Кратко дејствувачките анестезиолошки лекови и специјализираните анестезиолошки техники, како и грижата по интервенцијата се фокусирани на потребите на пациентите кои се дојдени за амбулантна анестезија и хирургија, за хируршката интервенција или дијагностичките тестови да бидат што побезбедни и пријатни. Тимот анестезиолози во првата приватна општа болница ги одговара прашањата на пациентите за оваа анестезија.

Денес, поголемиот број пациенти кои се подложени на хируршки интервенции и дијагностички тестови немаат потреба да останат преку ноќ во болница по завршувањето на интервенцијата. Во повеќето случаи пациентите се способни да си одат дома и да закрепнат во домашни услови покрај своите блиски. Амбулантната хирургија и анестезија се покажала како многу безбедна и лесна, и може да се изведе во различни услови. Може да се изведе во болница, во специјализиран хируршки центар или, пак, во некои случаи и во хируршка амбуланта. Во секој случај, анестезијата ја изведува специјален анестезиолог.

ШТО Е АМБУЛАНТНА АНЕСТЕЗИЈА?

Амбулантната анестезија е дизајнирана и смислена за да може пациентот набргу по операцијата или дијагностичката интервенција да си оди дома. Кратко дејствувачките анестезиолошки лекови и специјализираните анестезиолошки техники, како и грижата по интервенцијата се фокусирани на потребите на пациентите кои се дојдени за амбулантна анестезија и хирургија, за хируршката интервенција или дијагностичките тестови да бидат што побезбедни и пријатни. Главно, ако пациентот е во добра кондиција и со добро здравје тој е сигурен кандидат за амбулантна хирургија и анестезија. Бидејќи секој пациент е посебна индивидуа, анестезиологот мора грижливо да го евалуира неговото здравје за да биде сигурен дека тој пациент е кандидат за еднодневна хирургија или амбулантна анестезија. По краткото закрепнување од анестезијата пациентите може безбедно да се вратат дома. Во најголем број случаи семејството и пријателите можат да ја обезбедат сета неопходна помош. Соодветниот третман на болката е исто така вклучен во планот за пуштање дома, а го подготвуваат анестезиологот и хирургот.

КОГА ЌЕ СЕ СРЕТНАМ СО АНЕСТЕЗИОЛОГОТ?

Тимот на анестезиолози во „Ре-Медика“ ќе помогне пациентот да добие одговори на поставуваните прашања. Најдобро е да се консултирате со вашиот анестезиолог за секоја информација во врска со вашето здравје и интервенцијата што следува. Вашиот анестезиолог ќе ве интервјуира на денот пред интервенцијата, а некогаш и на самиот ден на интервенцијата, за да ги собере сите информации потребни за да го евалуира вашето здравје. Можат да бидат ординирани лабораториски тестови како и други медицински тестови за да се сними вашето здравје, сe со една цел: поголема безбедност. Во текот на интервјуто ќе пополните анестезиолошки прашалник каде што ќе ги наведете вашите претходни искуства со анестезија доколку постојат, вашата здравствена состојба, алергии, лекови кои ги употребувате редовно. Доколку имате какви било грижи, треба да му ги објасните на анестезиологот и да разговарате за нив.

КАКВИ РИЗИЦИ ИМА ОД АНЕСТЕЗИЈАТА?

Сите операции, како и сите типови анестезија имаат одреден ризик. Тие зависат од многу фактори, вклучувајќи го типот на операцијата како и здравствената состојба. За среќа, несаканите ефекти се многу ретки, а анестезиологот ги презема сите неопходни мерки за да се спречи каков било инцидент. За време на разговорот со анестезиологот треба да го прашате за ризиците од анестезијата кои се поврзани со вашата хируршка интервенција или дијагностички тест.

ДОЗВОЛЕНО ЛИ Е ДА СЕ ЈАДЕ И ПИЕ?

Генерално и општо правило е дека не смеете да јадете и пиете ништо по полноќ пред вашата хируршка интервенција или дијагностички тест кој бара анестезија. Во некои случаи можете да добиете дозвола од вашиот анестезиолог да пиете бистри течности неколку часа пред да добиете анестезија.

ДАЛИ СЕ ПИЈАТ РЕДОВНИТЕ ЛЕКОВИ?

Некои лекови треба да се земаат редовно до самиот ден на операцијата, а некои треба да се прекинат. Затоа е многу важно да му кажете на анестезиологот за лековите што ги пиете, а тој ќе донесе одлука кои лекови може да продолжите да ги земате, а кои не. Немојте без дозвола да земате какви било лекови. Одредени природни лекови може да го пролонгираат ефектот на анестезијата, а други можат да го зголемат ризикот од крвавење во текот на интервенцијата или да го покачат крвниот притисок. Некои од овие ефекти на природните лекови не мора да бидат многу значајни, но сепак треба да му кажете на анестезиологот за сè што земате пред вашата интервенција.

ТРЕБА ЛИ ДА СЕ ПРЕСТАНЕ СО ПУШЕЊЕ ЦИГАРИ?

ДА – многу е важно да престанете веднаш. Можеби вашата хируршка интервенција е златна можност за да го направите тоа. Има докази дека тие што престанале да пушат имаат помалку симптоми на никотинска зависност и поголем успех во обидот да престанат да пушат. Иако некогаш пред нашата интервенција или една недела пред тоа, сепак има големи бенефиции од престанување на пушењето.

ЌЕ МОЖЕ ЛИ САМ/А ДА СИ ОДАМ ДОМА?

Ефектите од лековите што се употребуваат во анестезијата понекогаш може да останат и до 24 часа пред комплетно да исчезнат. Исто така треба и некој да остане со вас дома во првите 24 часа по интервенцијата за да ви помогне околу негата. Некои пациенти се чувствуваат добро и силно само неколку часа по интервенцијата и мислат дека се способни за нормални активности. Тоа не е точно! Бидете безбедни!

КОГА ЌЕ МЕ ПУШТАТ ДОМА?

Постојат протоколи и упатства во „Ре-Медика“ за тоа кога ќе можете да си одите дома по завршувањето на интервенцијата. Но најважно од сè е да добиете дозвола од анестезиологот. Тој ќе увиди дали сте способни за да извршите некои од нормалните активности како: да станете сами, да одите, да отидете до тоалет, да немате чувство на гадење и повраќање и слично. Понекогаш се случува, иако ретко, да мора да останете една ноќ во болница и тоа ќе биде средено за вас.

Leave a reply