезија, подобриот мониторинг и превенција се многу ретки. Изборот за тоа кој вид на анестезија е најбезбеден и најадекватен за секоја родилка зависи од многу фактори. Што е добро за една не значи дека е добро за друга родилка. Пристапот на анестезиологот е секогаш индивидуален и се разгледуваат многу фактори – дали царскиот рез е итен или не,каква е здравствената состојба на мајката, потребите на акушерот, желбата на родилката. Општи цели за избор на анестезија се:
а. безбедност на мајката
б. безбедност за бебето
в. комфортза родилката и д. можноста да се изведе царскиот рез со избраниот вид анестезија.

Видови анестезија за царски рез

Главно постојат два вида – општа и регионална анестезија, а регионалните техники се спиналната и епидуралната анестезија.

Општата анестезија царски рез

Општата анестезија е резервирана за пациенти каде царскиот рез мора да се заврши „ВЕДНАШ“, најчесто поради дистрес на бебето. При општата анестезија пациентката заспива поради давање на анестетици и аналгетици низ интравенската инфузија, воведот е брз, крвниот притисок е постабилен, а мајката се буди откако се ќе биде готово. Овој вид е индициран кај мајки со пореметување во коагулацијата, невролошки заболувања, инфекции на кожата на грбот каде се боцка за регионална анестезија и друго. Најголем недостаток на општата анестезија е фактот што мајката го проспива раѓањето на своето дете, не може да чуе првиот плач и не може да го прегрне откако ќе се роди. Откако ќе се заврши царскиот рез, будењето е брзо, но брзо се јавува и постоперативна болка. Бебињата родени со општа анестезија се малку попоспани поради влијанието на анестетиците кои иако брзо се елиминираат преку постелката и папочната врпца сепак доаѓаат од мајката во бебето. Најголем ризик при општата анестезија е поврзан со обезбедување на дишниот пат. Сите трудници се сметаат дека имаат „полн“ стомак, па мора при општата анестезија да се обезбеди дишниот пат со посебен ендотрахеален тубус те цевче кое не дозволува желудочна содржина да се врати во ждрелото и да навлезе во душникот што пак предизвикува воспаление на белите дробови и по живот опасни компликации. Кај трудниците некогаш може поставувањето на ендотрахеалниот тубус да биде тешко – мало отварање на устата, висок отвор на душниокот и сл. Анестезиологот при преданестезиолошки преглед и разговор и ги објаснува техниките за анестезија и доколку има одредени пречки за поставување на тубусот и препорачува на мајката изведување на царскиот рез со регионална анестезија.

Регионална анестезија за царски рез

Општо земено регионалните видови анестезија се покажаа како подобри за мајката и за бебето и се користат повеќе. Во светот и до 90%, а кај нас во РеМедика до 72% царскиот рез се извршува со регионална анестезија, најчесто спинална, а 5% со епидурална и тоа кога веќе имаме поставено епидурален катетер а поради извесни причини мора породувањето да се заврши со царски рез.
До пред 12 години епидуралната анестезија беше регионална анестезија на избор за царски рез. Денес со новите локални анестетици тоа е спиналната. Принципот и на двете регионални анестезии е во апликација на локален анестетик или комбинација со аналгетик во близина на нервните влакна кои ги пренесуваат болните дразби од местото на операција во долниот дел на стомакот. Штом локалниот анестетик делува на нив постепено се губи осетот за топло-ладно, за болка, нозете отрпнуваат и стануваат тешки поради тоа што освен на сензитивните влакна делува и врз моторните нервни влакна околу 2-3 часа. Постоперативната болка кај регионалните анестезии е помала бидејќи постепено се губи ефектот и трае неколку часа и после завршување на царскиот рез, а во меѓувреме се даваат и други аналгетици.
Апликацијата на локалниот анестетик се врши на ниво на слабинскиот дел на кичмениот столб во меѓупрешленските простори.
При спиналната анестезија преку тенка спинална игла која потоа се вади, локалниот анестетик се апликацира во спиналниот простор кој е исполнет со спинална течност во која пливаат нервните влакна. Анестезијата настапува брзо за 5-10 минути, а техниката е поедноставна.
Кај епидуралната анестезија најчесто низ специјална епидурална игла се поставува пластичен тенок епидурален катетер – цевче во епидуралниот простор кој се наоѓа пред спиналниот простор и кој не е исполнет со течност. Низ катетерот може да се додава локален анестетик во комбинација со аналгетик. Тие делуваат на помала површина на нервните влакна па и анестезијата и блокот настануваат поспоро за 20-30 минути. Самата техника е посложена и подолго трае, па не се користи при ургентни состојби. Предност е што преку катетерот може да се додаде од анестетикот, и што може да се искористи за третман на постоперативната болка.
Оваа техника во РеМедика ја користиме најчесто за обезболување при нормалното породување, и тоа во 68% од сите нормални породувања. Доколку поради одредени причини бебето треба да се извади со царски рез, а има доволно време низ катетерот се додава поконцентриран локален анестетик со што за 15 до 20 минути се постигнува анестезија. Многу мајки сметаат погрешно дека е подобро (или полесно) да се заврши раѓањето со царски рез, бидејќи нема да почувствуваат болка. Ова не е воопшто точно.
При нормалното раѓање болката доаѓа поради постапното ширење на грлото на матката и силните контракции, но болката поминува веднаш по породувањето. При царскиот рез штом помине анестезијата се појавува болка од самата операција и истата трае неколку дена. Болката е контролирана од анестезиологот и акушерот. Сите аналгетици имаат лесни несакани ефекти ( гадење, повраќање,чешање) и лесно се лекуваат.

 

Др Звонко Крстевски,
шеф на Оддел за Анестезија и Интензивно лекување при Општата Болница РеМедика

Leave a reply