Анестезиологијата е една од неколку медицински гранки што се директно изложени на зголемен ризик од пренесување на коронавирусот, бидејќи дејствувањето на оваа специјалност е во непосредна близина на лицето на пациентот, односно устата и носот.

Најважната лекција на историјата е дека човекот сè уште не учи многу лекции од историјата“ – Алдоус Хиксли (Аldous Huxly).

Денес човештвото е соочено со најголемиот предизвик и опасност на глобално ниво, а тоа е пандемијата со актуелниот бета-коронавирус (ковид-19). Светот во моментов се соочува со невидена здравствена криза предизвикана од новиот пандемиски бета-коронавирус, односно тежок акутен респираторен синдром коронавирус 2 (SARS – CoV-2).

Вирусот се шири со пренесување од човек на човек преку респираторните капки или со контакт. Во повеќето случаи предизвикува благи симптоми, но кај помал број случаи се јавува сериозна, критична состојба, која се манифестира со обострана тешка вирусна пневмонија и синдромна акутен респираторен дистрес (АRDS). Во моментов, контролирање на инфекцијата за да се спречи ширењето на вирусот е примарна и приоритетна интервенција за јавното здравство во целиот свет, бидејќи брзината и темпото на ширење на инфекцијата има последици врз севкупниот живот на човештвото во социјалната, економската, здравствената и психолошката сфера.

Улогата на здравствените работници е од круцијално значење не само за лекување и третман на пациентите, туку и за можноста за заразување и трансмисија на вирусот, заради нивното секојдневно изложување на многу контакти со луѓе. Заштитата на здравствените работници е во двете насоки, од доктор на пациент и од пациент на доктор. Имено, безбеден доктор значи и безбеден пациент.

Следејќи ги актуелните трендови и светски препораки за лична, индивидуална и професионална заштитна опрема и постапки, нашата болница разви безбеден систем и стратегија за секој пациент влезен во болницата. За да се минимизира ризикот од пренесување на вирусот во болница, направени се некои измени во секојдневното работење, а препораките од Светската здравствена организација постојано се ревидираат и затоа вработените медицински и немедицински лица постојано се информираат за тековните промени.

Неколку медицински гранки се директно изложени на зголемен ризик од пренесување на вирусот. Такви се оториноларингологијата, стоматологијата и секако анестезиологијата.

Полето на дејствување на овие специјалности е во непосредна близина на лицето на пациентот, односно устата и носот.

КАКО СЕ ЗАШТИТУВААТ АНЕСТЕЗИОЛОЗИТЕ, АНЕСТЕТИЧАРИТЕ И НИВНИТЕ ПАЦИЕНТИ

Доколку имате потреба од хируршка или друга интервенција која треба да се изведе во анестезија, тимот од анестезиолози и анестетичари се подготвени да ви дадат врвна, безбедна и професионална услуга. Предоперативната грижа за пациентот, што подразбира подготовка, водење на анестезија и постоперативен тек, се главните активности на нашиот тим од доктори и медицински сестри. Тоа значи дека имаме контакти во неколку ситуации. Заштитната опрема подразбира носење на маска за лице со препорачани филтри за ситните честички во двете насоки (вдишување и издишување на воздух), а секоја манипулација со крв, секрети и екскрети се изведува со заштитни ракавици.

Анестезиолошкиот предоперативен преглед и интервју се прават откако пациентот веќе има негативен тест за коронавирус. Негативен тест е дополнителна сигурност и минимизирање на ризиците за ширење на вирусот во болнички услови. На пациентите им се препорачува по земање на тестот да одржуваат социјална дистанца сè до добивање на резултатот. Оваа мерка се презема за да се избегне можноста вирусот да се пренесува од пациентите на други пациенти и од пациентите на вработените во болницата.

Секоја индивидуа, пациент или придружба кои влегуваат во болницата имаат обврска да се придржуваат до препораките. При влез во болницата се мери телесна температура и со еден пациент може да влезе само еден човек за придружба за да се намали бројот на луѓе во затворен простор. Маската за лице, која мора да ги покрива носот и устата, е обврска. Средствата за дезинфекција на раце се достапни на повеќе места. Не се препорачува допирање на површини кои се изложени на често користење (кваки, копчиња за лифт, прекинувачи за светло и сл.).

СПЕЦИЈАЛНИ ПРОТОКОЛИ

Со оглед на фактот дека во болницата доаѓаат непланирани, односно итни пациенти, кои понекогаш може да бидат дури и во животозагрозувачка состојба, а кои немаат негативен корона тест и мораат итно да се третираат, подготвен е посебен протокол за безбедна услуга. Анестезиолошкиот тим е во првата линија на укажување соодветен третман на овие пациенти.

Таквиот пациент секако дека ќе биде згрижен, но во посебни услови и мерки за превенција на ширење на вирусот, како што се дополнителна заштитна опрема на персоналот (две маски, заштитни очила, визир, заштитен мантил и два пара ракавици), оптимален број на медицински лица за негов третман и користење на посебни простории во болницата кои во вакви услови се наменети исклучиво за таа потреба.

Доколку престојот во болница подразбира и некој вид анестезија, целиот персонал мора да се придржува кон протоколите за манипулација со крв и други потенцијално контаминирани материи, а тоа се обезбедува со користење на еден или два пара ракавици и поставување на еднонасочна валвула на венската канила која оневозможува враќање на крв во инфузиониот систем, а со тоа има ефикасна заштита на околината и персоналот. Доколку воведот во анестезија треба да биде со користење на вентилациони маски и системи од црева за вентилација на пациентот, се користат филтри за една употреба, а секоја маска по употребата се дезинфицира и се испраќа на стерилизација. Секој пациент влегува во оперативен блок исклучиво со маска за лице, која се отстранува непосредно пред воведот во анестезија и се чува во чиста пластична ќеса. По завршување на анестезијата, истата маска која ја користел пациентот повторно се враќа.

Сите мерки кои се преземаат на секое ниво на медицински третман во нашата болница се со цел пациентот со негативен корона тест при влез, да го заврши лекувањето и да излезе од болницата со ист наод во однос на актуелната пандемија.

За да си помогнеме заемно, потребно е сите вработени во болницата, но и сите пациенти исклучиво да ги почитуваат препораките.

 

Leave a reply