Shqip
  • ФИЗИКАЛНА МЕДИЦИНА
  • ОСТЕОПАТИЈА
Одделот за физикална медицина и рехабилитација постои во рамките на Ре-Медика од нејзиното постоење.
Во одделот се вршат прегледи од доктор специјалист и се ординира физикална терапија на амбулантски пациенти и се спроведува рана рехабилитација на лежечки пациентни од сите стационари на болницата и касна рехабилитација во амбулантски услови.
Се работи во идеални услови со врвна апаратура од физикалната област.

Најчесто се користат електропроцедури, ултразвук, магнет, ласер, кинезипрограма која се подготвува индивидуално за секој пациент.

Одделот работи физикална терапија и рехабилитација на пациенти со:

- Ортопедски: дегенеративни заболувања на рбет и зглобови (спондилоза, спондилоартроза, дископатија, артрози), остеопороза
- Трауматолошки: скршеници решени со гипсена имобилизација или остеосинтетски материјал
- Невролошки: парези, парализи, состојби после мозочен удар
- Хируршки: артроскопии, лигаментопласика, вештачки колк и колено


НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНО ПРАШАЊЕ НА ПАЦИЕНТИТЕ: КОИ СЕ ЕФЕКТИТЕ ОД ФИЗИКАЛНАТА ТЕРАПИЈА?

- намалување или потполно отстранување на болката
- подобрување на локална циркулација
- намалување на оток
- антивоспалително дејство
- локално подобрување на метаболизмот
- подобрување на трофика и регенерација на ткива
- спречување на создавање на сврзно ткиво и лузни
- воспоставување или подобрување на функцијата на одземените нерви
- подобрување или потполно враќање на обемот на подвижност во зглобот

Oсновната цел на лекувањето со физикални процедури и рехабилитација е целосно или делумно враќање на функционалноста на пациентот за извршување на секојдневните домашни и работни активности со што ќе се зголеми неговиот придонес во семејството и општеството.
Пред три години на нашиот оддел почна да се применува нова метода, т.н.eswl-екстракорпорална shock wave терапија.
Во моментот тоа е високо успешна метода за разбивање на периартикуларни калцификати (калцификати на рамо, шилци на пета).
ШТО Е ОСТЕОПАТИЈА

Остеопатија е систем на мануелна медицина, која како основа за преглед и третман се базира на анатомофизиологија, биомеханика и неурофизиологија на човековото тело, со основна цел да ги реставрира, одржува и подобри функциите на системите во целост. Составена е од три дела:

1˚ Структурна Остеопатија – чија цел е корекција на дисфункциите во локомоторниот систем (зглобовите и меките ткива)
2˚ Висцерална Остеопатија – чија цел е подобрување на функцијата на висцералните системи (органите)
3˚ Кранио-сакрална Остеопатија – чија цел е да ги отстрани дисфункциите во кранио-сакралниот предел преку урамнотежување на циркулацијата на Цeреброспиналната течност

Со своите специфични терапевтски техники може да ги:

- Отстрани/намали болките во зглобовите и мускулите
- Подобри функцијата на зглобовите и рбетниот столб, држењето на телото и движењето
- Ослободи од контрактури, грчеви, напнатост на меките ткива
- Подобри функцијата на меките ткива и висцералните системи
- Елиминира стресот и подобри концентрацијата
- Подобри квалитетот на животот урамнотежувајќи го целиот организам

ИНДИКАЦИИ

Болки и дисфункции во:

- Рбетниот столб и зглобовите на горните и долните екстремитети:
(ишијас, лумбаго, дорзалгија, болки во врат, тортиколис, цервикобрахиалгија, синдроми на торакален канал, карпaлен канал, тениски лакт, дисфункции и изместувања во колено, колк, скочен зглоб, шака, лакт, рамо и друго)
- Контрактури, болки и напнатост на меките ткива – мускули, тетиви и лигаменти
- Стрес, главоболка, болки во висцералните системи како последица на дисфункција на органите

ПРЕГЛЕД И ТРЕТМАН

По запознавање со историјата на болести на пациентот, прегледот започнува со опсервација и барање на асиметрии и аномалии на телото (статички и динамички). Потоа се прават ортопедски и специфични остеопатски тестови заради утврдување на соматски дисфункции на телото, преку кои и во зависност од симптоматологијата на пациентот се воспоставува дијагноза. Во зависност од дијагнозата и состојбата на пациентот се одредува начинот и употребата на остеопатските техники за третирање на истиот (Труст, Миотензивни, Фасцијални, Функционални, Кранио-Сакрална, Висцерална).

ПРИМЕНА И КОНТРАИНДИКАЦИИ

Остеопатските третмани не се агресивни третмани и се доста толерантни и поради тоа може да се применат кај лица од било која возраст.

Контраиндикации: малигноми, скршеници, мозочни изливи, тромбоза, висок стадиум на остеопороза.

ОСТЕОПАТИЈА ВО СПОРТ И БАЛЕТ

Остеопатијата поради своите специфични терапевтски техники се повеќе наоѓа примена во спортот и балетот. Кај нив како последица на континуиран физички стрес, чести се појавите на дисфункции на локомоторниот систем при што доаѓа до намалување на перформансите. Исто така чести се механичките повреди, дислокација на сегменти и зглобови и слично. Остеопатските третмани брзо и ефикасно ги елиминираат дисфункциите во системите поради што периодот на рехабилитацијата значително се намалува и истите побрзо продолжуваат со своите активности што претставува еден битен фактор во професионалниот спорт и балетот.
Од друга страна, со превентивни остеопатски третмани се намалуваат појавите на дисфункции и повреди, зголемувајќи ја можноста за примена на поголем напор за време на редовните активности. Остеопатските превентивни третмани се особено важни за спортистите, а посебно за балетските работници поради фактот што често нивното тело се наоѓа во неанатомска положба и под голем физички стрес.

ПРИМЕНА КАЈ ДЕЦА И МЛАДИ ВО РАСТ

Остеопатските прегледи и третмани се исклучително важни кај деца и млади во раст. Навремено откривање на дисфункции на телото и нивно соодветно третирање овозможува правилен развој на телото и воедно се избегнуваат одредени физички аномалии. Човековото тело е создадено така да во слободна ( неутрална ) положба сите сегменти од телото се наоѓаат под извесно оптоварување. Математичките линии на силата на оптоварување поминуваат низ одредени сегменти од телото со што анатомски го дефинираат телото во смисол на држење во статичка положба и при движење. Дисфункција на одреден сегмент од телото предизвикува поместување на овие линии т.е. доаѓа до промена на напрегањата во сегментите од телото. Ако телото во подолг временси период се наоѓа во ваква состојба може да дојде до појава на аномалии и структурна деформација, како одговор на адаптација на телото во новонастанатата состојба, како на пример:

Дисфункција во пределот на карлицата предизвикува:

- неправилен развој на рбетниот столб при што доаѓа до негово искривување, што всушност претставува еден предуслов за натамошни посериозни проблеми
- неправилно држење и движење на телото
- намалена подвижност на сегментите од карлицата и рбетот
- деформација во долните екстремитети - колено, скочен зглоб/стапало ( варус/валгус )
- привидно скратување или издолжување на ногата
- болки и др.

02 2603 100; 072 443 200

Д-р. Трајанка Димитријеска
спец.по физикална медицина и рехабилитација
email: tdimitrijeska@remedika.com.mk

Љубомир Илиевски
остеопат
email: ljilievski@remedika.com.mk