Поаѓањето на училиште за детето е еден за него нов свет на осознавање на емотивни и општествени искуства. Тоа излегува од семејната група постепено напуштајќи го дотогаш пасивниот и зависен став и сега својата енергија ја насочува кон нови личности и искуства. Со прим. д-р Мери Бошковска, психијатар во „Ре-Медика“, која се занимава со проблеми во детската возраст разговараме зошто некои деца се плашат да одат на училиште, како полесно да се прифати, што значи школската фобија и како да им се помогне на децата. Се разбира, ги начнавме и темите за детското емотивно здравје, за најчестите проблеми поради кои родителите се обраќаат за помош.

Школската фобија е т.н. невролошки страв, кој не спаѓа во нормалните развојни стравови и често е примарно анксиозно нарушување поради сепарација. Доминантни чувства кај детето се беспомошност, ниска самодоверба и страв од неуспех.

Што претставува училиштето за децата?

Со поаѓањето на училиште детето влегува во нови односи со наставниците, со други деца, треба да прифати нов дневен ред, да го прифати училишниот простор, распоредот на часовите, потребно е да усвојува знаења предвидени со училишната програма, да се приспособи на системот награда и казна, да ги прифати правилата на учење и однесување,натпреварувачка клима со неговите врсници. Повеќето деца успеваат да се приспособат на овие задачи и барања, но за жал, за некои од нив и за нивните родители поаѓањето на училиште може да претставува стрес и кошмар. Овој проблем може да биде актуализиран особено кај деца кои претходно немале одвојувања или имале неуспешно вклопување во градинка, деца кои биле премногу заштитувани или живееле во дисфункционални семејства. Силниот страв од училиште се вика „школска фобија“ и се манифестира како отпор на детето да оди на училиште. Децата кои го имаат овој проблем обично сакаат да одат на училиште, но стравот е толку силен што ги „преплавува“, може да достигне ниво на паника поради што детето одбива да влезе во училиштето, бара да си оди дома или инсистира некој од родителите да остане со него.

Како се манифестира школската фобија?

Таа обично се јавува во првите денови со поаѓањето на училиште или неколку дена потоа. Притоа, детето не може да објасни конкретно од што се плаши, несигурно е и напнато со променливо расположение и емоции. Честопати овие деца се жалат и на некои телесни симптоми како што се главоболки или болки во стомак, мачнина, повраќање, срцебиење, вртоглавица, имаат проблеми со заспивањето. Поради овие проблеми многу често пред психолошката помош детето е подложено на разни педијатриски прегледи и иследувања. Зголемената напнатост (анксиозност) ја следи и реакција на вегетативниот нервен систем, поради што и се јавуваат поголем дел од телесните симптоми кај школската фобија. Овие симптоми обично за викенд или за празници исчезнуваат.

Кои се причините за школската фобија?

Постојат низа причини поради што може да се јави овој страв, но суштинските се бараат во семејните односи. Овие деца често имаат „сепаратистички проблеми“, што значи дека е доминантен стравот од одвојување од родителите, а како последица на овој страв се јавува и стравот од училиште. Децата, всушност, се обидуваат да го рационализираат овој страв, наведувајќи низа причини зошто се плашат. Така, велат дека се плашат од наставникот,дека им е страв оти нема да знаат, имаат проблеми со врсниците, чувство дека не можат да одговорат на училишните барања. Стравот од училиште се јавува и кај деца чии родители имаат високи очекувања од нив и често им говорат: „Ти сигурно ќе бидеш одличен, ќе ги имаш сите петки, ќе бидеш најдобар…“. Овие„пораки“, свесни и несвесни, дадени од родителите влијаат на децата, тие сакаат да ги исполнат нивните очекувања. Меѓутоа, кај некои деца ваквиот став доведува до појава на страв од неуспех. Децата се плашат дека ќе ги разочараат родителите ако не бидат успешни, најдобри, како што тие очекуваат, што придонесува за појава на овој проблем, а родителите често пати не можат тоа да го препознаат. Во практиката многу често гледаме и родители кои премногу ги заштитуваат своите деца, што придонесува тие да станат несигурни, зависни, инхибирани. Исто така, деца што растат во семејства кои се дисфункционални, каде што владее напната и конфликтна семејна клима и каде што детето е сведок на интензивни конфликти меѓу родителите или, пак, болест на родители те одбива да оди на училиште, бидејќи има потреба „да ја контролира“ семејната ситуација и на тој начин да спречи распад на семејството. Тоа дете се соочува со страв дека еден од родителите може да го напушти домот. Стравот од училиште може да биде последица и ако детето е изложено на некој вид насилство, физичко или вербално, од врсниците на пат до училиште или во училиштето, но и отфрлање, односно ако детето има тешкотии во воспоставување контакти со другарите.

Дали овој страв се јавува само во детската возраст?

Школската фобија може да се јави и во периодот на адолесценција, но во оваа возраст фобијата нема толку бурна клиничка слика како во почетокот на школувањето. Може да се јави вo средно училиште, но поретко. Децата и адолесцентите кои имаат проблем со школска фобија како личности најчесто се со зголемена несигурност, зависни се и плашливи, склони се кон анксиозни и депресивни реагирања во вознемирувачки ситуации, ги плашат нови и непознати ситуации и личности. Школската фобија почнува нагло и може да има хроничен тек, да трае со недели и месеци, со повремено подобрување и влошување. Некои повторни вознемирувачки искуства можат да ја актуализираат или влошат клиничката слика која претходно имала тенденција на смирување. Неопходно е овој страв навреме да се третира, бидејќи при некои идни негативни животни настани фобијата може повторно да ескалира или да се јави во облик на друг вид фобично реагирање или опсесивно растројство во младоста и во возрасниот период.

Како да му помогнеме на детето?

Потребно е да се јакнат самодовербата и самопочитувањето на детето, да се пофалува, да се поттикнува дружењето со врсниците и стекнување пријателства. Родителското разбирање и поддршката се многу важни и некогаш може да бидат доволни за решавање на проблемот доколку причините се несогласување со врсниците или тешкотии со учењето. Неразбирањето од родителите, нивните стравови и нетрпението го поддржуваат проблемот. Колку детето подолго отсуствува од училиште, толку потешко ќе тргне на училиште. Детското его не е доволно развиено за соочување со стравовите, и доколку децата ги почувствуваат стравот и несигурноста од родителите, во тој случај ќе бидат уште понесигурни. Како да им помогнеме? Во практиката како многу успешна се покажува и истата ја применуваме когнитивнобихејвиоралната терапија, како и психодинамската психотерапија со супортативен и психоедукативен третман на родителите.

Што најчесто ги советувате родителите кога станува збор за емотивното здравје на детето?

Присуствувајте додека расте.
Во зависност од возраста на детето и проблемот за кој доаѓаат психолошките интервенции се различни и специфични. Но генерално, многу е важна присутноста на родителите во периодот на растењето на нивните деца. Тука мислам на психичката присутност, посветеноста, блискоста, односно да се биде во контакт со детето, бидејќи раното емоционално врзување значително влијае какви ќе бидат неговите односи со другите луѓе во социјалното живеење. Воспитните стилови се исто така многу важни, попустливоста и недоследноста може да доведат во иднина детето да има проблеми во однесувањето и во регулацијата на емоциите.

Leave a reply