Царскиот рез денес станува се повеќе застапен во вкупниот број породувања и во светот и кај нас во земјава. Индикација за завршување на раѓањето со царски рез е најчесто акушерска, поради причини кај мајката (зголемен крвен притисок предизвикан од бременоста, фетопелвична диспропорција, прееклампсија и еклампсија, дијабетес) или поради причини од страна на бебето ( фетална напнатост, папочна врвца замотана околу вратот или преку рамо), а некогаш и поради желба на мајката.

Царскиот рез претставува оперативна техника и носи сама од себе ризик и можни компликации, особено за мајката, но кои поради подобрените техники на операција и анестезија, подобриот мониторинг и превенција се многу ретки.

Изборот за тоа кој вид анестезија е најбезбеден и најсоодветен за секоја родилка зависи од многу фактори. Што е добро за една не значи дека е добро за друга родилка.

ВИДОВИ АНЕСТЕЗИЈА ЗА ЦАРСКИ РЕЗ

Пристапот на анестезиологот секогаш е индивидуален и се разгледуваат многу фактори – дали царскиот рез е итен или не, каква е здравствената состојба на мајката, потребите на акушерот, желбата на родилката. Општи цели за избор на анестезија се:

– безбедност на мајката

– безбедност за бебето

– комфорност за родилката и

– можноста да се изведе царскиот рез со избраниот вид анестезија.

Главно постојат два вида – општа и регионална анестезија, а регионалните техники се спиналната и епидуралната анестезија.

ОПШТА АНЕСТЕЗИЈА

Општата анестезија е резервирана за пациенти каде што царскиот рез мора да се заврши веднаш, најчесто поради напнатост на бебето. При општата анестезија пациентката заспива поради давање на анестетици и аналгетици низ интравенската инфузија, воведот е брз, крвниот притисок е постабилен, а мајката се буди откако се ќе биде готово. Овој вид е индициран кај мајки со нарушување во коагулацијата, невролошки заболувања, инфекции на кожата на грбот каде што се боцка за регионална анестезија и друго.

Најголем недостаток на општата анестезија е фактот што мајката го преспива раѓањето на своето дете, не може да го чуе првиот плач и не може да го прегрне откако ќе се роди. Откако ќе се заврши царскиот рез, будењето е брзо, но брзо се јавува и постоперативна болка. Бебињата родени со општа анестезија се малку позаспани поради влијанието на анестетиците кои иако брзо се елиминираат преку постелката и папочната врвца сепак доаѓаат од мајката до бебето.

Најголемиот ризик при општата анестезија е поврзан со обезбедување на дишниот пат. Сите трудници се смета дека имаат полн стомак, па мора при општата анестезија да се обезбеди дишниот пат со посебен ендотрахеален тубус т.е. цевче кое не дозволува желудочна содржина да се врати во ждрелото и да навлезе во душникот што, пак, предизвикува воспаление на белите дробови и по живот опасни компликации. Кај трудниците некогаш може поставувањето на ендотрахеалниот тубус да биде тешко – мало отворање на устата, висок отвор на душникот и сл. Анестезиологот при преданестезиолошки преглед и разговор и ги објаснува на родилката техниките за анестезија и доколку има одредени пречки за поставување на тубусот и препорачува на мајката изведување на царскиот рез со регионална анестезија.

РЕГИОНАЛНА АНЕСТЕЗИЈА

Општо земено, регионалните видови анестезија се покажаа како подобри за мајката и за бебето и се користат повеќе. До пред околу две децении, епидуралната анестезија беше регионална анестезија на избор за царски рез. Денес, со новите локални анестетици, тоа е спиналната.

Принципот и на двете регионални анестезии е во апликација на локален анестетик или комбинација со аналгетик во близина на нервните влакна кои ги пренесуваат болните дразби од местото на операција во долниот дел на стомакот. Штом локалниот анестетик влијае на нив, постепено се губи осетот за топло-ладно, за болка, нозете отрпнуваат и стануваат тешки поради тоа што освен на сензитивните влакна влијае и врз моторните нервни влакна околу 2-3 часа. Постоперативната болка кај регионалните анестезии е помала, бидејќи постепено се губи ефектот и трае неколку часа и по завршување на царскиот рез, а во меѓувреме се даваат и други аналгетици.

Апликацијата на локалниот анестетик се врши на ниво на слабинскиот дел на ‘рбетниот столб во меѓупрешленските простори.

При спиналната анестезија, преку тенка спинална игла која потоа се вади, локалниот анестетик се аплицира во спиналниот простор кој е исполнет со спинална течност во која пливаат нервните влакна. Анестезијата настапува брзо, за 5-10 минути, а техниката е поедноставна.

Кај епидуралната анестезија, најчесто низ специјална епидурална игла се поставува тенок пластичен епидура лен катетер – цевче во епидуралниот простор, кој се наоѓа пред спиналниот простор и кој не е исполнет со течност.

Низ катетерот може да се додава локален анестетик во комбинација со аналгетик. Тие дејствуваат на помала површина на нервните влакна, па и анестезијата и блокот настануваат побавно, за 20-30 минути. Самата техника е посложена и трае подолго, па не се користи при ургентни состојби. Предност е што преку катетерот може да се додаде од анестетикот, и што може да се искористи за третман на постоперативната болка.

Оваа техника во „Ре-Медика“ ја користиме најчесто за обезболување при нормалното породување. Доколку поради одредени причини бебето треба да се извади со царски рез, а има доволно време, низ катетерот се додава поконцентриран локален анестетик со што за 15-20 минути се постигнува анестезија.

Многу мајки сметаат погрешно дека е подобро (или полесно) да се заврши раѓањето со царски рез, бидејќи нема да почувствуваат болка. Ова воопшто не е точно. При нормалното раѓање болката доаѓа поради постапното ширење на грлото на матката и силните контракции, но болката поминува веднаш по породувањето. При царскиот рез, штом помине анестезијата, се појавува болка од самата операција и истата трае неколку дена. Болката е контролирана од анестезиологот и акушерот. Сите аналгетици имаат лесни несакани ефекти (гадење, повраќање,чешање) и лесно се лекуваат.

Leave a reply