Shqip
Во одделот за дијагностика функционира амбулантата за Кардиологија во која секојдневно се изведуваат специјалистички кардиолошки прегледи.
Опремена е со најсовремена опрема за комплетна неинвазивна кардиолошка дијагностика: 12-канален ЕКГ апарат, 3Д ултразвучен апарат марка Тошиба, модел Ксарио со колор доплер, пауер доплер и динамичен флоу; коронарен стрес тест; 24-часовен ЕКГ мониторинг по Холтер и 24 –часовен АБП мониторинг.
02 2603 175; 072 443 118

Д-р. Лидија Паланова
специјалист по интерна медицина-кардиолог
email: lpalanova@remedika.com.mk
  • Ехокардиографија
  • Коронарен стрес тест
  • Холтер–дијагностика
  • Холтер за притисок
Ултрасонографскиот преглед на срцето или популарно наречената Ехокардиографија е најинформативниот преглед во кардиологијата.

Што е ехокардиографија и како се изведува?

Ехокардиографија како и сите ехосонографии е безболен, неинвазивен преглед, кој не е штетен и може да се повторува онолку често колку што е потребно. Самиот преглед се изведува со ултразвучна сонда која се поставува на градниот кош на пациентот и ги регистрира одбиените ултразвучни сигнали на мониторот на ултразвучниот апарат каде се создава слика на срцето во живо (real time).
За евалуација се користат повеќе техники на прегледот како што се еднодимензионален М-мод, дводимензионален М-мод, како и Доплер техниките (пулсен, континуиран и колор доплер) при што се врши проценка на големината, изгледот и подвижноста на срцевите шуплини, изгледот и функцијата на срцевите залистоци и големите крвни садови кои излегуваат од срцето.

Кои се најчестите индикации за овој преглед?

Ехокардиографијата има извонредно значење во откривањето и проценката како и ефектите од лекувањето на одредени срцеви заболувања како што се: болестите на срцевите валвули, кардиомиопатиите, срцевата инсуфициенција (слабост), вродени и стечени срцеви мани, инфаркт на миокардот, заболувања на срцевата обвивка (перикардот), воспаленија и други болести на срцевиот мускул, проценка при постоење на артериска хипертензија, пореметувања во срцевиот ритам, откривање на тромботични маси или тумори во срцето.
Што е коронарен стрес тест?
Коронарен стрес тест (КСТ) или популарно наречен ергометриски тест претставува дијагностичка процедура за дијагностицирање, евалуација и лекување на пациентите со суспектна или веќе дијагностицирана кардиоваскуларна болест, особено коронарната артериска болест. Претставува тест на физичко оптоварување, кој се изведува во неколку фази според однапред одредена процедура.

Кој го индицира и како се изведува тестот?
Секој коронарен стрес тест треба да биде индициран од доктор специјалист интернист- кардиолог. Тестот се изведува на подвижна трака по стандардизиран протокол по методот на Bruce. Пациентот преку електроди се прати на монитор при што му се мерат виталните параметри: артерискиот крвен притисок, пулсот и ЕКГ-грамот.

Што треба да знае пациентот пред изведување на тестот?
Коронарниот стрес тест е безбедна, неинвазивна дијагостичка метода. Сепак секој пациент пред изведувањето на тестот треба да биде запознаен со податоците за процедурата на тестирањето, можните компликации во смисол на пад на артерискиот крвен притисок, вртоглавица и колапсна состојба. Доколку се работи за пациенти кои се дијабетичари, хипертоничари или срцеви болни, обавезно треба да ја испијат пропишаната терапија. Пациентите треба два часа пред изведување на тестот да бидат на лесна храна. Доколку чувствува било какви тегоби (замор, малаксалост, срцебиење, отежнато дишење, стегање и/или болка во градите или болка во било кај дел од телото) пред започнување на тестот должен е да го извести докторот кој го води тестот.

Контраиндикации за изведување на тестот:
· Акутен инфаркт на миокардот · Срцева декомпензација · Нерегуларана артериска хипертензија · Бронхијална астма · Анемии ( потешки форми) · Мултифокална вентрикуларна екстрасистолија · Блок на лева гранка на Хисов сноп и синдром на преекситација (поради неможност за процена на електрокардиографските промени во текот и по оптоварувањето).
Во секојдневната пракса едно од најчесто изведуваната дијагностичка процедура во кардиолошките ординации.

Што е Холтер- ЕКГ мониторинг?

Холтер-ЕКГ е дијагностичка процедура при што се врши 24-часовно континуирано регистрирање на ЕКГ при вршење на сите вообичаени активности на пациентот. Самата процедура е неинвазивна, комотна бидејќи пациентот за време на иследувањето не е ограничен во своите вообичаени активности, a постои и можност за повторување на процедурата во кус временски рок. Апаратот преку кабли е поврзан со самолепливи електроди кои се аплицирани на градниот кош – вкупно седум. Самиот апарат регистрира три ЕКГ канали кои најчесто се анализираат. Добиениот ЕКГ запис преку флеш мемориска картица се префрлува на хард диск на компјутерот за понатамошна анализа.

Кои се индикациите за Холтер-ЕКГ мониторингот ?

Како главна индикација за спроведување на оваа дијагностичка процедура се појавата на пореметување на срцевиот ритам, нејасни колапсни состојби, како и пациенти со пристапи на градна болка кај кои не е можно да се изведе коронарниот стрес тест. При анализа на добиените податоци добиваме увид за основниот ритам на срцето, промените во срцевата фреквенција, постоење на ектопична активност, (екстрасистоли), паузи во спроводливоста,(срцеви блокови), Ку-Т интервалот како и постоење на СТ сегмент – денивелација.

Дијагностичка процедура при која што се врши 24- часовно мерење на артерискиот крвен притисок при што пациентот си ги извршува нормално секојдневните активности.

Како се изведува процедурата?


Се изведува на тој начин што на пaциентот околу појасот му се монтира апаратчето кое е во големина на еден мобилен телефон и истото се поврзува со манжетна која се става на надлактицата на пациентот. Самиот апарат компјутерски е програмиран да на секои половина час го мери артерискиот крвен притисок и пулсот , а добиените вредности потоа компјутерски се обработуваат и анализираат при што се добива графички приказ на добиените вредности. Од направената анализа добиваме увид во дневно-нокните варијации на артерискиот крвен притисок , пулсот, средната вредност на артерискиот крвен притисок.

Кои се индикациите за изведување на оваа дијагностичка процедура?

Во повеќе земји во светот оваа дијагностичка процедура е рутинска во поставувањето на дијагнозата на самата болест (хипертензија). Кај нас исто така најчеста индикација е дијагностицирање на самата болест, при што се избегнува феноменот на бел мантил (скок на артерискиот крвен притисок во лекарските ординации), нерегулирана артериска хипертензија како и целисходноста на дадената антихипертензивна терапија.