Shqip
     Почитувани,

 

Детето е круна на врската помеѓу две индивидуи, тоа ги облагородува односите во семејството, ја заокружува врската помеѓу партнерите и дефинитивно го осмислува нашето живеење. Процесот на зачнување е фасцинантно софистициран и зависи од цел мозаик фактори со поголемо или помало влијание. За жал дел од нас имаат проблеми и им е потребна асистенција да ја остварат својата желба за потомство.
Во нашиот Центар за Асистирана Репродукција и Ин Витро Фертилизација - кој е дел од РеМедика, им помагаме тој сон за потомство да стане стварност.
Искусниот тим, брендираната опрема, современите процедури и стандардите кои ги користиме се гаранција за квалитетот на нашата услуга. Во рамки на Р. Македонија, пионири сме во етаблирањето на одредени процедури во дијагнозата и третманот на неплодоноста како 4Д вагиналната ултрaсонографија во гинекологијата и асистираната репродукција. Пратејќи ги трендовите за подигање на резултатите од ИВФ програмата воведовме нови техники. Со тоа направивме вистински прогрес во решавањето на машката неплодоност, го направивме самиот процес по безбеден за жената, ја воведовме витрификацијата како метод на смрзнување на ембриони. Го воведовме ласерот во ембриологијата и го започнавме процесот на донација на сперматозоиди, јајни клетки и ембриони. Тоа ни донесе подобри резултати таму каде што другите методи не постигнуваа успех.
Конечно во овој период ги воведуваме и преимплантационата дијагностика на ембриони и смрзнување на јајни клетки. Сето тоа не прави моќни и безбедни во решевањето на неплодноста. Постигнатите резултати во минатиот прериод не вбројуваат во самиот врв на центрите во регионот. Нашиот професионален тим ќе биде секогаш со Вас за полесно и поедноставно да ги поминеме и надминеме сите проблеми и да стасаме до посакуваната цел. Ние сме тука за Вас, затоа што Вашата победа е и наша...
Контактирајте не.

Ваш
Прим. М-р. Др. З.Петановски, шеф на одделот за Асистирана Репродукција и Ин Витро Фетилизација
02 2603 100; 02 2603 136

Доц. д-р Зоранчо Петановски - шеф на оддел
спец. по гинекологија и акушерство
email:zpetanovski@remedika.com.mk


Проф. д-р Глигор Димитров,
спец. гинеколог-акушер
ivf@remedika.com.mk


Д-р Маќули Хаџи Лега, спец. гинеколог-акушер
mhadzi-lega@remedika.com.mk


Д-р Снежана Стојковска, спец. гинеколог-акушер
sstojkovska@remedika.com.mk


М-р Валентина Сотироска, ембриолог, шеф на Ембриолошка лабораторија
ivf@remedika.com.mk


Д-р Рина Латифи, координатор
rlatifi@remedika.com.mk


Стефан Салтировски, биолог
ivf@remedika.com.mk


М-р Дамјан Шушлески, биолог
ivf@remedika.com.mk


Владимир Матевски, биолог
ivf@remedika.com.mk


М-р Симона Кафеџиска, биолог
ivf@remedika.com.mk


  • МОЖНОСТИ НА ИВФ ЦЕНТАРОТ
  • ИНФОРМАЦИИ ЗА ПАЦИЕНТИ
  • РЕЗУЛТАТИ
Центарот за Асистирана Репродукција и Ин Витро Фертилизација кој е дел од Ре-Медика започна со работа во втората половина од 2006 година. Центарот го етаблира и води др. Петановски, еден од лидерите во областа на ин витро фертилизација во Република Македонија. Осмислен како посебен оддел просторно, ги исполнува стандардите потребни за врвна услуга во ин витро фертилизацијата. Брендираната опрема, високо професионалниот кадар, спој на искуство и младост се гаранција за успешното работење на истиот. Постигнатите резултати во целост ја исполнуваат главната мисија на центарот-пружање на врвна медицинска услуга.
Новите методи како дел од заложбите да се пратат светските трендови во дијагнозата и третманот на неплодноста се континуиран процес. Во изминатиот период покрај стандардните IVF, ICSI, споро замрзнување на сперматозоиди и ембриони воведени се методи IMSI и MICROTESE кои се направи квалитетен исчекор во решавањето на машкиот стерилитет. Витрификацијата како процес на замрзнување на сперма и ембриони донесе повисок процент на бременост кај ембрио трансфер на претходно замрзнати ембриони. ИВМ, употребата на ласерот во ембриологијата, траснфер на бластоцисти донесоа нов квалитет во работата на центарот. Овој месец се воведуваат две нови методи. ПГД и витрификација на ооцити. Со тоа сметаме дека во наредниот период ке помогнеме и во најсложените случаи на неплодоност. По донесувањето на Законот за БПО започна и проектот на донација на сперма, ооцити и ембриони. Со тоа парови кај кои беше неможно да се постигне бременост истата стана реалност.

МОЖНОСТИ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА ВОНТЕЛЕСНО ОПЛОДУВАЊЕ

Комплетна дијагностика и третман на машкиот и женскиот стерилитет

AIH-инсеминација - внесување на обработена концентрација на сперматозоиди директно во матката на жената.

IVF (in vitro-фертилизација)

ICSI (интрацитоплазматско внесување на еден сперматозоид) - се изведува кај парови кога нема доволно нормални и подвижни сперматозоиди, како и кај парови со претходни неуспешни обиди за бременост. Со високософистициран микроскоп се изолира само еден квалитетен сперматозоид и се инјектира во јајце клетката.

ICSI/IMSI - интрацитоплазматско внесување на морфолошки селектиран сперматозоид со x 6000 зголемување на високософистициран микроскоп.

Laser assisted hatching - техника која овозможува ласерско отстранување на мал дел од надворешната обвивка на ембрионот со што се олеснува понатамошниот развој на истиот.

PGD (Преимлантациона генетска дијагноза) - високо софистицирана технологија на генетска анализа на единечна клетка од ембрион. Генетското иследување на ембрионите од најчестите хромозомски аномалии овозможува избор на генески стабилни ембриони кои обезбедуваат здраво поколение.

IVM - матурација на незрели јајце клетки добиени при ин витро третман

Co-culture-модифицирани матки - развој на ембриони во медиуми исполнети со ендометријални клетки од мајката, со што се овозможува нивна адаптација пред трансферот во матката на мајката.

Micro TESE - минимално инвазивно добивање на сперматозоиди од тестикуларно ткиво

Sperm slow, HBA - тестови за испитување на зрелост на сперматозиоди

Криопрезервација на ембриони, Криопрезервација на сперматозоиди

Криопрезервација на јајце клетки, Криопрезервација на тестикуларно ткиво

Донација на јајце клетки, Донација на сперма
Подготовка на парот за ИВФ постапка
На првиот закажан преглед потребно е да ја носите целокупната документација од сите претходни дијагностичкo-терапевтски интервенции поврзани со инфертилитетот. Оваа средба претставува Ваше воведување во ИВФ постапката во која ќе ви бидат дадени основните информации како и листата за потребните документи за програмот за асистирана репродукција.

Реализација
По целосниот увид на Вашата документација гинекологот го одредува најсоодветниот протокол за стимулација, како и времето за започнување на истиот. Медицинската сестра од ИВФ одделот ќе ви го објасни начинот на примање на терапијата и понатамошниот тек на следење на индуцираниот циклус. Постојат различни протоколи и терапија за стимулација, затоа внимателно слушајте ги инструкциите. Првиот Ваш чекор е да ја информирате медицинската сестра за Вашиот следен циклус. Доколку имате проблем со редовноста на менструалниот циклус треба да не информирате за да ви биде одредена терапија за регулирање на циклусот. Медицинската сестра ќе ви даде и контакт телефон за подобра координација, како и за да ја известите за првиот ден кога ќе добиете циклус.

Следење на ИВФ стимулиран циклус
Тоа е процес кој трае 3-4 недели од кога ќе почне индукцијата на овулација до денот на пункцијата на јајце клетките. Во овој процес сте под континуиран надзор од медицинскиот тим преку контрола на хормоналниот статус и УЗ преглед на секои 3-4 дена. Сите овие временски интервали се варијабилни и менливи во зависност од протоколот за стимулација кој ќе се избере за пациентката.

Закажување на интервенцијата
Кога јајце клетките (фоликулите) ќе достигнат одредени димензии и зрелост, по проценка на докторот според ултразвучниот преглед и нивото на хормони (естрадиол и LH) се закажува датумот на пункција на фоликулите. Крајните инструкции за примање на терапијата се исто толку важни, а истите ќе ви бидат објаснети од докторот или медицинската сестра. За самата интервенција потребна е посебна припрема на парот за ИВФ пункција.

Пункција на јајце клетки
На денот на колектирање на јајце клетките ќе бидете хоспитализирани рано наутро. При пристигање, Ве молиме пријавете се на пултот на болницата, од каде медицинска сестра од ИВФ одделот ќе ве прими за да потполните и потпишете одредени потребни документи и согласности за ИВФ. Секако сестрата ќе Ви даде и психолошка подршка и ќе Ви одговори на Вашите прашања пред интервенцијата. Ќе бидете сместени во ИВФ одделот каде ќе Ве посети ембриологот, анестезиологот и Вашиот гинеколог. Интервенцијата вообичаено се прави со целосна краткотрајна интравенска анестезија, а самата процедура трае од 10-30 минути. Во текот на интервенцијата и после истата, се дава антибиотска и аналгетска терапија. По завршетокот на процедурата ве враќаме во креветот во Вашата соба, за да се опоравите од интервенцијата. Може краткотрајно да се чуствувате зашеметено и да имате чувство на гадење поради анестетикот, за што може да ви биде дадена терапија. Времето за обсервација варира од пациент до пациент. Кога сестрата од ИВФ одделот ќе оцени дека Вашата состојба е стабилна ќе бидете отпуштени и ќе Ви биде објаснета понатамошната терапија по шема што треба да ја примате по интервенцијата. Исто така ќе Ви бидат дадени инструкции за одредени состојби по пункцијата.

Ден после пункцијата
Ако сте биле во IVF / ICSI програмата, резултатите од фертилизацијата ќе Ви бидат соопштени следното утро. Ќе контактирате со ембриологот и ќе ги дискутирате резултатите и финалната одлука за ембрио трансферот и евентуално замрзнување на останатите ембриони. Ве молиме задолжително запишете го вашиот телефонски број и бидете достапни за контакт.

Ембриотрансфер
Ембриотрансфер процедурата вообичаено се одвива 3-5 дена по пункцијата на јајце-клетките. Анестезија вообичаено не е потребна, бидејќи се работи за релативно едноставна безболна процедура со која ембрионите внимателно се пласираат во матката со помош на тенок катетар. За самата процедура потребна е соодветна припрема за ембриотрансфер. Би било добро ако може пациентката да има полн мочен меур за време на процедурата, за да може да се работи под контрола на абдоминален ултразвук, со што се овозможува идентификување на позицијата на катетарот во матката. Веднаш по враќањето на ембрионите медицинската сестра со катетар ќе ја испразни вашата бешика. Следува мирување од 2 часа во дневна болница, а потоа можете веднаш да заминете дома. Сестрата ќе Ви даде инструкции за понатамошната терапијата по шема, како и за строго мирување во наредните три дена. Тестот за бременост се изведува после 13-14 дена од ембриотрансферот. Се зема венска крв и резултатите се добиваат за еден час. Доколку сакате, можете да направите тест за домашна примена со првата урина (таа е најсилна). Во секој случај Ве молиме, известете не за резултатот од тестот за бременост.
РЕЗУЛТАТИ